1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Нов потсетник во Берлин: Што значи да си протеран од домот

Фолкер Витинг
21 јуни 2021

Во Берлин се отвара Центар кој е посветен на протерувањата ширум светот, но и на 14 милиони Германци кои по крајот на Втората светска војна го изгубиле своето огниште. 

https://p.dw.com/p/3vHOq
Deutschland Berlin | Dokumentationszentrum Flucht, Vertreibung, Versöhnung
Фотографија: Markus Gröteke, Berlin

Одеднаш се се случило сосем поинаку од планираното. Војната ги уништила сите планови на Штефан Фергер кога имал само 14 години. Наместо да оди во интернат, тој е протеран. Неговото семејство бега од советските сили од северниот дел на Србија, во тоа време дел од Југославија. Штефан е „најстар маж" во групата и затоа добива задача на предводник се до горна Австрија. Тоа е една од приказните во Центарот кои сведочат за бегство, протерување и помирување. Местото потсетува на најтемната страна на германската историја и нејзините последици – на само еден ипол километар од веројатно најпознатиот потсетник на злосторствата на нацистите за време на Холокаустот. Денеска (21.6.) Центарот официјално го отвора канцеларката Ангела Меркел. 

„Да се разбере што значи загуба"

Гундула Бавендам е трезвен научник и од 2016 директорка на Центарот за документирање. Вели дека центарот е место за учење и потсетување: „Во Центарот станува збор за протерувањето на Германците, но и за многу други луѓе." Бавендам вели дека над се стои испишана една реченица како поука: „Да се разбере што значи загуба."

На првиот кат на Центарот посетителите може да се нурнат во европската и светска приказна на присилна миграција, па се до протерувањето на луѓето од Сирија или муслиманските племиња Рохинга од претежно будистичкиот Мјанмар.

До судбината на 14-те милиони Германци изложена на вториот кат може да се дојде само откако претходно ќе се помине делот за нацистичкото време, Холокаустот и улогата на победничките сили. На тој начин сликовито се прикажани причините и последиците од историските случувања.

Протераните не биле претерано добредојдени на Запад 

Третиот дел од изложбата е посветен на доаѓањето и распределбата на протераните во тогашните окупирани зони во Германија. На повеќе од 5 илјади метри квадратни има експонати, видео снимки од очевидци и табли со податоци. Центарот е сместен во т.н. „зграда на Германија” која е историска градба што за оваа цел беше санирана за 63 милиони евра. 

Германските нацисти Европа и светот ги вовлекоа во страшна војна на деструкцијакоја милиони и милиони луѓе ја платија со живот. Кога војната заврши, за многу Германци од истокот, но и за безброј Полјаци и Унгарци започнаа протерување и бегство. Т.н. внатрешно раселени лица мораа да бегаат во правец запад, каде беа зоните на четирите победнички сили. Во советската зона на пример по војната околу четвртина од населението биле бегалци. Најпрво не биле добредојдени во време кога заради уништувањата од војната насекаде владеел недостиг од намирници и глад. Многу од протераните во западна Германија подоцна се поврзале во здруженија, кои најчесто биле со конзервативна ориентација. Во раните години на Сојузна Република Германија протераните и пребеганите сочинувале повеќе од 20 проценти на гласачите. Во Источна Германија протераните ги викале „преселници". Најпрво им била давана помош за интегрирање. Од 1950 година темата протерување речиси и да бида табуизирана. 

Deutschland Berlin | Dokumentationszentrum Flucht, Vertreibung, Versöhnung
Бегство, прогони, помирување - мапа на присилните преселби на ГерманцитеФотографија: Volker Witting/DW

Бесконечен спор околу „исправниот“ пристап

Вистинско мало чудо е тоа што сега изложбата ќе биде отворена. Поминаа 22 години од првичната идеја до конечната изложба. Ова се должи на фактот што темата протерани секогаш предизвикувала политички контроверзи, особено со Ерика Штајнбах. Долгогодишната пратеничка од 1998 до 2014 година беше влијателна претседателка на Сојузот на протерани (БвД) со околу 1,3 милиони членови и ги застапуваше интересите на внатрешно раселените лица. Уште кон крајот на минатиот век таа имаше идеја да се основа ваков Центар. Но, темата околу локацијата, поставката и организацијата на проектот предизвикаа долготраен спор, кој доведе и до дипломатско негодување во соседните земји, особено во Полска. Скепсата произлезе од тоа што Германците може да се претстават себеси како жртви и да го одвлечат фокусот од вината за нацистичкото време. 

Германскиот Бундестаг во 2008 донесе одлука за основање на Фондација. Штајнбах го загуби влијанието. Во 2017 таа се повлече од ЦДУ и оттогаш ја поддржува деснопопулистичката АфД. Директорката Гундула Бавендам не ја покани на отворањето. 

Поддршка од политиката

Во надзорниот одбор на Документацискиот центар се претставници на владата, црквите и Сојузот на протерани, но и политичари. На пример, пратеникот од ЦСУ, Штефан Мајер. Овој Центар нему како „внук на Судетски Германци“ особено му лежи на срце, вели тој за Дојче Веле. Спомен местото придонесува за „помирување на Германците сами со себе“. Домашните протерани лица конечно имаат место на кое „ќе се приспомнува на милиони различни судбини и ќе се тематизира ова последно поглавје од Втората светска војна“. 

„Болно поглавје“ 

На прес конференција директорката Гундула Бавендам беше прашана зошто сето ова траело толку долго. „На општествата често им е потребно подолго време да се соочат со болните поглавја од нивната историја“, одговори директорката. 

На 23 јуни Центарот ги отвора вратите за јавноста. Влезот е бесплатен.