Повеќе починати отколку новородени во С. Македонија
2 јули 2021Пандемијата донесе негативен природен прираст од 6.724 луѓе во Северна Македонија. Во екот на Ковид-19 минатата година се родиле 19.031, но починале многу повеќе - 25.755 лица. Природниот прираст е негативен и изнесува 4.690 лица во градските подрачја и 2.034 лица во селските подрачја. Само Скопскиот регион бележи позитивен природен прираст, а останатите региони бележат негативен природен прираст.
-повеќе на темата: Ковид-19 не е главната причина за големата смртност во С. Македонија
Во градските подрачја починале 15.948 лица или 61,9 %, а 9.807 лица или 38,1 % умреле во селските подрачја. Најголемо учество во однос на вкупнот број починати лица, по региони, има Скопскиот со 28,5 %, а најмало Вардарскиот Регион со 8,1 %. Во градските подрачја починале 64 доенчиња, додека во селските подрачја 44. Просечната возраст на умрените лица во градските подрачја изнесува 73,1 година, а во селските 73.6 години.
Податоците на Државниот завод за статистика, покажуваат дека во градските подрачја имало 11.258 новороденчиња или 59,2 % од вкупниот број на живородените деца, додека 7.773 или 40,8 % деца се родени во селските подрачја. Најголемо учество во однос на вкупнот број раѓања по региони има Скопскиот со 38,8 %, а најмало Источниот Регион со 6,1 %.
-повеќе на темата: Иселувањето во странство и намалениот наталитет - закана за Македонија
Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања во градските подрачја изнесува 29,8 години, а 28,4 години во селските подрачја. Просечната возраст на мајките коишто го родиле своето прво дете во градските средини е 28,1 година, додека селските подрачја е 25,9 години.