1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавров на Балканот: Автогол со два стрелци

Норберт Мапес-Нидик
18 декември 2020

Двајца членови на Претседателството на БиХ, кои одбија да се сретнат со Сергеј Лавров, велат дека тоа го сториле зашто не сакаат да бидат „руски пиони“. Го постигнаа токму спротивното, оценува Норберт Мапес-Нидик.

https://p.dw.com/p/3muwE
Das Präsidium von Bosnien und Herzegowina
Фотографија: klix

Ако министерот за надворешни работи на една голема сила одвои свое драгоцено време за без посебен повод да посети една мала, сиромашна, невлијателна, политички неспособна и - од него - зависна земја, тој за тоа има добра причина. Во случајот со посетата на Русинот Сергеј Лавров на Сараево оваа недела, причината беше очигледна: САД добиваат нов претседател со нови идеи за Балканот. Американците и сите други заинтересирани сили би требало да добијат чувство дека во регионот си имаат работа и со Русија.

Тоа беше целта поради која Лавров сакаше уште еднаш пријателски да се ракува со политичкиот лидер на босанските Срби, Милорад Додик - во присуство на што поголем број камери. Меѓутоа, постоеше ризик вестите за обновеното пријателство помеѓу Руската Федерација и Република Српска да се чујат само до Бања Лука.

Norbert-Mappes-Niediek - Korrespondent mehrerer deutschsprachiger Zeitungen in Südosteuropa
Норберт Мапес-НидикФотографија: L. Spuma

„Не сакам да бидам пион“

За тоа што тој неважен состанок се покажа како голема работа, Додик може да им заблагодари на двајца неочекувани сојузници: бошњачкиот и хрватскиот колега во тричленото државно Претседателство. Двајцата државници храбро се одлучија да не присуствуваат на состанокот со Лавров, зашто ги налутило тоа што Русинот претходно го посетил само Додик, во неговата неформална резиденција во сивото предградие на престолнината, и - што е особено страшно - во просторијата немало босанско знаме во позадина.

Објаснувајќи го своето одбивање да присуствува на состанокот, бошњачкиот копретседател Шефик Џаферовиќ вели дека со тоа на „нашите пријатели во Европа, нашите партнери“ сакал да им покаже „дека сме горди и одлучни луѓе“. А, Хрватот Жељко Комшиќ не сакал „да биде руски пион во игрите и пресметките со земјите на ЕУ и членките на НАТО“.

Пиони во натпреварот помеѓу Западот и Истокот

Двајцата го постигнаа токму спротивното. „Одлучните“ државници не ни помислија дека таа ретка прилика можат да ја искористат за покренување сопствени иницијативи. Наместо тоа, излезе дека токму тие двајца се пиони, значи она што не сакале да бидат. Зашто, дури со откажувањето, посетата на Лавров доби меѓународен публицитет - што беше и единствената цел од руска страна.

Светот од ова, доколку воопшто нешто забележа, научи две работи. Прво: Наскоро, кога Џо Бајден ќе ја врати Босна на дневен ред, тоа всушност ќе биде натпревар помеѓу Русија и Америка, Истокот и Западот. Второ: Во Сараево владеат тврдоглави племенски водачи кои првенствено се заинтересирани за знамиња, грбови и прашања на протоколот.

Се разбира, ниту едното ниту другото не е точно, но сега повторно се мисли така.

*Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот и за југоисточна Европа. Пишува за многу германски и австриски весници.

Норберт Мапес-Нидик
Норберт Мапес-Нидик Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот.