1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците, Германците и новиот Ајфон

ДТЗ /ДВ
7 декември 2020

Во Северна Македонија, за Ајфон се потребни 76 работни дена, додека на потрошувачите во Германија им требаат просечно осум работни дена за да заработат за сегашниот Ајфон 12 со 64 гигабајти меморија.

https://p.dw.com/p/3mNHZ
Tim Cook präsentiert iPhone 12
Фотографија: Apple Inc./Brooks Kraft/AFP

Весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг пишува за истражување на интернет порталот Веривокс, кој во последните две години истражува колку луѓето во различни земји во светот треба да работат за да си дозволат Ајфон смартфон. Слична пресметка од 80-тите постои и за хамбургерот на Мекдоналдс. Телефонот и хамбургерот се многу соодветни за вакво истражување: станува збор за хомогени производи коишто чинат приближно исто во секоја земја. 

-повеќе на темата: Колку треба да заработиш за да бидеш богат во Германија?

„Пресметката на таканаречениот Ајфон-индекс е едноставна, а резултатите се изненадувачки. Цената на најновиот модел на Ајфон 12 се споредува со националниот бруто приход. На потрошувачите во Германија им требаат просечно осум работни дена за да заработат за сегашниот Ајфон 12 со 64 гигабајти меморија. Први на списокот се граѓаните на Лихтенштајн на кои им требаат три работни дена за таа набавка, додека последна на списокот е Молдавија, каде луѓето треба да работат во просек 85 дена за новиот Ајфон.

Сиромашните земји плаќаат поскапо

Она што изненадува, пишува франкфуртскиот весник, е што овие уреди се поскапи во некои „сиромашни“ земји отколку во „богатите“.

„Додека во Германија Ајфон 12 чини 876 евра, неговата цена во Северна Македонија е 1.061 евра. И тоа без оглед на фактот дека поранешната југословенска република има една од најслабите економии и дека мора да се бори со слаба инфраструктура и висока невработеност. Жител на таа земја со два милиони жители, кој сака да има Ајфон по секоја цена, треба да работи 76 дена во просек за да го купи, нешто помалку од граѓаните на Молдавија. Смартфонот на Епл е слично скап и во Грција, Шведска или Унгарија, каде чини над 950 евра“.

Зошто цените се толку различни?

Според порталот Веривокс, цените се разликуваат пред се поради даноците и увозните давачки, пишува ФАЦ.

Епл често нуди различен опсег во земји со помала куповна моќ, но не ги намалува цените на мало. Истражувањето исто така покажува дека во шест земји просечниот месечен приход не е доволен за купување на еден Ајфон. 

-повеќе на темата: Минимална плата: Добра за растот, лоша за малите фирми

Русите со месечна плата можат да купат 0,9 уреди, Турците 0,8, а Црногорците 0,7. Граѓаните на Северна Македонија и на Молдавија можат да заработат едвај половина од цената на овој модерен смартфон. Од друга страна, потрошувачите во Швајцарија и Норвешка можат да купат седум од овие нови Ајфон телефони месечно, а граѓаните на Лихтенштајн дури девет“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема