1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот државен врв го осуди упадот во САД

ДТЗ /ДВ
7 јануари 2021

Пендаровски, Заев, Димитров и Шекеринска по немирите во Вашингтон порачаа дека насилството не може да биде изговор за поткопување на демократијата. Паралели со 27 април и крвавиот упад во Собранието.

https://p.dw.com/p/3neJf
USA Washington | Bestätigung des Wahlergebnis der US Präsidentenwahl: Demonstranten im Capitol
Фотографија: Olivier Douliery/AFP/Getty Images

Македонскиот државен врв денеска ги осуди немирите во САД, испраќајки јасна порака дека демократијата мора да надвладее, а насилството не може да биде изговор за нејзино поткопување. Тие изразија надеж дека американската демократија, волјата на народот и владеењето на правото ќе надвладеат. Светот синоќа беше во шок по првите снимки коишто се појавија по упадот во Конгресот на САД. Немирите се случија по обраќањето на досегашниот претседател Доналд Трамп на собирот во близина на Белата куќа, охрабрувајќи ја масата да продолжи да се бори против изборните резултати, додека членовите на Конгресот се подготвуваа да ги потврдат гласовите. Како реакција на тоа, поддржувачи на Трамп упаднаа во конгресната зграда.

Солидарност 

Претседателот Стево Пендаровски по настаните во САД на Твитер порача дека насилството не може да биде изговор за поткопување на демократијата, изразувајќи сочуство и солидарност со американските граѓани по синоќешните настани во Вашингтон.„Однесувањето на поединци нема да ја сруши довербата во институциите. Сочувство и солидарност со американските граѓани“, вели Пендаровски. 

-повеќе на темата: Поддржувачи на Трамп упаднаа во Конгресот на САД


За премиерот Зоран Заев, загрижувачки и вознемирувачки се синоќешните слики од Вашингтон. „Насилството мора да биде осудено. Се надеваме и веруваме дека демократијата ќе надвладее“, напиша премиерот на „Твитер“ по синоќешните немири во и пред зградата на американскиот Конгрес. „Тоа е единствениот начин да се продолжи напред“, вели Заев во пораката која ја испрати преку социјалните мрежи. 

-повеќе на темата: САД - четворица мртви за време на безредијата пред Конгресот


Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров оценува дека шокантните сцени кои се одвиваа во Вашингтон се вознемирувачки потсетик дека, дури и во САД демократијата не може да се земе здраво за готово. „Американската демократија, волјата на народот, владеењето на правото ќе надвладеат. Ова е исто толку критично за оваа голема нација, како и за демократијата низ целиот свет“, објави на Твитер Димитров. 

Паралела со 27 април

Настаните во американскиот Конгрес многумина веднаш ги поврзаа со немилите случувањата од „крвавиот четврток“ и упадот во македонскиот парламент на 27 април 2017 година.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска прави паралела околу упадот во Конгресот на САД и 27 април. „Полицијата не дозволи да биде нападнат ниту еден член на Конгресот; огромно мнозинство на Републиканската партија се спротивстави на насилството; Пенс, и покрај големите притисоци од Трамп, остана цврст и го обезбеди трансферот на власта… Се покажа дека демократијата може да биде сериозно загрозена кога политичката моќ е во рацете на луѓе за кои функцијата е поважна од државата. И кои стимулираат поделби, омраза и насилство само за да ја задржат. Кога тоа се случи кај нас, беше шок. Кога се случува во една стара демократија, после стотина мирни транзиции на власта, тоа е предупредување“, напиша на Фејсбук министерката за одбрана.
Шекеринска, која на 27 април 2017 година беше меѓу пратениците на СДСМ што беа повредени при упадот на групата во парламентот, за време на изборот на Талат Џафери за собрансики спикер, вели дека ако сме искрени ќе ги признаеме и разликите со 27 април, кои не се во наша полза.

„Полицијата не успеа да го спречи упадот, но не дозволи ниту еден член на Конгресот да биде нападнат ниту повреден. Немаше скршени глави и пролиена крв на претставниците на граѓаните и затоа граѓанската волја се исполни со успешен трансфер на власта“, вели таа. 
Притоа додава дека огромно мнозинство на Републиканската партија гласно и јасно се спротивстави на насилството и упадот. Немаше „ама“, немаше смешни оправдувања, немаше гушкање со „спонтано собраниот народ“… Поранешниот претседател Буш, републиканец, беше меѓу првите кој повика на разум, потврда на изборот на Бајден и го осуди насилството. Неговиот потпретседател, Чејни, една од најмоќните републикански фигури, ги мобилизира сите досегашни министри за одбрана да потпишат писмо со кое повикуваат на разум и се спротивставуваат на можна злоупотреба на армиските сили. Дури и ќерката на Трамп одлучи да го избрише својот твит по обидот да ги прогласи насилниците за „патриоти“.
Актуелниот потпретседател Пенс, и покрај големите притисоци и повици од Трамп, остана цврст и по неколку часа го обезбеди трансферот на власта. Не избега, не одолговлекуваше, не бараше смешни „гаранции“. Ја почитуваше волјата на граѓаните. И не само тоа. И покрај партиската и лична лојалност кон Трамп, на крајот јасно порача: „Вие кои донесовте безредие и насилство во нашиот Капитол, вие не победивте. Насилството никогаш не победува. Слободата победува. Ова сѐ уште е дом на граѓаните. И како што повторно се собравме овде, светот ќе биде уште еднаш сведок на отпорноста и силата на нашата демократија“, додава таа во анализата на случувањата во САД.

-повеќе на темата: Последните денови хаос на Доналд Трамп

„Американската демократија преживеа. Како што преживеа и македонската пред помалку од четири години. Треба да бидеме горди што преживеавме и се закрепнавме од траумата. Но, некои луѓе треба сѐ уште треба да се срамат што дури ни насилството не ги освести и што дури и денес немаат сила ниту доблест да го осудат и да се оградат. Немаше меѓу нив ниту еден Пенс ниту Буш. Америка само нѐ потсети на тоа“, вели Шекеринска.