1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Повторно пукаат на новинари

Драгослав Дедовиќ
9 мај 2018

Новинарката на „Вијести“ Оливера Лакиќ е ранета од огнено оружје во десната потколеница од страна на непознат напаѓач, кој ја пречекал жртвата пред влезот на зградата во која живее. Лакиќ е надвор од животна опасност.

https://p.dw.com/p/2xPsQ
Montenegro Journalistin Olivera Lakic angeschossen
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Bozovic

Основачот и косопственик на „Вијести“, Жељко Ивановиќ, за ДВ вели: „Ова е 25. физички напад врз новинари на 'Вијести' и врз наш имот по 25. изјава на шефот на режимот Ѓукановиќ против 'Вијести', со која нацрта мета на нашето чело и ја отвори новата сезона на лов на наши новинари и уредници. Сѐ додека Ѓукановиќ е господар и цар, 'Вијести' како најкредибилен медиум не само во Црна Гора, туку и во регионот, ќе трпи терор, зашто сите криминални групи за кои пишуваме ние и кои организираат вакви напади ќе бидат заштитени и недопирливи.“

Ова не е прв напад врз Оливера Лакиќ. Пред шест години на истото место ја нападна маж кој подоцна е пронајден и осуден. Меѓутоа, заканите не престанаа, па се поставува прашањето - дали тогаш не бил фатен само обичен пешак во мафијашката структура. Оливера Лакиќ живееше под полициска заштита две години и седум месеци. Извесно време веќе не се занимаваше со новинарство, но, иако трауматизирана, сепак ѝ се врати на својата професија.

„Без граници меѓу мафијата и државата“

Дека животот под полициска заштита не наликува ни одблиску на нормално секојдневие многу добро знае и новинарот Туфик Софтиќ. Во дворот на неговата семејна куќа во 2013 година е фрлена бомба, а неколку години претходно, брутално го претепаа на куќниот праг. Неговиот случај е наведен и во овогодишниот извештај на „Репортери без граници“, на чија листа Црна Гора со години е катастрофално пласирана - оваа година на 103. место.

Повеќе: Да се биде критички новинар во Црна Гора е опасно по живот

Туфик Софтиќ, кој исто така со години живее под полициска заштита додека неговите напаѓачи слободно се шетаат низ градот, дознал дека неговата колешка е нападната токму на пат за Македонија, каде на собирот на ОБСЕ ќе зборува за загрозеноста на независните новинари и системот на неказнивост во Црна Гора. Тој за ДВ вели: „Во Црна Гора досега имаше десетици напади врз новинари, а расветлен не е ниту еден. Посебно не оние кои имаат политичка и криминална позадина. Во Црна Гора мафијата и државата сраснаа и тука веќе не се знае каде е границата. А политичарите, со изјави вперени против критички настроени новинари и медиуми, како што е последната изјава на Мило дека 'Вијести' се фашистички медиум, ги поттикнуваат криминалците да ги повторуваат нападите неказнето. Како Оливера или јас можеме по сѐ што се случи да се чувствуваме слободно и безбедно  во оваа земја?“

Tufik Softic
Новинарот Туфик Софтиќ во болница по нападот во 2007 годинаФотографија: DW/M. Canka

ЕУ миже на едното око

По нападот врз Оливера Лакиќ почна ритуално колнење на полицијата и власта дека ќе направат сѐ за да бидат пронајдени извршителите. Поголемиот дел од критичката јавност во Црна Гора сосема загуби доверба во политичката волја да се застане на пат на неказнивоста на нападите врз луѓе од критички ориентираните медиуми. Европската Унија со праксата на мижење на едно око поради прозападниот курс на Ѓукановиќ, во очите на многу независни новинари е - соучесник.

Жељко Ивановиќ не ја крие својата огорченост. „Сега госпоѓа Могерини нека го пречека Ѓукановиќ во Брисел, силно нека го прегрне и многу нека го пофали за неговите европски вредности и стремежи, и за прогресот кој 'Монтенегро' го постигна во ЕУ-интеграциите. Значи, сѐ додека бриселските шефови ги сведуваат своите реакции и дејствување на изјави на сочувство со медиумите и изразување надеж дека 'надлежните органи ќе ги пронајдат напаѓачите и налогодавачите', независните медиуми ќе бидат глинени голуби и легитимни мети.“