1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На ред е Грција

24 март 2011

Со презентација на грчките аргументи, денеска (24.03) во Меѓународниот суд на правдата во Хаг продолжува првиот круг од усната расправа по тужбата на Македонија против Грција. Што носи процесот за спорот околу името?

https://p.dw.com/p/10gdR
Во судницата на Меѓународниот суд на правдатаФотографија: MIA

Бројната интернационална дипломатско-адвокатска екипа која ја застапува Македонија во процесот против Грција е задоволна од презентацијата на аргументите - каде, зошто и како властите во Атина ја прекршувале Времената спогодба, ставајќи вето за македонското членство во евроатланските асоцијации. Денеска и утре следуваат одговорите на грчкиот застапнички тим, па следната недела вкрстено соочување на двете страни пред делителите на меѓународната правда во Хаг. Добро упатени извори за ДВ велат дека „македонските презентации главно беа по точките на напад од грчка страна, со обезвреднување на нивните претпоставени одговори и зошто противничките позиции правно не се издржани“.

„Грчките аргументи ги знаеме, нема да има ништо ново. Нивните адвокати на околу 400 страници собрале своја виситина, но не ќе можат, ако предходно не ги пријавиле, да изведуваат ад хок документи, со што би ги оспорувале изнесените македонските докази. Властите во Атина свесно ја кршеле Спогодбата со попречување за влез на Македонија во други меѓународни организации, дури и под рефернцата ПЈРМ“ - гласи една од главните поенти на македонскиот правен тим, велат извори присутни на процесот пред Хашкиот суд на правдата.

Одлуката на Судот не го решава спорот со името

Тандемот универзитетски професори по меѓународни односи, Сашо Георгиевски и Тони Десковски, кои се во Хаг, го импресионирале Филип Сендс, еден од адвокатите и странски експерти што го сочинуваат македонскиот правен тим пред Меѓународниот суд на правдата. „Со нив работевме многу професионално и бевме импресионирани од македонските експерти“, вели тој во изјава за „Утрински весник“. Според Филип Сендс, „ако Судот одговори позитивно на македонската тужба, Грција повеќе не ќе може да се однесува како досега. Една можна последица е отворање на портата за членство во НАТО, но тоа, се разбира, ќе има и политички последици и ќе треба да почекаме“, одговрил професорот и адвокат Филип Сендс.

Der mazedonische Außenminister bei der Anhörung zum Namensstreit zwischen Mazedonien und Griechenland
Министерот за надворешни работи Антониот Милошоски е застапник на Македонија пред СудотФотографија: MIA

Но, одлуката на Меѓународниот суд за правда не го решава спорот околу името, ниту треба да ги запре преговорите, кажа за ДВ, пред да замине за Хаг, професорот Тони Десковски, главниот владин консултант:

„Суштинската заштита на право од Времената спогодба за Македонија во исто време значи и нејзина обврска да се придржува кон договореното. Една од нив е облигацијата да се преговара за спор околу името.“

Десковски не очекува дека Судот ќе се прогласи за ненадлежен или дека неговиот став ќе биде необврзувачки за ОН.

Преговори за името и доколку има избори?

Домашните експерти, кои со внимание го следат финишот од процедурата во Хаг, со поделени толкувања за нејзиното значење за компромисот околу името. Професорот Мерсил Биљали оценува:

„Проблемот е пред се‘ политички и Македонија многу губи ако продолжува неговото траење. Ние мора да ја задржиме волјата за преговори, зашто правна и фактичка разврска не може да се очекува со пресуда на Судот за правда во Хаг.“

Prof.Dr. Mersel Bilalli FON Universität
Професор Мерсел Биљали: Проблемот околу името е пред се‘ политичкиФотографија: Fatos Musliu

Наспроти професор Биљали, Јана Лозановска, докторант за меѓународни спорови и право, за ДВ неодамна кажа: „Судот ќе направи толкување околу тоа што се подрабира под одредбата од Спогодбата дека Грција нема право на вето или блокирање членство на Македонија во други меѓународни асоцијации, дури и под референцата запишана во ОН, а тоа е ПЈРМ.“

Постапката пред Меѓународниот суд на правдата и (не)извесноста околу предвремените парламентарни избори го засени преговарачкиот процес меѓу Скопје и Атина и повторно ја забавува медијацијата на Нимиц. Не е исклучено премиерите на двете земји, Папандреу и Груевски, денеска во Брисел, да се договорот за продолжување на процесот во Њујорк и за време на македонско предизборје. Екс-премиерот Љубчо Георгиевски, во неделата, на собирот на неговата ВМРО-НП, иницира декларација со која победничката коалиција ќе се обврзе, во својот мандат, да го реши спорот за името и Макдонија да стане членка на евроатланскиот клуб, најмалку на НАТО. Тоа би бил новиот македонски патриотизам, кажа Георгиевски.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема