Напаѓачот од Ботроп не ѝ бил познат на полицијата
2 јануари 2019Нападот во Ботроп се случи во првите минути по доаѓањето на Новата година. 50-годишен маж со возило се втурна во група минувачи, главно странци, и повреди најмалку осум лица, меѓу кои и едно дете. Една жена е во животна опасност. Потоа напаѓачот со возило од марката Мерцедес избега во Есен, каде исто така се обиде да изврши напад на ист начин, но во него нема повредени.
Полицијата вчеравечер на Твитер упати повик до сите кои имаат слики или видеа од настаните, нив да не ги шират на интернет, туку, во интерес на истрагата, да ги стават на специјалниот портал на Германската криминалистичка служба.
Министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна Вестфалија, Херберт Ројл, по првото сослушување на сведокот, кој при апсењето дал ксенофобни изјави, рече: „Овој човек имал јасна намера да убие странци“.
Според информации на магазинот „Шпигел“, 50-годишникот при сослушувањето рекол дека големиот број странци се проблем за Германија и тој сакал да го реши тој проблем. Инаку, според првичните сознанија, напаѓачот има шизофрена болест и во минатото најмалку еднаш бил упатен во психијатриска болница, пишува „Шпигел“.
Повеќе: Напад во Ботроп со можна ксенофобна позадина
Иследниците уште во текот на вчерашниот ден наведоа дека имаат „првични сознанија за психичко заболување“ на напаѓачот. Тој досега не ѝ бил познат на полицијата. Дел од медиумите јавија дека при претресот на станот на напаѓачот досега не биле пронајдено ништо што би го поврзало со деснорадикалната сцена.
Покраинскиот премиер на Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет, на граѓаните им се обрати преку Твитер: „На овој новогодишен ден целта за 2019 е појасна од кога и да е - заедно да му се спротивставиме на десничарското насилство. Борбата против омразата кон други луѓе ќе ја продолжиме ангажирано, со сите средства на правната држава.“