1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Мурали и „златни метли“

Катерина Богоева
22 јуни 2019

Во Скопје, Велес и Струмица уметници и активисти со свои дела укажуваат на важни теми од човековото живеење

https://p.dw.com/p/3KplE
Nord-Mazedonien Wandmalerei
Фотографија: Aleksandar Donchev

И оваа пролет во Скопје, но и во  дел од градовите на Северна Македонија освен што се менуваат и стануваат сѐ повпечатливи боите на природата, во јавниот простор поприсутни се и уметничките  дела и акции. Во текот на мај беа создадени нови мурали во Скопје, Велес и Струмица, а  во главниот град се огласи и Единицата за брзи артивистички акции. Нејзините членови со поставување на посебно дизајнирани табли на раскрсниците и со налепници на возилата ги предупредуваат возачите да внимаваат каде фрлаат отпадоци, каде паркираат, а низ градот поставија и нови канти за отпадоци, т.н. солидарни пунктови за да ги мотивираат луѓето да бидат солидарни со пријателска Шведска која веќе мора да увезува отпад од странство за да ги продолжи процесите на рециклирање. На локалната и централната власт ѝ порачаа да обезбедат ефективен систем за рециклирање и заштита на животната средина, законите да се почитуваат, апелираа и на постојана едукација и спроведување еколошки мерки... Но, највпечатлива беше  операцијата „ ‚Златна метла' - за пролетно (про)чистување со стил“, со која „златни метли“ им подарија на Владата, на Град Скопје, на скопските општини, на министерствата, на Републичкото Собрание, на Јавното обвинителство... Член на Единицата за брзи артивистички акции анонимно изјави дека со „Златна метла“ тие се придружија на повикот на пошироката јавност во однос на актуелната политичка состојба и потсетија на ветувањата на премиерот Зоран Заев за преземање на одговорност во однос на работата на локалната и извршната власт. Тој нагласи и дека типот на уметнички активизам кој „Единицата“ го спроведува низ досегашните акции е сесрдно прифатен од страна на пошироката јавност.

Nord-Mazedonien Wandmalerei
„Дијазепам“ во центарот на СкопјеФотографија: Katerina Bogoeva

„Користењето на уметноста во артикулација на разни општествени проблеми се чини дека е особено ефектно и може да помогне во заложбите на разни иницијативи или групи на граѓани, но и при подигањето на свеста или  решавањето на одредени  проблеми. Реакциите што ги имаме на терен или пак на социјалните мрежи се најчесто позитивни. На нашата ФБ страница добиваме и различни сугестии и идеи за акции, а тоа го сметаме за извонредно искуство бидејќи на тој начин се случува процес на партиципативност помеѓу нас како автори на акциите и граѓаните, кои во таков случај стануваат нивни коавтори. На тој начин акциите стануваат своевиден колективен проглас или крик во однос на одредени процеси коишто ги живееме. Веќе години наназад, членовите на оваа неформална група биле вклучени во разни активистички акции и иницијативи кои преку уметнички средства реагирале на горливите прашања и проблеми во нашето општество. Уметнички акции, кампањи кои комуницирале преку графичкиот дизајн или пак уметнички прогласи на интернет. Оттаму, за нас и во иднина е битно да реагираме на работите што сметаме дека не се во ред, на лошите политики, урбаната некултура, сообраќајниот хаос, непочитувањето на сообраќајните прописи, корупцијата ...Во одредени ситуации сме успеале да издејствуваме промени во однос на некои урбани проблеми, некогаш да иницираме дебата или пак да ги поттикнеме луѓето да подразмислат за своите постапки. Веруваме дека уметничкиот активизам е алатка за менување на перспективата за светот, но и медиум преку кој  ќе допреме до емоциите  на луѓето“, изјави меѓудругото уметникот кој сакаше да остане анонимен. 

Долгогодишниот граѓански активист, Никола Писарев, член на мала група уметници и активисти предводена  од Центарот за современи уметности, еден од основачите на урбаните герила акции е задоволен што различните форми на уметнички интервенции во јавен простор во Скопје во последните години станаа повидливи. „Генерално, тоа  е одлично и слободно можеме да кажеме дека во тој дел Скопје не заостанува во однос на  европските метрополи“, рече, нагласувајќи дека градот, а и самата држава се едни од ретките со сопствена активистичко - уметничка герила која ги третира градските и општествените проблеми преку креирање специфични дела и интервенции во јавен простор. Тој смета дека формите на креативен активизам , креативни комуникации и уметнички активизам кои се занимаваат со проблемски прашања и кои на светско ниво добиваат се повеќе на важност и актуелност,  во државата се присутни веќе 5 – 6 години, факт што го смета доследен за гордеење. Укажа на нив како на специфична појава произлезена од потребата да се дејствува за време на високите рестрикции за масивно активистичко делување на претходната владејачка партиска гарнитура, како и од потребата за мобилизирање на граѓаните по разни прашања во еден одреден временски период“. Една од многуте нивни акции за паметење беше и поставувањето на голем „Дијазепам“ во центарот на градот.   

