1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален свет

Моја Европа: Манифест за чувствителноста

Дана Григорчеа
13 мај 2017

Постојано вниманието ни го одвлекува можноста за сеопфатна глобална комуникација и едвај се забележуваме едни со други. Писателката Дана Григорчеа е уверена дека од тоа може да не извлече само чувствителноста.

https://p.dw.com/p/2cuKI
Dana Grigorcea Gastautorin für "Mein Europa"
Фотографија: ZDF

Писателите се прецизни сеизмографи на нашето општество, рече градоначалничката на Цирих, Карин Маух, додавајќи дека книжевноста може нешто да објасни и многу работи да предвиди. Дека оваа проценка е точна, пример е романот на Џорџ Орвел „1984“. По скандалот кој го предизвика портпаролот на американскиот претседател Доналд Трамп, кога укажа на орвеловските „алтернативни факти“ книгата повторно стана меѓународен бестселер. И јас повторно посегнав по книгата.

За време на читањето помислував на ракописите на Орвел, на страниците напишани на машина за пишување и редактирани рачно од авторот. Речиси секој ред е прецртан со кралско сино мастило, а потоа повторно напишан со црвено, темнозелено или црно мастило. Врз основа на страниците на ракописот може да се реконструра орвеловото расположение при пишувањето, кога посилно притискал, кога некоја реченица ја прецртувал еднаш или повеќе пати.

Побрзо се лизга низ животот

Орвел романот „1984“ го пишувал во време кое изгледа било почудно од нашето, во минатото кога човекот доаѓал во допир со многу повеќе материја, кога за пишување, за комуникација, за ширење на сопствените пораки било потребно многу повеќе физички ангажман отколку во нашата дигитална ера.

Се прашувам, дали таа недостасувачка опипливост и намалена чувствителност во секојдневието, која ни ја овозможува технолошкиот развој, не направи помалку способни за вина? Заменета теза, но зарем не поддржуваат многу просветени граѓани во Европа опасни демагози или поради личен гнев и омраза кон светот недоволно се бранат од противуставно преземање на власта. Денес можеме многу повеќе отколку нашите предци, но, со сетилата многу послабо го доживуваме светот, па во личното секојдневие помалку трезвено делуваме, а кога делуваме тогаш тоа е помалку консеквентно. И покрај тоа што неодамна Европа и светот ги погодија катастрофи, или токму поради тоа: 1914, 1939.

George Orwells Roman" 1984"
Фотографија: Getty Images/J. Sullivan


Музика, движење, радост

Постојано ни го одвлекува вниманието можноста за комуникација со целиот свет, заморени сме и исцрпени од сортирање информации, кои не преплавуваат, во клучните моменти сме отсутни, гласно се глупираме во сопствената соба на ехото. Што да се прави? Или, како Орвел би го формулирал, ШТО ДА СЕ ПРАВИ?

Уверена сум во тоа дека чувствителноста може да не спаси. Мораме самите себе си подобро да се почувствуваме, едни други поинтензивно да се забележуваме. Потребна ни е музика која е повеќе од приватните радио пречки, потребна ни е литература која е повеќе од исушената концепт-литература. Потребни ни се повеќе дискусии кои не се метадискусии, повеќе средби, повеќе чувствителност и во кулинарската култура, повеќе шетање, повеќе фокоусирање на важните работи, на подлабоките потреби и - секако- на животна радост.

Секако може да се упати забелешка оти во Европа на луѓето за тоа би им било потребно многу повеќе време. Но, уште Епиктет ја напиша мислата: „Тие, имено, го сакаат она што ќе придонесе за нивна среќа, но тоа тие го бараат таму каде што го нема“.

„На демократијата ѝ е потребен одмор“

Во Романија во која растев многу луѓе имаа свој ден. Баба ми се среќаваше со своите пријателки секој четврток и играа карти. Моите родители во саботите се дружеа со универзитетските колеги на полутајни попладневни видео-проекции. Мојата сосетка имаше круг на читатели. Во недела се ручаше со пријателите. На село пред секоја куќа имаше клупа, на неа соседите си разговараа до доцна во ноќта. Во зима едвај некој можеше да го исчисти со лопата снегот меѓу две куќи бидејќи соседите имаа натапкано патеки. А сега соседите едвај се познаваат, и на село и во град. И не знам веќе никого во Романија кој има свој ден за дружење. 

Во книжевниот блог „Neue Telegramme“, кој го водам заедно со мојот сопруг, писателот Перикле Мониудисом, редовно објавуваме интервјуа со авторите. Интервјуто се состои од 7 прашања за некоја нова книга. Прашуваме за теми, приказни, дискусии кои се во моментот занимливи. Одговорот на австрискиот автор Мартин Принц беше во целост онака како што и јас размислувам: „Чувствувам дека светот, онаков каков што го знаеме или веруваме дека го знаеме, е на работ на понор. Мислам дека добар дел од кризата е предизвикана од поедноставената, задишана, пазарска врева на нашето општество. На таа основа демократијата нема да опстане. Имено, на демократијата ѝ е потребен одмор. Едно од местата на кои таа слобода може повторно да се освои е литературата“.

Дана Григорчеа е швајцарско-романска книженичка. Во 2011 година на германски јазик го напиша својот прв роман „Баба Рада“. Нејзиниот последен роман „Првобитно чувство на наивност“ е објавен 2015 година.