1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој не чува од чуварите?!

6 февруари 2021

Реформи поради реформи во безбедносно-разузнавачката заедница не се доволни. Не е доволно само да се пополнува листата на задачи на ЕУ и НАТО, потребна е вистинска промена. Пишува Марјан Ѓуровски

https://p.dw.com/p/3oxPV
 Nordmazedonien Prof. Marjan Gjurovski
Фотографија: Marjan Gjurovski

Вистински реформи во земјава, а не козметика. Борбата против корупцијата да биде реална, правдата еднаква за сите, а демократијата и економијата постојано да се надградуваат, порача американската амбасадорка во земјава. Реформите да го подобрат животот на граѓаните, а не да се прават само поради ЕУ и НАТО, ова е последната порака која неделава ја упатија во еден глас, амбaсадорите на САД и ЕУ во нашата држава. Кој разбра, разбра! Една од последните анкети покажува дека 56 проценти од анкетираните мислат дека Владата не може да ги оствари резултатите без надворешен притисок. Ова е загрижувачки процес за една суверена и независна држава. „Како можеме ние да ве мотивираме Вас, политичкото водство и населението, ако Вие не можете самите да се мотивирате? Посветеноста не би требало да се носи под знак прашање на секој семафор“, искрено ќе нагласи нашиот холандски пријател амбасадорот Дир Јан Коп.

Кога на ова уште би го додале последниот извештај на Транспаренси интернешенал треба да се прифати реалноста и да се почне со работа.  Факт е дека нешто е гнило, дека треба да се отсече и фрли, во спротивно сите ќе бидеме дел од една депонија на квази систем. Оваа Влада го има полниот легитимитет да постапува, да делува, наместо да дебатира и виновникот да го бара еден ден во опозицијата, следниот во антикорупциската комисија, да види дека проблемот е тука, зошто оваа генерација ја има шансата да се справи со наследената нефукционална држава. Време е за голема чистка во сопствените редови!

Ковид-19 и безбедносно-разузнавачката заедница

Денес го живееме веќе 12-от месец во новата реалност и ковид пандемијата во која светот, ЕУ и помалите земји се борат здравствената да не прерасне во безбедносна криза. Ова исфрли многу слабости на системот, но воедно ја покажа неспособноста на ЕУ да одговори навреме на потребите и поради што прво треба да се започне  со градење на домашните капацитети согласно нашите можности.

Кога светот трага по вакцини, а ние сеуште ја очекуваме првата пратка да дојде, оправдано се поставува прашањето – какви сознанија имаа нашите безбедносни служби добиени од најголемите партнерски служби за механизмите за совладување на Ковид-19 и информациите  од каде големите, а од каде малите држави може да се надеваат на насушно потребната вакцина, на која врата треба да се затропа, дали навреме се земени во предвид од надлежните. Безбедносно-разузнавачките служби не се само обични производители на аналитички извештаи кои се резултат на тајно собирање на информации, туку имаат и високо-квалитетни разузнавачки анализи кои ќе се искористат за „добри” безбедносни и други јавни политики вклучително сега и во процесот на вакцинација. Дали и зошто не се земени во предвид безбедносно-разузнавачките предупредувања ако ги имало на овој план носи последици – за безбедноста на граѓаните, меѓународните односи и кај разни владини сектори. Всушност, кај нас е потребно да се подигне свеста кај владините претставници за подобро користење на разузнавачките информации при градењето на државни позиции за клучни прашања и развивање безбедносни политики.

Многу треба да се биде внимателен и при секоја набавка и итната потреба, зошто користењето на услугите на други надвор од меѓудржавната комуникација и самите производители може земјата да ја втурне во други игри и спреги на посредници и да бидеме пак колетарна штета и не само во геополитичката игра, туку и во тоа за што Транспаренси интернешенал говореше. Не треба да се заборави дека службите не функционираат сами за себе, туку треба да имаат клучна улога во обезбедувањето на националната безбедност и градењето на безбедносните и јавни политики. Всушност, една од основните дејности на разузнавачко безбедносната заедница е собирање и анализа на податоци и информации од значење за државата, каде крајни корисници се донесувачите на одлуки, односно државниот врв. Во таа смисла, валидно е да се земе предвид потребата од независност, но и потребата од соработка меѓу разузнавачката дејност и креирањето на политики, овој пат во справувањето со вонредната, кризната, здраствената состојба поради пандемија и вакцинацијата.