Nord-Mazedonien Wandmalerei
Уметниците пред завршениот стрип муралФотографија: Katerina Bogoeva

Велес има мурали и со Кочо Рацин и со Гари Купер 

Градот Велес кој на една од фасадите на зградите во својот центар веќе има мурал со ликот на познатиот поет Кочо Рацин, деновиве доби уште еден, голем стрип мурал под Градскиот часовник, овој пат со ликот на една од холивудските ѕвезди, Гари Купер.  Стрип авторите  успешно ја  доловија неговата каубојска појава со шешир на главата и со шерифовска  ѕвезда на градите, така да градот сега има пет мурали на големи површини  кои се реализирани од страна на  Стрип центарот на Македонија -Велес, во соработка со општината. Првиот мурал датира од летото 2007 година и е направен  по иницијатива на тогашниот (и сегашен) градоначалник Аце Коцевски, по неговата посета на францускиот град  Ангулем, познат по мурали. На овој факт потсети деновиве Томе Трајков, од Стрип центарот, а на најновиот  мурал во Велес работеа: Ване Трајков,  Горан Мазнев и Анита Гочевска. Автор на илустрацијата за ова дело е стрип авторот Владимир Весовиќ од Белград.

„Граѓаните добро ги прифатија муралите во Велес, а посебно туристите. Наша заложба е муралите, како и стрип библиотеката која е во наше владение, да влезат во туристичката понуда на градот, како еден своевиден ‚стрип туризам‘, рече Томе Трајков. Тој нагласи дека една од најголемите придобивки од муралите во јавен простор е што со нив местата дотогаш исполнети со сивило добиваат „живописност и колорит“.

И во Скопје и Струмица странски и домашни уметници пролетва преку мурали им дадоа поголема видливост на своите идеи и креативност, укажувајќи истовремено на светлата страна на живеењето, но и на некој од општествените, еколошки  актуелни теми.  Зад објектот на Филхармонијата во Скопје каде се оформува нов парк, на фасадата на Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј”,  хрватскиот уличен уметник, Лонац го изработи муралот „Тамбурица“, со претстава на девојка на велосипед и со тамбура во рака. Во Струмица пак, со финансиска поддршка од Европската унија, уметниците: Ване Костуранов, Филип Конески, Маријан Димиќ, Драган Китановски-Драш и Блаже Атанасков во рамки на проектот „Уметност и вода – магија на животот“,  мошне инвентивно успеаа да ѝ дадат поголема видливост на пречистителната станица за отпадни води, сликајќи на нејзините ѕидови дела во големи димензии.

Nord-Mazedonien Wandmalerei
Мурали на пречистителната станица кај СтрумицаФотографија: Aleksandar Donchev

„Тргнувајќи од тоа дека и самиот не знаев дека постои тој објект пред да ме контактираат за муралите, претпоставувам дека и најголемиот дел од струмичани не беа свесни дека постои пречистителната станица во близина на Струмица која е од особена важност за самиот град. Петтмина уметници насликавме мурали инспирирани од водата на вкупна површина од 1400м2. Уметноста има моќ да привлече внимание, да оплеменува, да разубавува, да освестува и поттикнува на размислување. Се надевам дека преку муралите успеавме барем во дел од овие работи. Приемот е одличен, но не само од струмичани, туку и од луѓе од други градови, кои ни пишуваат со желба и иницијатива да се оствари ваков проект и во нивните градови. Исто така радува и тоа што се организираат групи со деца од училиштата за посета на станицата, и сето тоа се надевам ќе придонесе да се подигне свеста за природата и природните ресурси. Се радувам што во последно време во државата имаме се повеќе уметност на отворено и што таа допира до многу повеќе луѓе“, рече сликарот Ване Костуранов, кој смета дека важна улога во овој процес има и Младинскиот културен центар од Скопје, кој со реализацијата на неколку мурали низ главниот град од домашни и странски автори придонесе да се зголеми не само бројот на муралите, туку и нивниот квалитет. „Се надевам дека тоа ќе продолжи и во иднина и дека сивилото низ градовите ќе се исполни со бои и уметност“, потенцираше Костуранов.