1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Листите за пратеници пред последен филтер

5 март 2020

Иако е голем интересот за кадровските адути со кои партиите ќе ја побараат довербата на граѓаните, партиите тие податоци ги најавуваат за следната недела.

https://p.dw.com/p/3Ytqw
Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Во штабовите на најголемите партии се прават последните консултации околу изборот на најсоодветни кандидати за пратеници на листите во шесте изборни единици, за изборите кои ќе се одржат на 12-ти април. Иако е голем интересот за кадровските адути со кои партиите ќе ја побараат довербата на граѓаните, партиите тие податоци ги најавуваат за следната недела.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред две недели најави дека во периодот помеѓу први и петти март ќе бидат познати носителите на пратеничките листи, но до денес не се соопштени имињата на „првенците“ на опозициската партија. Во недостиг на официјални информации се шпекулира дека носители на листите ќе бидат дел лица од највисокото раководство, можеби и еден реномиран кардиолог (во ИЕ 3) и универзитетски професор (во ИЕ 1), но засега нема официјална потврда на таквите наводи. Останува неизвесно и дали партискиот лидер Христијан Мицкоски ќе биде на листа, или само ќе ја води кампањата на ВМРО-ДПМНЕ како кандидат за премиер. Според најавите, се ќе се знае идната среда, кога партијата ќе ги промовира кандидатските листи, откако еден ден претходно тие ќе го поминат филтерот на Централниот комитет.

Николоски: Ќе имаме најквалитетни кандидати

Според партиски извори, интенцијата е да се настапи со нови, досега непромовирани лица кои имаат углед во професиите и во средините кадешто живеат, но и со лица кои препознатливи за пошироката јавност. Во сето тоа партијата внимавала да биде постигнат баланс и со кандидирање на лица кои имаат подолго параламентарно и партиско искуство. 

Nord-Mazedonien Hristijan Mickoski Vorsitzender VMRO DPMNE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Јас сум убеден дека ќе имаме најквалитетни кандидати за пратеници. Правиме детални истражувања и консултации, и со нашето членство и со луѓето кои живеат во средините од кај што доаѓаат пратениците“, изјави синоќа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, во гостување на ТВ „21“. 

Повеќе:

-Динамично во албанскиот блок: чиј трон се тресе?

-Ќе му ја скинеме ли главата на петелот?

-„Бесата“ на Заев и Касами ја разочара ДУИ

Запрашан со кого ВМРО-ДПМНЕ би направила постизборна коалиција - со ДУИ или со Алијанса за Албанците и Алтернатива, одговори дека тоа ќе зависи од сродноста на партиските програми.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе ги покани во коалиција оние политички субјекти или оној политички субјект со коишто ќе се најдеме на иста бранова должина во однос на програмите. Тоа не значи дека ние очекуваме целосно да биде прифатена нашата програма, секако и ние би прифатиле делови од програмата на потенцијалниот коалициски партнер, како би се создала синергија и би се направила една заедничка програма која треба да ја извади Македонија од оваа суштинска политичка криза“, изјави Николоски.

Во тој контекст, засега најнајасно е совпаѓањето на „брановата должина“ околу Договорот од Преспа, за кој ВМРО-ДПМНЕ има негативен однос, наспроти владејачките и опозициските партии на Албанците, кои во повеќе наврати истакнуваат дека почитувањето на тој Договор ќе биде услов за коалицирање, без разлика која партија ќе го добие мандатот.

Заев: Единството е иднината

Последни консултации за кадровски адути се прават и во СДСМ, од каде најавуваат дека в понеделник вечер ќе се знаат конечните кандидатски листи, откако ќе бидат утврдени еден ден претходно. Од она што веќе беше јавно соопштено, извесна е кандидатурата на партискиот лидер, Зоран Заев, како носител на листата во ИЕ 4, која во повеќе циклуси е негов терен.

Ако може да се носат одредени заклучоци врз основа на тоа кои лица го придружуваа Заев на синоќешната средба со граѓаните на кумановско Опае, може да се претпостави дека партиските потпретседатели Оливер Спасовски и Мухамед Зеќири, повторно би ја барале довербата на гласачите во ИЕ 2, исто како и на претходните избори.

„Пред 2,5 години најдовме земја клекната на колена, ја дигнавме и целиот свет ни се поклони“, порача Заев во кумановско, и потенцираше дел од реализираните проекти. Тој порача дека во новата изборна програма се предвидени низа мерки со чие спроведување економските резултати ќе бидат поголеми, а животниот стандард на граѓаните многу повисок, а го истакна и значењето на предизборната коалиција.

„Со коалицијата со Беса, за прв пат поставуваме коалиција на различни етникуми, прв пат правиме коалиција пред избори, со што покажавме храброст, мудрост, си подадовме рака и се здруживме“, изјави Заев, потенцирајќи дека „единството е иднината“ и ги повика граѓаните да се прдружат на концептот едно општество за сите.

Wahl Koalition in Nord Mazedonien | Zoran Zaev und Bilal Kasami
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во ИЕ 6 веќе е извесно дека носител на листата на коалицијата на СДСМ ќе биде лидерот на Беса, Билал Касами, и дека партијата ќе добие и други добитни места во петтата, втората и првата изборна единица. Деновиве од Вашингтон треба да се врати лидерот на Беса, кој вчера оствари работна средба со помошниот државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер. Информацијата за средбата Касами ја објави на неговиот  Фејсбук профил.

„Северна Македонија на вистинскиот пат, Коалицијата Беса-СДСМ гарантираат за евроатлантската ориентација на земјата!“, напиша Касами.

„Се сретнав со амбасадорот Филип Рикер во Стејт департментот, каде имавме многу плоден разговор за случувањата во Северна Македонија. Го информиравме амбасадорот за последните случувања и за коалицијата СДСМ-Беса како победничка коалиција. Имаше позитивна оценка од амбасадорот и сите дипломати овде во САД за оваа коалиција, која е коалиција за иднината на Северна Македонија“, соопшти тој во видео изјава.

Според партиски извори, тoj треба да се сретне и со специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер.