1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се кршат копјата околу минималната плата

ДТЗ
2 февруари 2022

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, уверува дека ќе има консензус за зголемување на минималната плата. Разговорите со синдикатите продолжуваат во петок.

https://p.dw.com/p/46R3i
Symbolbild Gehaltsunterschiede
Фотографија: Andrey Popov/Panthermedia/imago images

Се кршат копјата меѓу работодавачите, синдикатите и Владата околу минималната плата во Северна Македонија. Ниту од денешната тричасовна средба во Владата не произлезе конкретно решение. Разговорите, како што најави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, ќе продолжат во петок. Тој уверува дека има консензус дека минималната плата ќе се зголеми. На маса се два предлози - на Сојузот на синдикати (ССМ) и на Организацијата на работодавачи. 

„Ги уверувам сите граѓани кои се во категоријата на приматели на минимална плата, дека наскоро ќе има консензус околу нивните покачени минимални плати. Но, единствен начин како да се стигне до достоинствена плата за нашите работници, е креирање на систем кој е долгорочен“, изјави Битиќи по состанокот на Економско-социјалниот совет во Владата. 

Според Битиќи,  работодавачите барале да се смени методологијата за усогласување на минималната плата и да се воспостави нов критериум. Од синдикатите, пак,оценуваат дека работодавачите во „5 до 12“ излегле со свој предлог, со што купиле време до петок.

„Овој пат времето работи за работниците. Нека размислат добро, петок е задутре“, изјави Дарко Димовски од ССМ. Според него, ако не бидат прифатени барањата на синдикатите, ќе се пристапи кон генерален штрајк. Синдикатот бара зголемување на минималната плата на 18.000 денари и спирално зголемување на сите останати плати. Како што е објавено на веб-страницата на Собранието, предлог-измените на Законот за минимална плата по скратена постапка ќе се разгледуваат на седницата закажана за 10 февруари 2022 година.