1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Квалитетен воздух, утопија или реална можност

Тони Поповски
29 мај 2021

Нема да можеме позначајно да го намалиме аерозагадувањето доколку не ги намалиме стратешките ограничувања поврзани со начините за справување со овој предизвик и ресурсите кои ни се на располагање. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/3u5xV
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Скандал е нечија активност, однесување или настан кој се восприема како морално или правно погрешен и предизвикува општо негодување во јавноста.

Првокласен скандал е увозот на „валкана“ нафта, односно отпадно гориво кое се пласирало на нашиот пазар како мазут кој наводно исполнувал пропишани стандарди, без притоа посеопфатно да се оцени неговиот состав и поврзаните ризици по здравјето на населението од негово согорување во објекти во јавниот сектор и индустријата.

Конечна потврда или демант дека постои „дело“ може да дојде само преку темелна институционална истрага, и доколку се потврдат наодите од истражувањето на меѓународниот Известувачки проект за организиран криминал и корупција и македонската Истражувачка репортерска лабораторија, да се подигне издржано обвинение.

Препуштајќи го процесирањето на скандалот односно потенцијалното „дело“ на институциите, во продолжение еден кус осврт за постоечките системски решенија и дефицити за справување со аерозагадувањето како континуиран предизвик кој одзема повеќекратно повеќе животи споредено и со Ковид-19.

Вредности, нецелосни правни норми и нивно (не) спроведување

Имаме општествен договор дека ни е неопходен квалитетен амбиентен воздух како вредност и егзистенцијална потреба, и овој став го имаме преведено во Закон за квалитетот на амбиентниот воздух, донесен во 2004 година. Во меѓувреме, законот беше предмет на четири измени и дополнувања, и е подетално разработен низ 21 правилник, 2 упатства, 4 уредби и Листа на зони и агломерации за квалитет на амбиентниот воздух. Во собраниска процедура е предлог за 5-ти по ред измени и дополнувања на законот со цел да се доуреди подготовката на плановите за квалитет на воздухот и на краткорочните акциски планови, како и да се овозможи поефикасно спроведување на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот.

И покрај обемната разработка на законот, сеуште постојат сериозни пречки особено во функционирање на инспекцискиот надзор, кои оневозможуваат ефикасна инспекциска контрола и постапување на терен, а кои се должат на неспроведени подобрувања на дел од подзаконските акти и подготовка на нови акти. Заклучно со почетокот на 2020 година не постоеше референтна лабораторија за анализа на инциденти поврзани со аерозагадување. Дали овој суштински дефицит е надминат и доколку не е, што се презема е прашање за институциите.

И покрај тоа што беше подготвен во првата половина на 2017 година со средства на ЕУ, цели четири години чекаме на донесување на Законот за индустриски емисии. Со овој закон се транспонира Директивата за индустриски емисии 2010/75 на ЕУ. Директивата и следствено законот треба да разработи одредби од Законот за квалитет на амбиентниот воздух, да пропише построги гранични вредности за емисии и правила за контрола на индустриското загадување. Донесување на овој закон повлекува комплексна ревизија на постоечките и подготовка на нови поздаконски акти. Една од целите на овој дополнителен закон е да се воведе ефикасна и ефективна постапка на издавање на индустриски дозволи проследени со систем на мониторинг и инспекција. Кај нас имаме над 150 големи индустриски „А-инсталации” и повеќе од 500 помали „Б-инсталации”, и претпоставка е дека 4-годишното одлагање на подготвен закон и над 10 години избегнување на транспонирање на една клучна директива на ЕУ, можеби се должи на нечие „лобирање“. 

-претходни колумни: Зелен мит или зелена иднина

Поради некакви причини, а нема да бидам изненаден и доколку повторно се работи за „лобирање“ или блокади поврзани со меѓупартиски територии на влијание, постојано се одлага донесувањето на нов Закон за енергетска ефикасност со кој треба да се уреди воспоставување на Фонд за енергетска ефикасност, не се заоструваат прописите за влажност на огревното дрво, не се воведуваат конкретни нормативни решенија за директни плаќања на загадувачите во облик на еколошки данок покрај плаќања на надоместоци, не е донесен нов правилник со повисок стандард за квалитет на пелети, и,т.н.

Треба да се напомене дека финансирањето на проектите поврзани со енергетска ефикасност преку задолжување со поволни кредити, во комбинација со средства од Буџетот на РСМ и на општините, обезбедува брз поврат на средства (во споредба со други области) преку заштеда на енергија. Повратот на средства не е подолг од 5 години. Оттаму и итната потреба за формирање на Фонд за енергетска ефикасност кој пожелно е да оперира врз основа на начелото на риволвинг (кружење) на средства преку поврат во фондот. Споредено со други држави од регионот, доцниме минимум една декада во спроведување на силна почетна програма за енергетска ефикасност на објекти од јавниот сектор со минимум 100 мил. евра, наспроти типичното за нас, разводнето и парцијално одвојување на средства за фрагментирани мерки.

Поголеми јавни инвестиции во еколошки проекти придонесуваат за создавање и развој на нови „зелени“ пазарни сегменти на добра и услуги, генерираат нови „зелени" вработувања, но создаваат и нови потреби за регулација, репрограмирање на субвенции и сл. На пример, во моментов најголема побарувачка во ЕУ за кадар со средно стручно образование и најголеми плати за таков кадар има во секторот на обновливи извори на енергија.

