Ленс Армстронг мора да стравува за својата егзистенција
14 февруари 2017Мега-процес е на повидок. Ленс Армстронг мора да стравува за својата егзистенција. Федералниот суд во Вашингтон ја одби жалбата на адвокатите на поранешната велосипедистичка ѕвезда за отфрлање на тужбата на американската влада во која таа од Армстронг побарува близу 100 милиони долари. Во претстојниот процес, во кој како тужител покрај министерството за правда на САД се појавува и поранешниот колега на Армстронг, Флојд Лендис од Армстронг ќе биде побарано да ја врати споменатата сума, која ја има добиено главно од спонзорски договори склучени во момент кога тој активно се допингувал.
Во 2012 година американската антидопинг агенција УСАДА го разоткри Армстронг како „допинг-грешник“ а тој во 2013. година и самиот призна дека се допингувал. Тој досега има загубено 10 милиони долари во бројни судски процеси за побарување отштета од него поради тоа што ги криел информациите дека се допингува. По неговото признание на Армстронг му беа одземени сите седум титули на Тур де Франс освоени во периодот меѓу 1999. и 2005. година. Покрај тоа тој има доживотна суспензија за бројни официјални спортски активности.