1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

220410 Guttenberg Kundus

23 април 2010

Министерот за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг сведочеше пред парламентарната истражна комисија за инцидентот во Кундус. Тој образложи зошто воздушниот напад прво го оцени како соодветен, а потоа ја повлече изјавата.

https://p.dw.com/p/N44G
Карл Теодор цу ГутенбергФотографија: AP

Министерот за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг не покажа никаква трага од нервоза кога влезе во големата сала, полна со пратеници и новинари, иако обвинувањата на опозицијата се многу тешки. Рајнер Арнолд од Социјалдемократската партија појаснува: „Цели четири и пол месеци министерот за одбрана и’ должи на германската јавност објаснување. Останува тешкото обвинување дека тој не е многу вистинољубив.“

Она што министерот Гутенберг го кажа пред членовите на истражната комисија меѓутоа им беше доволно само на неговите сопартијци. „Ова беше за нас уверлив настап на министерот. Во час и половина тој ги изложи причините за тоа зошто различно го оценил нападот врз цистерните во Кундус“, нагласи Ернст Рајнхард Бек од владеачката Христијанско демократска унија.

Bundesverteidigungsminister Karl-Theodor zu Guttenberg Untersuchungsausschuss Kunduz NO-FLASH
Истражна комисија за случајот КундусФотографија: AP

Гутенберг сето време го читаше подготвениот документ со изјавата, при што објасни дека при првичната процена на воената оправданост на нападот не бил доволно информиран. Конкретно станува збор за извештајот на германската воена полиција, кој не му бил доставен веднаш. Дури по повеќекратно инсистирање кај шефот на Генералштабот на германската армија Волфганг Шнајдерхан и државниот секретар Улрих Вихерт тој го добил извештајот, по што ја сменил и позицијата. Поради тоа била нарушена довербата кон нив и ги отпуштил.

Министерот Гутенберг не се впушти во отворен дијалог со членовите на комисијата, туку на сите прашања одговараше со повторување цитати од извештајот. „Беше возбудливо да се види како ’господинот јаснотија’ се држи до текстот што му бил напишан. Не делуваше суверено како што сме навикнати од најелоквентниот политичар во земјата. Тоа го сметам за многу штетно за неговиот имиџ“, оцени пратеникот на Зелените, Омид Нурипур.

Поради таквиот впечаток пратениците на опозицијата на крајот од сослушувањето инсистираа на соочување на главните актери во аферата, министерот Гутенберг и двајцата отпуштени соработници, поранешниот шеф на Генералштабот Шнајдерхан и државниот секретар Вихерт.

Автор: Бетина Маркс/Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска