060409 Obama Ankara
7 април 2009Американскиот претседател Барак Обама го искористи говорот во турскиот парламент да испрати сигнали дека е подготвен на приближување со исламскиот свет.
„САД не е во војна со исламот, и никогаш нема да води таква војна“, рече Обама. Тој исто така се заложи и за подлабоко партнерство со муслиманите. Ова заедништво е важно и за борбата против есктремистите и терористите, кои се закана за целиот свет.
Поддршка за прием на Турција во ЕУ
Обама ја означи Турција како најважен сојузник на САД на многу полиња. Тој ја повтори поддршката за побрз прием на Турција во ЕУ:
„САД силно ги подржуваат напорите на Турција за членство во ЕУ“. Обама додаде дека Турција со Европа не е поврзана само со мостот на Босфор, туку многу повеќе. „Таа со векови има заедничка историја, култура и економија со Европа“, нагласи Обама и додаде дека земјата мора да ги реализира политичките реформи.
Ерменското прашање-жешка тема
Обама, кој претходно на ерменската дијаспора во САД и’ вети дека ќе се залага турското масовно убиство врз Ерменците во Првата светска војна да се нарече „геноцид“, во Турција дипломатски успеа да се извлече и да не ја изусти ваквата констатација. Тој нагласи дека ако Ерменците и Турците се обидат да одат напред и да се соочат со тешката и трагична приказна, тогаш светот треба да ги охрабри во тоа.
Обама денеска оди во Истанбул, каде ќе се сретне со претставници на религиозните заедници. Со посетата на Истанбул Обама ја завршува повеќедневната европска турнеја.
Автор: Улрих Пик/ Невена Георгиевски
Редактор: Жана Ацеска