Да го замениме реактивниот со проактивен пристап

Нема да можеме позначајно да го намалиме аерозагадувањето доколку не ги намалиме стратешките ограничувања поврзани со начините за справување со овој предизвик и ресурсите кои ни се на располагање. За жал, во овој момент отсуствува долгорочна стратегија која системски ги опфаќа сите сектори и утврдува јасни чекори, мерки и извори на финансирање со кои би се постигнале конкретни цели во дадена временска рамка.

Истечена е Стратегија за животна средина и климатски промени 2014 – 2020 и во очекување сме на носење на Стратегија и Закон за клима (закон над сите закони како што го нарекуваат во ЕУ). Во Законот за квалитет на амбиентниот воздух нема одредба за подготовка на стратегија за намалување на аерозагадувањето, но утврдена е обврска за подготовка на 5-годишен Национален план за заштита на амбиентниот воздух (последниот е истечен на крајот на 2018) и Програма за редукција на емисии (истечена на крајот на 2020). Во претходниот Национален план, низ различни сценарија беа проектирани мерки за една декада нанапред, со просечен буџет на јавни и приватни инвестиции близу 10% од БДП. Интегрални податоци колку од тие мерки се спроведени за цело времетраење на планот, кој бил износот на јавните и приватни инвестиции и колку преостанува за инвестирање барем по однос на проекции од истечениот план, нема или не се јавно достапни. 

-претходни колумни: Последните балкански самураи

Не би ме изненадило, имајќи предвид дека јавните инвестиции во овој сектор за периодот до крајот на 2018 година не беа некој особен приоритет, а имајќи го предвид растот на БДП (до пандемијата) и следствено зголемениот притисок врз животната средина поради зголемен обем на економски активности, дека потребите од јавни и приватни инвестиции за наредната декада повторно би биле близу 10% од БДП на државата. 

Нов План и Програма најверојатно ќе се подготват низ проект со средства на ЕУ/ИПА но на резултатот ќе треба да чекаме, по сѐ изгледа до 2023 година. Последица е што безмалку еден цел плански циклус е пропуштен. Без сеопфатен план не можеме да избуџетираме и спроведеме сеопфатни и добро интегрирани мерки, но и да поттикнеме, а во некои случаи каде е евидентно аерозагадувањето, и да наложиме приватни инвестиции согласно усогласените дозволи, или да ги затвориме загадувачите.

Бели нијанси во црниот чад

Со цел да избегнеме песимизам, но и страв од комплексноста на предизвикот, неколку примери за движење во вистинска насока.

Најсериозен исчекор е направен со интензивираното спроведување на зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика преку инвестиции во фотоволтаични и ветерни централи, и за очекување е дека ќе дојде до забрзување на поврзаниот инвестициски циклус со дополнителни средства обезбедени во Инвестицискиот план за Западен Балкан.

Подготовката и спроведувањето на Планот за чист воздух во 2019-2020 иако со буџет од прескромни 2 милиони евра и едно „чудно“ решение да биде буџетиран во рамки на програма на Генералниот секретаријат на Владата наместо на МЖСПП, сепак го искачи предизвикот повисоко на агендата на Владата. Треба да се одбележи донесувањето на Планови за квалитет на амбиентниот воздух со валидно времетраење за градот Скопје, Битола, Тетово и Велес, со ризик да испуштам некоја општина, проследено со спроведување на низа мерки, особено изминативе неколку години. Резултат е благо, но мерливо подобрување на состојбите. Разлика се направи и со носењето на стратешка одлука за намалувањето на ДДВ за парно греење од 18 на 5%, со цел да вратат колку е можно повеќе домаќинства од приближно 14.000 кои се исклучија од системот на БЕГ во Скопје. На оваа одлука се надоврза формирањето на ЈП Градски енергетски системи од страна на градот Скопје со цел да се преземе управувањето со дистрибутивната мрежа за централно греење во делови од градот. Сепак, овој процес подзастана, а на ова се надгради и разногласието во Владата за тоа кој (дали јавниот или приватниот сектор) треба да ги развива секундарните гасоводни прстени околу населените места и терцијарните мрежи на територија на населените места во државата. Не се донесе оправдана забрана за исклучување од системите за централно греење, имајќи предвид дека таква практика има во низа држави членки на ЕУ. Може да се истакне и подобрувањето на јавниот превоз во градот Скопје преку кредит од ЕБОР во износ од 10 милиони евра за набавка на 33 автобуси на метан кои ги задоволуваат стандардите за емисија од класа ЕУРО 6, проследено и со почеток на спроведување на комплексен проект за воведување на систем за „брз автобуски превоз“.  Имајќи го предвид лонгитудиналниот развој на градот, по течението на реката Вардар, оправдано е да се обнови флотатата со автобуси на метан, но градот Скопје не треба да се откажува од набавка на автобуси на електричен погон за попречни рути. Автобуси на метан набави и општината Прилеп.

И покрај зголемената динамика на вложување на јавни средства, инвестицискиот заостаток е сеуште голем и најпрактично е да се адресира низ далеку поблиска соработка со меѓународните финансиски организации. Притоа треба да се има предвид дека овие организации алоцираат финансиски средства за крупни инвестициски програми само ако се убедени дека државите ефикасно спроведуваат комплементарни реформи и дека се остварува мерлив напредок. Ова е поврзано со суштината на нивниот мандат. Оттаму и потребата паралелно со подготовките за обезбедување грантови и меки кредити да се спроведуваат и низа „меки“ реформски мерки кои не изискуваат поголема финансиска поддршка и кои треба да обезбедат видлива клима за динамизирање на зелени јавни, но и приватни инвестиции и поврзани пазарни сегменти.