1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десет совети за позитивни мисли во време на коронавирус

Александер Фројнд
21 ноември 2020

По прележана зараза од коронавирус, сакам да споделам неколку совети со тебе, како во овие времиња со нервози малку да си го подобриш расположението.

https://p.dw.com/p/3lMay
Deutschland Emotion Glück l Symbolbild - Toastbrot vor Gesicht
Фотографија: picture alliance/ImageBROKER/M. Jaeger

Оваа 2020-та навистина „оди на нерви”: постојано страшни корона-вести, ограничувања на контактите, страв од зараза или губење на работното место. Нема патувања и излети, нема ресторани и кафулиња, концерти или спортски настани. Со мерките против короната, светот ни стана мал и здодевен. А, сега дојде и ова непријатно годишно време со лошо време и малку светлина и сето тоа може да ни се одрази на расположението.

Иако не сум ни психолог, ни мотивациски тренер, ни тренер за здравје, по прележана инфекција со корона сакам да споделам со вас неколку совети, нешто што ќе ве поттикне или неколку мудрости од „кексите за среќа“ за да си го подобрите расположението.

1. Живеј во моментот!

Нема излез, ситуацијата е таква каква што е. Нема многу корист од тоа постојано да се нервираш или да се плашиш дека ќе се заразиш, дека ќе ја загубиш работата или ќе се осамиш.

Многу често трчаме по далечна цел, следната работа, следната добра понуда, следната можност, следниот адреналински „кик“, следниот партнер и што и да е друго. Притоа, не го гледаме она што веќе го имаме. Како што се вели, патот честопати е всушност целта. Можеби веќе сме посреќни отколку што мислиме. Тоа може да го дознаеме само ако се освестиме.

Tee trinken zur Entspannung
Уживај во моментот, можеби си посреќен отколку што мислишФотографија: picture-alliance/dpa Themendienst/M. Wüstenhagen

Ако моменталната општествена блокада ја користиме како шанса за да застанеме и постојано да се потсетуваме моментот да го живееме со полна свест. Сите сега имаме време за тоа, па ајде да го искористиме!

2. Мисли позитивно!

Постојано слушаме и читаме колку позитивните мисли се важни за здравјето и дека со оптимистички светоглед дури и животното очекување се зголемувало за 15%.

Позитивно да се размислува, особено во вакви времиња, не е толку лесно. Премногу често грижите и проблемите ни го поматуваат расположението. Нѐ оптоваруваат. Но, од помош е во текот на денот, или можеби навечер, да се потсетиме на три нешта кои биле добри тој ден. Мали моменти на среќа кои пречесто се губат во секојдневието. Освести се за тие мали радости со тоа што сосем концентрирано ќе мислиш на нив. Можеби можеш дури и да ги запишеш. Позитивните мисли го прават животот полесен.

Повеќе:

Истражување: Германците се оптимисти и покрај короната

Љубов во време на коронавирус: Двојката која се среќава преку граница

Како да го зајакнете имунитетот среде пандемијата на коронавирусот?

3. Дај си пауза за одмор!

Каде и да погледнеш, со кого и да зборуваш, сѐ се врти околу короната. Тоа е разбирливо, но малку корисно. Дај си големи паузи од сите страшни вести во медиумите, или вознемирувачките коментирања на социјалните медиуми.

Smartphone Ausschalten
Дигитална пауза ѝ годи на психатаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Држи растојание од луѓето кои со песимизмот или цинизмот уште повеќе те влечат надолу. Подобро дружи се со оние кои може да те наведат на други мисли и кои те расположуваат. Оние со кои можеш да се смееш и да се радуваш.

4. Држи се до распореди!

Корона пандемијата ни го преврте целиот свет наопаку. Ништо не е како што сме  навикнале. Колку ли сме се нервирале за наметнатиот распоред во денот и сме посакувале да имаме повеќе слободно време! Но, и без таков распоред на луѓето им е тешко. Без план кога стануваш, кога јадеш, кога пазариш и.т.н. животот брзо може да излезе од колосек.

Многу луѓе одеднаш поминуваат многу време дома, што може да биде и убаво кога имаш време за семејството и за себе, но заедништвото на кое не си навикнат може да биде и тест за издржливост. Токму затоа е важно да се држиш до распоред за да му дадеш структуриран тек на денот.

5. Движи се!

Недостиг на физичка активност е лош за психата. Тоа не важи само за спортски типови кои страдаат и физички и психички ако не се движат доволно.

Сите ние во секојдневието се движиме многу повеќе отколку во овие нестварни времиња. Повеќе трчаме, повеќе се качуваме по скали, имаме по некој спринт по автобусот, стоиме во редица на каса, ги влечкаме торбите до дома. Сето тоа се нормални движења кои кај многумина во „локдаун“ отпаѓаат.

