1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џонсон: Со жалење ја напуштам најдобрата работа на светот

ЖА / агенции
7 јули 2022

Откако на крајот остана речиси без влада, британскиот премиер најави оставка од партиското кормило, но на чело на владата ќе остане до наесен.

https://p.dw.com/p/4Do9f
Großbritannien | Boris Johnson kündigt Rücktritt an
Фотографија: Frank Augstein/AP/picture alliance

Британскиот премиер Борис Џонсон се повлекува од лидерската позиција на неговата Конзервативна партија, но и натаму ќе продолжи да ја извршува премиерката функција, додека да биде избран негов наследник, објави тој денеска во Лондон.

Кратко пред да ја соопшти својата оставка, Џонсон именуваше нови министри.

Меѓутоа, бројни негови сопартијци инсистираат  Џонсон веднаш да го напушти и шефовското место во владата, а опозицијата бара распишување нови избори.

Во изминативе денови,  британскиот премиер  се најде под огромен притисок, повеќе негови  министри и редица владини соработници  дадоа оставка во знак на протест против Џонсон. Дури и во вторникот именуваниот нов министер за финансии, Надхим Захави, го повика Џонсон да се повлече. Захави, исто како и министерката за надворешни работи Лиз Трас и министерката за трговија, Пени Мордонт, фигурира како можен наследник на премиерот, но според анкетите најголеми изгледи за позицијата има министерот за одбрана, Бен Валас. Официјално, досега своја кандидатура најави единствено генералната обвинителка, Суела Браверман.

Лидерот на Лабуристичката партија, Кир Стармер ја поздрави оставката на Џонсон, со барање за „свеж почеток", гледајќи тука шанса за опозицијата: „Сега е потребна лабуристичка влада, а ние сме спремни.“

Повод за најновата владина криза во Вестминстер беше афера со недолично сексуално однесување на партискиот колега на Џонсон, Крис Пичер. На виделина излезе информација дека премиерот бил запознат со слични претходни обвинувања против Пичер, а сепак го протежирал за висока функција, факт што портпаролот на Џонсон упорно го негираше во повеќе наврати.