Тајните служби без граѓанска контрола и парламентарен надзор

Во оваа анализа ќе пишувам за реформите на разузнавачко-безбедносните служби - рак рана со децении во државата. Некој ќе рече, па овде најмногу направивме- УБК ја одвоивме од МВР, ја формиравме Оперативната техничка агенција, донесовме нов Закон за Агенција за разузнавање.Реформи поради реформи во безбедносно-разузнавачката заедница не се доволни. Не е доволно само да се пополнува листата на задачи на ЕУ и НАТО, потребна е вистинска промена која ќе гарантира дека утре нема да има  нова афера на „Големото уво“ или пак скандал со следење и обелоденување на интернет комуникацијата или злоупотреба на мета податоците во земјата!? Дали се уште се користи директната форма писмено барање до оператор за собирање на мета податоци што е спротивно на член 17 од Уставот на државата, за што треба да се има судска наредба.

Реформскиот процес во разузнавачките служби не е заокружен и без тоа нема заштита и гаранции дека не се можни евентуални злоупотреби во било какви цели.„Потребни се понатамошни напори за да осигурa дека се има пристап до сите потребни алатки за исполнување на својот мандат на ново формираната Агенција за национална безбедност. Треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор над разузнавачките служби. Во согласност со препораките на групата високи експерти за системски прашања за владеење на правото, цивилен надзор треба да се обезбеди над безбедносен/разузнавачки сектор бидејќи тоа исто така ќе има позитивно влијание врз ублажување на јавната недоверба во разузнавачките институции. Сите релевантни закони треба да бидат брзо спроведени, во соработка со НАТО и стратешките партнери„ стои во последниот извештај на Европската комисијата (https://ec.europa.eu/neighbourhoodenlargement/sites/near/files/north_macedonia_report_2020.pdf). 

Се формираа нови тела како Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, но безбедносните институции по навика како да продолжија со импровизации и свои шеми да работат вклучително и за време на кризната состојба, но за тоа во друга прилика. Зошто од Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница нема ни трага ни глас?!

Дали политиката е водена од разузнавање или разузнавањето од политика?

По тешките преживеани боледувања преку две големи афери на големото уво од страна на Рајнхард Прибе беше јасно дијагностициран канцер во безбедносниот систем на државата, лоциран на разузнавачко-безбедносните служби по што следуваше оперативен зафат преку донесување на посебен закон за следење на комуникациите и формирањето на АНБ, односно ОТА. Во последниот извештај на лекарскиот конзулиум во ликот на Европската комисија е констатирано дека дадената терапија не се дава или со истата е прекинато.

При тоа треба да се потсетиме дека Законите за реформи во безбедносно-разузнавачката заедница и покрај нејзините слабости беа донесени со политички консензус, занемарувајќи ги забелешките на академската заедница кои беа делумно прифатени. Но кога дојде прашањето за селекцијата на кадарот во Агенцијата за национална безбедност се отвори прашањето на нашите и вашите и почна законот да не биде добар за истите пратеници кои едногласно го донесоа, мислејќи дека селекцијата ќе биде направена само со политички конзензус.  Сега може има слика, но нема тон, или има формално закон, значи има рамка, но нема видлива слика во која може да се види дека се спроведува граѓанска и демократска контрола.

Добивањето на НАТО безбедносните сертификати за кои ќе се обидам да направам анализа во некои од наредните пишувања покрај прашањето на партизацијата, политизацијата на старешинскиот кадар и професионалните војници, го отвори сериозно прашањето за регулирањето на работата на Воената служба за безбедност и разузнавање.

