1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Вистината мора да излезе на видело

Пандели Пани / Е.М. Фиданоска4 август 2015

Парламентот во Приштина попушти под меѓународниот притисок и со промена на Уставот отвори пат за основање Специјален суд кој би требало да ги расчисти евентуалните злосторства на Албанците извршени во косовската војна.

https://p.dw.com/p/1G9W6
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Kryeziu

Злосторства на Албанците? Токму тоа е она што ги бранува духовите. Многу политичари и обични луѓе од Косово сметаат дека тоа е нефер, поради тоа што за нив војната на ОВК на Косово ја донесе долго посакуваната независност, па оттука, според нив, е нешто свето. Сосема според принципот: целта ги оправдува средствата. И тоа е и една од причините зошто беа потребни речиси пет години за парламентот на земјата, по жешка дебата, да се согласи со промени на Уставот и да го отвори патот за основање Специјален суд.

Специјална група иследници од ЕУ од 2011 година собира докази за подигање обвиненија против поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Сега тие треба да бидат процесуирани во новиот Специјален суд. Од долгата рака на правдата, меѓутоа, сега веројатно не мора да стравуваат само поранешните команданти на ОВК, туку и некои политичари и народни претставници.

UCK-Kämpfer 1999 ARCHIV
Борци на ОВК во 1999 година (архива)Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Slatensek

Воените злосторства за кои е осoмничена ОВК се последното поглавје од правната обработка на воениот распад на поранешна Југославија. А, колку е тоа тешко покажува не само фактот што косовската влада и речиси сите политички партии беа против Специјален суд за воени злосторства (при гласањето на крајот на јуни немаше неопходно двотретинско мнозинство), туку индиција за тоа се и официјалните минимизирачки описи на Специјалниот суд. Имено, кога се зборува за судот, тој добива имиња како „стручна комора“, или „канцеларија на специјален обвинител“.

Жртви наспроти злосторници

Со години многу луѓе на Косово се залажуваа дека воени злосторства вршеле само другите, Србите и нивните колаборатори. За евентуалните воени злосторства извршени од страна на ОВК речиси и не се зборуваше, се‘ додека швајцарскиот политичар Дик Марти не го стави прстот во отворената рана. Во извештај на Советот на Европа во декември 2010 година тогашниот специјален известувач на Советот подигна тешки обвиненија против раководството на ОВК. Тоа, како што беше речено, за време и по завршувањето на косовскиот конфликт на крајот на 1990-тите извршило воени злосторства врз припадници на српското малцинство, врз Роми и таканаречени албански колаборатори. Станува збор не само за убиства, киднапирања, прогон, сексуално насилство, уништување цркви или трговија со дрога, туку најмногу вним,ние предизвика тврдењето на Марти дека борците на ОВК на црниот пазар продавале органи од заробеници. Сепак, непобитни докази за ваквото тврдење известувачот не понуди. И Хашим Тачи, денес министер за надворешни работи, а од 2008 до 2014 година премиер на Косово, е предмет на тешки напади во извештајот на Марти.

Приштина тогаш на обвинувањата на Марти одговори со тврдење дека тоа се „невистинити и од страна на Србија и Русија фабрикувани изјави, за да и‘ се нанесе штета на оправданата војна на косовскиот народ за слобода и независност“. Тачи се закани дека ќе покрене тужба против Марти. Меѓутоа, откако Парламентарното собрание на Советот на Европа на 25 јануари 2011 година донесе резолуција врз основа на извештајот на Марти, Тачи се обрати со писмо до Советот, во кое сигнализираше подготвеност на Косово да се соочи со истражен процес.

UCK-Armee
Воените злосторства за кои е оосмничена ОВК се последното поглавје од правната обработка на воениот распад на поранешна ЈугославијаФотографија: picture-alliance/dpa

Животот на сведоците е опасен

И покрај подготвеноста на претставниците на Косово да сторат се‘ што е можно за „да се обезбедат сигурни и соодветни услови за работа на Специјалниот суд“, како што на пример стои во писмото на претседателката Ахтифете Јахјага упатено до поранешната Висока претстваничка на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон во април 2014-та, седиштето на новиот Специјален суд за воени злосторства формално нема да се наоѓа во Косово.

Исто како Специјалната иследничка група на ЕУ и Судот ќе биде раководен исклучително од меѓународни судии, а голем дел од неговата работа ќе се врши во Ден Хаг. Причината за тоа не лежи само во фактот што и Судот за воени злосторства за поранешна Југославија има седиште во Ден Хаг. Многу повеќе, тоа е поврзано со тоа што на Косово нема доволна заштита за сведоците, иако законот за тоа е донесен уште пред неколку години. Во текот на изминатите години сведоците кои беа подготвени да дадат исказ против поранешните команданти и членови на ОВК беа наголемо заплашувани или беа убивани.

„Овде секој познава секого или е роднина со некого, или е во брак со некого кој познава одредена личност“, објаснува новинарот Миљаим Зека во разговор за ДВ. Тој критикува и што се врши притисок врз новинарите, кои исто така добиваат и закани ако пишуваат за подигнувањето обвиненија против поранешни команданти на ОВК. Голем проблем за работата на правосудството на Косово, со кој ќе се соочи и Специјалниот суд, според Зека, е недоволното разбирање на проблемот со лажни изјави од страна на косовските граѓани. Освен тоа, досега случаите на лажно давање изјава не се санкционирани.