BG Parks und Gärten | Berliner Tiergarten
Движи се!Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Кој вид спорт или движење е добар за тебе, знаеш најдобро самиот. Битно е да се надмине мрзливоста и на телото да му се даде потребното количество физичка активност.

Но, пред сѐ: станувај од кревет! Премногу спиење или лежење во кревет влијае на расположението. Тоа може дури да те направи депресивен.

6. Почувствувај ја природата!

Доживеј ги есенските бои, птиците преселници, ветрот. Секое пешачење чини добро. Половина час е одлично, но час и половина уште подобро.

Искористи ги сончевите часови. Не е страшно ниту кога врне и вее – се вели, нема лошо време, има само лоша облека. Дури и кога времето не е баш поволно, излези надвор!

Großbritannien UK Herbst
За прошетка нема лошо времеФотографија: John Sibley/REUTERS

Движење на свеж воздух го подобрува расположението, ве буди, го ублажува стресот и грижите, бидејќи кога се движите на отворено, вредноста на кортизонот во телото се намалува, главата се разбиструва и повторно можете подобро да се концентрирате.

7. Разгалете го телото и духот!

Не со чоколадо и чипс! Убава мисла! Но повеќе мислам на здрава исхрана со повеќе овошје, зеленчук и салата отколку вообичаено. И тоа свежа салата. Мислам и на релаксација, на велнес моменти за телото и душата. Дури и ако се чини дека работите не одат како што треба, потребни ни се вакви моменти на опуштање и себеразгалување.

Symbolbild Frau in Badewanne
Претворете ја бањата во велнес оазаФотографија: Fotolia/Ariwasabi

Светлина од свеќи наместо од лустер, музика наместо звук од машина за перење, полна када со миризливи ароми на еукалиптус или лаванда. Масажа со мека четка за капење и да си одвоите време за да се опуштите. Истриј се убаво со мек пешкир и намачкај го телото со крем. Навистина малку е потребно за да си ја претворите бањата во велнес оаза.

8. Изненади се себеси!

Нема посети од пријатели, нема патувања и излети, нема ресторани или излегување навечер, нема концерти, спортски настани – повеќе ништо нема. Поради корона-мерките нашиот свет стана мал и здодевен.

Но, на нашиот ум му е потребна некаква содржина и промена, па изненадете се себеси. На пример, згответе нешто што не сте го направиле досега, или поинаку искомбинирајте ги познатите состојки. Дури и ако не испадне вкусно, сепак е нешто различно.

Не ја слушај постојано истата листа песни, туку побарај нешто ново. Не ги гледај истите серии и програми (пред се’ немојте да гледате само лекарски серии или крими, има и нешто повеќе од болести и злосторства). Во многу медијатеки има скриени богатства кои може да ве инспирираат со други идеи.

Verlage sehen mehr Nachfrage nach Food-Themen
Згответе нешто ново!Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand

9. Разубавете се!

Многу луѓе напролет имаат порив да си ги расчистуваат домовите, да ги редизајнираат, да реновираат. Ова пролетно чистење не е само практично, туку е и еден вид ритуал. Во среден, реновиран, па дури и само варосан дом, човек се чуствува поубаво, а уреден стан влијае и на подобрување на соживотот. Докажано е дека со чистење се намалува стресот, а за многумина големо чистење е и еден вид медитација.

Пред се’ сортирање и исфрлање на стари нешта влијае ослободувачки. Во Европа едно лице во просек поседува 10.000 работи, од кои голем број не му се потребни. Но, тешко ни паѓа да ги исфрлиме. Многу работи ги чуваме од сентиментални причини или од пристојност, ако се добиени за подарок – ова пред се’ се однесува на сувенирите.

Но има еден трик како да се надмине ова: не расчистуваш по соби, туку по категории, значи облека, книги, дребулии и сувенири. Ако го ставите на едно место работите од една категорија, ќе видите колку всушност работи имате. Потоа разледајте едно по едно и проценете дали ви е се’ уште потребно. Ако да, останува, ако не - се фрла.

#dw_BalkanBooster: Колекционери vs минималисти

10. Почни нешто ново!

„Да имав време, тогаш ќе...!Најдобриот изговор во светот. Па, сега е токму вистинското време. На пример, да започнеш повторно со старото хоби, или да си најдеш некоја нова занимација. Конечно човек сега може да започне со нешто што отсекогаш го посакувал. Можеби да научите нов јазик, да цртате, компонирате, или пак да пробате јога. Можете да започнете и со социјален ангажман, да им помагате на постарите соседи за купување намирници или да им помагате на децата при учење. Сега имаме време за започнување нешто ново.