Недостасува процедура во назначувањето на Директор, односно нејзин раководител (ова не значи дека се негира подготвеноста на постојниот, но едноставно недостасува транспаретна и законска постапка на именување која ќе ја гарантира независноста на службата од институцијата Министер за одбрана независно од која политичка провиненција да биде.) 

Од друга страна, секој коментар за работата на безбедносно-разузнавачките служби не значи автоматско негирање на луѓето кои работат таму во ОТА, АНБ, ВСБиР и ги раководат службите, но има бројни недоречености кои може некои да ги злоупотреби или превиди од било која причина.

Кој ја контролира Воената служба за безбедност и разузнавање? Каде и кога е извршен последниот нејзин надзор? Кое е нејзиното место и улога во МО и безбедносниот систем и кој врши контрола и надзор над нејзиното работење од која се изнедрија политички активисти во левицата и десницата и кои кумуваат на сите процеси досега. Во недостаток на национален консензус за бројни прашања, наликува како да има премолчен договор меѓу власта и опозицијата за да се толерира и прогледа низ прсти немањето на контрола и надзор на тајните служби (АНБ, ОТА...) Зошто две од трите комисии кои ги раководи опозицијата со свои претставници воопшто немаат заседавано по однос на надзорот и контролата на тајните служби?  Зачудува што опозиционите пратеници не закажуваат и бараат свикување на седници, покрај тоа власта ја задоволува формата без содржински и реални дебати во Комисијата за одбрана и безбедност. Сложни попови (читај СДСМ и ВМРО ДПМНЕ) и во петок мрсат (н.з.нема надзор над службите).

Изговорот дека некои од пратениците немаат се уште добиено безбедносен сертификат, може да биде само изговор бидејќи има законски рок до кога пратениците треба да добијат безбедносен сертификат. Парламентарците во изминатите 29 години како и сегашните независно од политичката провивенција покажаа дека не сакаат да вршат темелен надзор. Ниту еднаш во годините зад нас кога извор на политичка или безбедносна криза беше една од службите, Собранието нема направено превентивен надзор да откријат дејствија или пак реактивен надзор да ги утврдат последиците од истите и да предложат измени на законите со цел да не се повтори дејствието.

Речиси сите кризи и афери само завршуваа на суд или со медијација од друга страна, само за да се обезбеди заштита на поединци или групи кои се компромитарани, контаминирани или во нечија друга фунција. Граѓанскиот совет во Собранието е блокиран и за него нема грижа ниту кај власта, ниту пак опозицијата. Граѓанската контрола и надзор е ограничена и дури ниту симболична, бидејќи има законски ограничувања свесно ставени со цел да се оневозможи темелна контрола во сите административни и опертивни процедури на службите.  Едноставно граѓанскиот надзор виден во собранискиот совет за граѓанска контрола не мое да добие не само финансиски средства за работа, туку и темелни информации за одредени активности, технички ресурси и др. Дали денес политика водена од разузнавање или разузнавање водено од политика?! Насушна е потребата од донесување на посебен закон во кој суштински и детално ќе се дефинира надзорот на безбедносните служби и новата ОТА, по примерот на Словенија. Тие имаат посебен Закон за надзор и контрола со јасни надлежности и тогаш ниту една институција нема да може да Ви каже, тој документ не ви го даваме.

По примерот на европските земји, потребно е да се направи и тнр. глува соба која би чинело околу 500.000 евра, а дел од парите може да се добијат преку донации. Нема потреба да се избира меѓу независноста на разузнавачките служби и нивната соработка со политичарите и донесувачите на одлуки. Клучот е во одржување на професионални и отчетни разузнавачки служби кои ќе бидат во постојана интеракција со владата, но ќе бидат ослободени од политичко влијание.На крајот на луѓето од разузнавачко-безбедносната заедница не треба да се сетиме само кога имаме некој проблем, туку токму сега да го отвориме прашањето за нивното место и суштината- потребата за професионализација, департизација и декриминализација на безбедносната заедница.

(Авторот е универзитетски професор)