1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папандреу ја губи власта

3 ноември 2011

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу свика итна седница на владата. Нејасно е дали ќе поднесе оставка, ќе предложи преодна влада или голема коалиција.

https://p.dw.com/p/134Wf
Јоргос ПапандреуФотографија: dapd

Во Атина денеска започна кризна седница на грчкиот кабинет, свикана од премиерот Јоргос Папандреу. Според официјално непотврдени информации, Папандреу предложил итно прифаќање на европскиот пакет финансиска помош за Грција од страна на двете големи политички партии со оглед на драматичната состојба. Дали грчкиот премиер планира поднесување оставка, формирање голема коалиција или преодна техничка влада, засега е нејасно.

Претходно шефот на најголемата опозициона партија, Нова демократија, Андонис Самарас, побара формирање преодна влада во земјата и одржување предвремени избори. Самарас е против спроведување на референдумот за пакетот европска помош за Грција, што го најави Папандреу. Спред Самарас, земјата треба да биде водена од преодна влада се‘ додека не се спроведе програмата за помош на Грција, а веднаш потоа треба да следат предвремени избори.

Раскол во ПАСОК

Griechenland Finanzkrise Regierungssitzung in Athen Finanzminister Evangelos Venizelos
Министерот за финансии Евангелос Венизелос прв му сврте грб на ПапандреуФотографија: dapd

На Папандреу му се заканува губење на власта. Бројни министри и пратеници на неговата Социјалистичка партија ПАСОК денеска побараа формирање „влада на национален спас“. Најмалку двајца пратеници, според националната телевизија НЕТ, најавија дека ќе му ја ускратат довербата на Папандреу на утрешното гласање доверба за неговата влада во грчкиот парламент. Со тоа Папандреу со само 150 пратеници веќе би немал мнозинство во парламентот.

Пред кризната седница на владата според грчките агенции се сретнале тројца министри, кои важат за можни наследници на Папандреу. По состанокот на министерот за здравство, Андреас Ловердос и за сообраќај, Јанис Рагуцис, министерката за образование Ана Диамантополу изјави дека Грција мора да го прифати пакетот европска помош, договорен на самитот во Брисел, за да остане членка на еврозоната. Тројцата министри заговараат „влада на национален спас“ со учество на опозицијата. Претходно, против Папандреу застана и министерот за финансии Евангелос Венизелос, отфрлувајќи ја идејата за референдум за пакетот помош.

Остри пораки од Кан

На синоќешниот состанок со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози во Кан, Папандреу доби остри пораки поради најавата за организирање референдум.

Frankreich Deutschland Finanzkrise Krisetreffen G20 Gipfel in Cannes Angela Merkel und Nicolas Sarkozy
Ангела Меркел и Никола СаркозиФотографија: dapd

„Сакаме да помогнеме. Исто така сакаме Грција да остане во евро-зоната. Но, сега ја имаме едностраната одлука на Грција и тоа ја измени ситуацијата. Затоа велиме многу јасно: шестата транша помош може да биде исплатена кога Грција ќе ги прифати сите делови од одлуката на самитот на ЕУ од 27 октомври и дополнително ќе ги расчисти сите сомнежи околу исходот на најавениот референдум, значи кога тој ќе донесе позитивен исход во насока на еврото. Исто така ставивме јасно на знаење дека на референдумот во основа ќе се решава за тоа дали Грција сака да остане во евро-зоната или не?, рече Меркел.

Двајцата исто така му кажаа на Папандреу дека многу ги налутил фактот што не биле на време информирани за неговите намери да спроведе референдум. Исто така му порачаа дека она што е договорено на самитот на ЕУ во Брисел околу помошта за неговата земја нема повторно да биде тема на преговори.

„Еврото како целина мора да остане стабилно. Сакаме тоа да го постигнеме порадо со Грција, отколку без неа. Но, задачата еврото да го одржиме како стабилна валута има приоритет. Тоа е задача кон која се сметаме повеќе обврзани“, нагласи Меркел.

Автор: ЖА/БГ/дпа/афп

Редактор: Борис Георгиевски