1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На улица против самозаљубениот Вучиќ

СН/ дв
31 декември 2018

Во Србија јакне незадоволството од Вучиќ, пишува во анализите на весниците на германски јазик. Тој е опишан како агресивен популист, пасиониран фалбаџија, човек кој го дели општеството на нему верни и на „предавници“

https://p.dw.com/p/3Aonf
Serbien Anti-Regierungs-Proteste in Belgrad
Фотографија: Reuters/M. Djurica

„Истомислечките српски медиуми кон протестите се однесуваат на два начина: едни сосема ги премолчуваат, други, пак, известуваат за опозициски 'ѓубриња, крадци, криминалци, тајкуни и фашисти', кои со ' валкани, украдени пари' организираат демонстрации за да 'дојдат на власт и повторно да ја ограбат Србија'“, пишува весникот Тагесцајтунг за протестите во Белград, кои траат веќе четири саботи.

„Тоа се повторува како мантра, постојано, десетици пати дневно, во секоја пригода - дури и кога станува збор за сообраќајна несреќа со фатални последици. Опозицијата е виновна за сѐ. Една од причините за протестите се токму систематските вербални напади и медиумските кампањи на претседателот Вучиќ и неговите следбеници против опозицијата, критичките медиуми, неистомислениците“, додава берлинскиот весник и продолжува:

„Веќе шест години Вучиќ и неговата Српска напредна партија (СНС) се на власт. Претседателот на државата се прикажува себе си како народен трибун, околу него се создаде култ на личност, тој се постави над парламентот и владата. Неговиот агресивен популизам ги дели граѓаните на Србија на примерни патриоти , кои го поддржуваат и 'предавници и криминалци' кои се против него. Тука нема средина и дијалог. Поинакви мислења не се толерираат“.

Повеќе на темата:

-Рециклажа на страв во Србија

-„Долу Влада!“: Огорченост ја зафаќа Европа

-Деца на колапсот

Печатот на германски јазик ги пренесува проценките на организаторите дека на последните протести во саботата се собрале 40-тина илјади луѓе, но и проценките на некои дописници на странски новински агенции кои говорат за „преку 20 илјади“ или „околу 25.000“ учесници. Медиумите пишуваат и дека власта тендира да „преброи“ далеку помалку луѓе на улиците. Швајцарскиот весник Ноје цирхер цајтунг, приказната за само 5000 демонстранти ја нарекува „очигледна лага“ на министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ.

Serbien Anti-Regierungs-Proteste in Belgrad
Фотографија: Reuters/M. Djurica

„Вучиќ е моќник, кој ги влече конците во земјата, иако претседателската функција во Србија уставно е дефинирана со малку ингеренции. Опозицијата ја обвинува власта дека, во осигурувањето на моќта и на личното богатење, се потпира и на експоненти на организираниот криминал. Факт дека државната сила не го зауздува растечкиот криминал на бандите во земјата“, додава циришкиот весник.

За досегашните и идни протести Ноје цирхер цајтунг пишува: „Силите критички настроени кон властите, во секој случај делуваат решени да не го ослабат протестот со своите меѓусебни разлики, како што се случи на почетокот 2017 година. Како и во Унгарија, каде власта профитира од поделбите кај нејзините противници, така и во Србија мора да се сочека да се види дали единството ќе потрае“. 

„Српската маргинализирана опозиција дава знаци на живот во оваа фактички еднопартиска држава“, пишува пак австрискиот весник Пресе. Дописникот на овој весник потсетува дека Западот - посебно германските демохристијани - го „тинтраат“ Вучиќ бидејќи во него видоа голема надеж во решавањето на косовскиот спор. Сепак, тоа решение, веќе шест полни години не е на повидок.

„За тоа време демократијата, слободата на печатот и поделбата на власта стојат сѐ полошо во земјата кандидат за ЕУ, Србија. Наместо повлекување на државата, владејачката партија според унгарскиот пример, сѐ посилно ги стега медиумите и правосудството. Дури и во дебатите за буџетот во парламентот, опозицијата едвај доаѓа до збор: СНС поднесува стотици бесмислени амандмани на сопствените предлози и така ја држи опозицијата далеку од говорницата“, се додава во текстот. 

„Вучиќ уште е убедливо прв во испитувањата на јавното мислење - на секои избори неговата СНС триумфира меѓу другото и поради медиумската моќ која ја поседува. Но незадоволството од овој пасиониран обожавател на самофалбаџиство и големи ветувања се зголемува - и тоа не само во главниот град. Никако да дојдат тие подобри времиња, кои претседателот постојано ги најавува. Наместо тоа, отрезнување од реалноста: десетици илјади млади Срби секоја година ја напуштаат земјата“, заклучува весникот Пресе.