1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лицемерно и неуспешно

Бернд Ригерт / превод: ЕМФ24 ноември 2015

Очајните баратели на азил на грчко-македонската граница се трагичен показател за тоа дека ЕУ не е во состојба да излезена крај со се‘ поголемата бегалска криза, оценува Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1HBrh
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

Разбирливо е што политката и медиумите по одвратните терористички напади во Париз се концентрираат на безбедносната состојба, потрагата по извршителите и борбата против т.н. „Исламска држава“. Но, во сенка на теророт, бегалската криза во Европа се шири се‘ повеќе. Погледот не смее да се врти настрана. Проблемите на границите на Балканот наместо да се намалуваат - се зголемуваат! Досегашниот половичен обид за етаблирање заедничка европска бегалска политика, остана без плодови. Целта - да се забави миграцијата од Турција преку Грција, Балканот се‘ до Германија - не е постигната, и покрај многу вонредни самити и кризни средби.

На лидерите на држави или влади уште при носењето на заклучокот требаше да им биде јасно дека нивните рецепти нема да делуваат. Ефикасна контрола на надворешните граници на ЕУ - нема. Функционални капацитети за прием на бегалци во Грција - нема. Праведен механизам за распределба на бегалците во рамките на ЕУ - нема. Кој може се оградува и се надева дека Германија ќе продолжи како што почна. Бегалците и мигрантите се и натаму принудени на марш низ Европа на студ и дожд.

До кога вака?

Откако Шведска капитулираше пред напливот на бегалци, практично само Германија останува земја која ги прима. Дневно во Германија доаѓат до 6000 луѓе. Така нема да може да се издржи уште долго. Покраините се бунтуваат против сојузот. Канцеларката е под огромен притисок. До Божик бројот на новодојденци годинава ќе ја надмине границата од еден милион. И тоа ќе продолжи и наредната година.

Некои транзитни земји сега почнаа да ги задржуваат на своите граници луѓето од Пакистан, Авганистан или од африканските земји. Илјадници луѓе на македонско-грчката граница се наоѓаат во лоши, нечовечки услови. Луѓето се толку очајни што се сакатат со зашивање на устата. Полицијата стравува од избивање на насилства меѓу различните групи бегалци. И тоа е само најава за она што би можело да се случи ако и Германија ги реализира своите најави и ги одбива луѓето кои имаат само мали шанси да добијат азил.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Илјадници и илјадници луѓе би завршиле во Австрија, Словенија, Хрватска, Македонија или Грција. Тие би биле жртви на една досега неуспешна европска политика кон бегалците. Тврдењето на политичарите дека состојбата овде може да се промени со создавањето центри за регистрирање и со контингенти е едноставно лага. Имено, овој систем претпоставува комплетно затворање на надворешната граница на ЕУ. Тоа, пак, на грчко-турската граница не може вистински да се спроведе - ниту логистички, ни политички.

Турција е немоќна

Сега сите надежи да се положат во Турција и да се сугерира дека Турција би можела со пари и добри зборови да се натера да ги задржи кај себе сите сириски воени бегалци, е чиста бесмислица. Од една страна, Турција тоа воопшто не може да го реализира. Таа би морало да го затвори својот брег и за само неколку недели драматично да ги подобри условите за живот на бегалците во Турција. Од друга страна, низ Турција не поминуваат само Сиријци и Ирачани. Се‘ повеќе луѓе од Авганистан, Пакистан, Иран и Еритреја бегаат преку Турција. Треба ли сите да се запрат? Како? Освен тоа, сите што помислуваат на бегство во моментов од Европа добиваат сигнал кој повеќе оди во насока: „Бегај сега, пред вратите да бидат затворени!“ Тоа уште повеќе го зголемува бројот на оние што доаѓаат.

На мажите, жените и децата кои во моментов чекаат на македонската граница им е сеедно за ваквите политички игрички во ЕУ по прашањето на бегалците. Тие страдаат без да знаат зошто. Тоа е срам за Европа. Ние мора да погледнеме во нивна насока.