1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов јавен сервис, стари проблеми

Јоргос Пападимитриу / Елизабета М. Фиданоска7 ноември 2014

Пред една година грчката полиција ја испразни зградата на државната телевизија ЕРТ, која беше окупирана од страна на новинарите. Најавата на владата дека ќе основа независен јавен сервис се покажаа како празно ветување.

https://p.dw.com/p/1Ditx
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Во јуни 2013 година грчкиот премиер Андонис Самарас со декрет ја прекина работата на државната радиотелевизија ЕРТ, која беше хронично во финансиски минус. Сите 2.650 вработени беа отпуштени одеднаш. Поради неопходноста од штедење мора да се направи остар рез, беше речено тогаш. Освен тоа, владата си постави за задача да го уништи тоа легло на корупција и сива економија и да создаде значително „потенок“ јавен сервис, по углед на британски Би-Би-Си. Стотици отпуштени новинари тогаш, во знак на протест, ја зазедоа централата на ЕРТ во Атина и соопштија дека едноставно ќе продолжат со продукција на својата радио и телевизиска програма. Специјалните единици на полицијата дури во ноември успеаја да ја испразнат зградата. Во мај годинава со работа почна радиотелевизијата наследник - НЕРИТ.

Сепак, 400 вработени во поранешната државна радиотелевизија и натаму емитуваа протестна програма преку интернет и на радио-фреквенции. „Не се предаваме, иако заврши нашето право на додаток за невработени, кое трае 12 месеци. Сакаме комплетно да се врати ЕРТ“, објаснува радиоводителот Никос Цимпидас во разговор за ДВ. Во текот на изминатите месеци поранешните соработници на ЕРТ постигнаа неколку важни успеси и меѓупобеди: „17 заземени локални станици кои некогаш беа дел од мрежата на ЕРТ во меѓувреме ја емитуваат нашата протестна програма“, нагласува новинарот Цимпидас.

Griechenland Räumung des besetzten Rundfunkgebäudes in Athen
Полицијата ја испразни зградата на ЕРТ пред една годинаФотографија: Reuters

Дека поранешната државна радиотелевизија имала голема потреба од реформи му е јасно и на долгодишниот соработник на ЕРТ Цимпидас. Се разбира дека „имаше извесни проблеми“, но тоа ни оддалеку не беше причина за исклучување на медиумот по кратка постапка и за негова замена од страна на еден чисто владин сервис каков што е НЕРИТ, нагласува новинарот.

Во секој случај, во моментов нема многу нешта кои зборуваат во прилог на тоа дека новиот сервис го има зад себе оставено недомаќинското работење, еден од главните проблеми на ЕРТ. Само неколку недели откако почна со работа, првиот шеф на Управен одбор на НЕРИТ, Јоргос Прокопакис во мај беше отпуштен од работа, по што тој на Фејсбук обвинуваше за нетранспарентност и политички интервенции. На негово место дојде угледниот правник Андонис Макридимитрис, но и тој изнервирано крена раце во текот на летото. Кормилото потоа го презеде Петрос Маис, економист кој цели 38 години беше вработен во ЕРТ. Дали тоа личи на нов почеток?

ERT Open Rundfunk Griechenland
Фотографија: DW/Greta Hamann

„НЕРИТ не ги има надминато старите проблематични модели на однесување на ЕРТ“, оценува Јоргос Плиос, професор за медиуми на универзитетот во Атина. Тој за ДВ вели дека новиот медиум дури е под многу поголема владина контрола отколку медиумот пред него и тоа влијание може, со оглед на политичките судири во земјата кои ескалираат, и натаму да се зголемува. Во моментов, според него, во Грција за жал нема независен јавен сервис. Тоа што оние што се на власт новиот медиум го споредуваат со британски Би-Би-Си, според професор Плиос, е речиси комично.

Улогата на приватните медиуми

По затворањето на поранешната државна телевизија ЕРТ, летото 2013-та, грчките медиумски синдикати најавија штрајкови и протести. Прекин на работата поради затворањето на ЕРТ имаше и во приватните медиуми. Солидарноста меѓутоа не траеше долго. Владини политичари даваа интервјуа на приватни медиуми на кои силно го бранеа затворањето на државната ЕРТ. Левичарската опозиција пак, го бојкотираше новиот медиум НЕРИТ и вети дека во случај на изборна победа повторно ќе го врати во етерот стариот медиум и дека повторно ќе им даде договори за работа на сите некогашни вработени во ЕРТ.

Griechenland Generalstreik nach Schließung des staatlichen Rundfunksenders ERT
По затворањето на ЕРТ имаше штрајкови, но солидарноста со ЕРТ не траеше долгоФотографија: picture-alliance/AP

Професорот Јоргос Плиос смета дека е многу неверојатно приватните медиуми, поради недостиг од вистинска јавна конкуренција, да придонесат за одмерено известување, критички настроено кон власта: „Од истражувањата направени во врска со известувањето за кризата произлегува дека дел од приватните медиуми во Грција избегнуваат прејасна критика на владата. Тоа се должи на тоа што се упатени на помош од владата за да добиваат и натаму поволни кредити“, објаснува експертот за медиуми. Освен тоа, правната рамка за телевизискиот пазар е делумно се‘ уште нејасна, со оглед на тоа што ниту еден приватен електронски медиум нема трајна лиценца за емитување програма.

Таквата зависност и испреплетеност на политичките и економските интереси имаат за последица голем број Грци да им веруваат се‘ помалку на медиумите во земјата, подвлекува Плиос. Ваквиот став е поткрепен и со редовните истражувања на јавното мислење од страна на Евробарометар: над 80% од испитаниците за телевизиите во земјата сметаат дека не се од доверба, а со многу скепса се гледа и на радио-станиците и дневните весници.