1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Стил на живот

Мегзит: Реакции за повлекувањето на Хари и Меган

Јохен Киртен
9 јануари 2020

Кралското семејство е во криза - како и што се очекуваше, најавата на британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган за повлекување од кралските должности предизвика лавина реакции – дури и во Германија.

https://p.dw.com/p/3VwPD
UK Monarchie l Prinz Harry und Herzogin Meghan
Фотографија: picture-alliance/dpa/PA/T. Melville

Во Велика Британија тоа е несомнено главна тема. Во најмала рака за оние кои се заинтересирани за кралското семејство. А такви се многумина. Најавата на принцот Хари и неговата американска сопруга Меган во иднина да се збогуваат од првите редови на кралското семејство и да се повлечат од кралските должности, а привремено и да се иселат, предизвика незапирлив вртлог.

Британските таблоиди зборуваат за „Кралска битка“ и за „Мегзит“ алудирајќи на „Брегзит“ и сугерираат дека зад оваа одлука стои пред сѐ сопругата на принцот Хари. Очигледно многу коментатори се на мислење дека сопругата ги „влече конците“ во домот.

Се разбудија сеќавањата за големата кралска криза од 1936 година, кога поради љубовната врска на британскиот крал Едвард VIII со Американката Волис Симпсон тој на крајот абдицираше. Она што тогаш беше сметано за голем скандал, на многу фанови на британското кралско семејство им е траума до ден денес. Мега популарната серија „Круната“ (The Crown) детално се осврнува и на овој настан. И на социјалните медиуми има такви кои потсетуваа на настаните од 1936 година. Во овој твит стои: Историјата се повторува! 

Многу реакции покажуваат дека за „Мегзит“ жестоко ќе се дебатира и коментира на различни платформи и во наредните денови и недели.

Овде-онде работите излегуваат и надвор од контрола, па Меган се изедначува со Волис Симпсон и тоа под мотото: Американките им го одземаат на мажите британското кралство.

Други пак му се потсмеваат на најавениот потег на Хари кој не е крал како Едвард VIII со оглед на фактот дека тој е дури шести во редот наследници на кралицата Елизабета II. И, прашуваат: Дали финансиски независни значи и откажување од наследството?

Парите се секако голема тема. Хари и Меган најавија дека во иднина сакаат и сами да заработуваат. Ова наиде на разбирање кај дел од јавноста. Така е и со овој твитерџија, кој изразува респект за чекорот кон финансиска независност.  

#Мегзит (#Megxit) во меѓувреме стана Твитер-тренд и толку многу се користи што има шанси да биде избран и за збор на годината. За некои пак можеби е „кандидат“ за изборот за „не-збор“ на годината.

Толку ли е важно ова? Очигледно, за многумина - да. Но, дали релациите сѐ уште се во ред? Постојат и други мислења за ова. На пример, овој твитерџија пишува: „Британците повеќе се возбудуваат за #Мегзит отколку за #Брегзит. Многу впечатливо. Кога Борис Џонсон би се соочил само со половина од критиките и нападите како Меган Маркл, Велика британија одамна ќе имаше нов премиер“.