1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папандреу - со референдум до легитимација директно од народот

3 ноември 2011

По ненадејната најава за референдум за пакетот мерки, кој предвидува отпишување на половина од долговите на Грција: премиерот Папандреу и нема многу алтернативи. Коментар на Спирос Москову.

https://p.dw.com/p/134Ij

За пакетот треба да се изјаснат граѓаните, кои и без тоа се бунат и протестираат против мерките за штедење, со кои е условена меѓународната помош. Неговото отфрлање би ја довело Грција во банкрот во најкраток рок, од што би резултирало таа да мора да ја напушти зоната на еврото, а „стариот континент“ би влегол во нови финансиски турбуленции.

Грците се против мерките за штедење, но не и против еврото

Но, премиерот Јоргос Папандреу и нема многу алтернативи. Најдобар предуслов за реализација на ригидните мерки за штедење е национален консензус, а тој е малку веројатен со опозиција која огорчено опстојува врз спротивен курс. Нови избори, според последните сондажи, повеќе би воделе во пат-позиција, оти не би донеле позначајна предност ни за владеачкиот социјалистички ПАСОК, ниту за конзервативната Нова демократија.

Со најавениот референдум, пак, премиерот Папандреу сака да добие нова легитимација директно од народот. Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека мнозинството Грци ги отфрла мерките за штедење, но не безусловно и иднината во еврозоната. Значи, ако референдумското прашање биде соодветно формулирано, поверојатно е дека одговорот ќе биде ДА - за останување во европското семејство. Со тоа владата ќе може да го спроведе планот за спасување на земјата, протестите би спласнале - порано или подоцна, а опозицијата веќе не би можела да се извлекува од одговорноста и да се однесува како мерките за штедење да се непотребен диктат на пакосни сили од страна. Тоа е сметката на Папандреу.

Spiros Moskovou
Спирос МосковуФотографија: DW

Самарас е против политички консензус

Вистински скандал е однесувањето на Нова демократија. По катастрофалниот избворен пораз на конзервативниот премиер Костас Караманлис пред две години, за нов претседател на партијата беше избран Антонис Самарас, политичар од втората гарнитура, кој уште на почетокот на 90-тите години како министер за надворешни работи го торпедираше решението за неизречливиот (невообичаениот?) спор со Македонија околу името и ја собори тогашната влада. Денес, како водач на опозицијата, Самарас води огорчена борба против мерките за консолидација и ветува, доколку дојде на власт, нови преговори за непопуларните пакети за спас. И покрај тоа, сродните партии во Европарламентот и натаму и’ се додворуваат на Нова демократија, а ЕУ, Европската централна банка и ММФ досега јавно не ставија на знаење дека под овие околности не ќе бидат можни нови преговори со Грција. А земјата сега талка кон референдум, наместо да биде водена кон здрав политички консензус.

Автор: Спирос Москову

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Борис Георгиевски