1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клучна недела за СЈО

Костадин Делимитов
9 септември 2019

Ако политиката ги запре процесуираните предмети во СЈО, земјата ќе падне во голема криза, предупредуваат правни експерти.

https://p.dw.com/p/3PGHP
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Правните експерти спорат, политичарите се на нож, осомничените за криминал на штрек. Што ќе се случува со предметите на СЈО кои се процесуирани и како ќе продолжи процесот на расчистување со аферите на криминал и корупција кои произлегоа од бомбите?

Јавното обвинителство официјално соопшти дека патот за преземање на предметите на Специјалното јавно обвинителство е чист, откако викендот добиле втор допис од Катица Јанева со нејзина лично потпишана согласност државниот обвинител да може да преземе истраги или гонење по предметите кои спаѓаат во надлежност на СЈО. Со ова, според републичкиот обвинител Љубомир Јовески, дилемите веќе се отстранети и започнува „работата на техничките прашања за примопредавање на предметите".

Како ќе тече овој процес и колку време ќе биде потребно за негова реализација засега е неизвесно. Особено ако се имаат предвид состојбите на политички план кои се заплеткани во пазарењето, или договарањето околу носењето на Законот за Јавно обвинителство.

Предметите не може да запрат

Правните експерти предупредуваат дека политиката во никој случај не смее да застане на патот на процесот на трансферирање на предметите од СЈО во ЈО, за кое сметаат дека има капацитет да ги продолжи постапките:

„Републичкото обвинителство има право да ги преземе, тие имаат капацитет, обвинители да ги распределат, такво право има државниот обвинител. Е сега, ако предметите ги водат други обвинители, бидејќи сериозно е нарушен кредибилитетот на обвинителите во СЈО, сепак ќе им треба време за запознавање, затоа што се работи за сериозно големи и долги истраги кои се водени, не знам со кој квалитет, но според нив има обвиненија кои се во правна сила. И тие се дојдени во суд. Сепак, и преземањето ќе одземе голем период, но опасност од застареност нема. Постапките треба да продолжат во Јавното обвинителство, бидејќи тие веќе се на суд и обвинителните акти кои се доставени веќе имаат правна сила. Кога имаат правна сила и се процесуирани во суд не може да ги запре никој, ниту пак може да застарат“, предупредува во изјава за Дојче веле адвокатот Александар Новаковски.

Symbolbild Akten Dokumente Bürokratie
Постапките треба да продолжат во Јавното обвинителство, бидејќи тие веќе се на суд и обвинителните акти кои се доставени веќе имаат правна сила, вели НоваковскиФотографија: picture-alliance/dpa

Потреба од политички консензус

Како адвокат Новаковски бил дел од одбраната во некои помали предмети кои ги водело Специјалното јавно обвинителство. Во стартот, вели, работата на обвинителството ја критикувал, но сега вели е и самиот изненаден и разочаран од сѐ што се случува. Затоа смета дека е многу важно процесите да продолжат во судовите, а политичарите да ја завршат работата во парламентот:

„Јавното мислење сега не верува во ниту едно обвинителство. Затоа е сега прашање како судот ќе постапи, бидејќи судот е тој што треба да го има последниот збор. Но ако политички се запрат дефинитивно ќе западнеме во сериозна криза во правосудството од која нема враќање. Затоа во законодавниот дом мора да се изнајде консензус, политичките партии да преземат одговорност и да донесат здрав закон. Било како некој да ескивира и да дава различни ијави излегува дека штити некого, што е директно мешање на политиката во правосудниот систем. Партиите ако калкулираат, тогаш дефинитивно не сакаат решение и сакаат да ги затворат предметите. Но тоа не е возможно, никој нема тоа да им го дозволи“, предупредува Новаковски.

Ако тоа се случи, според него, ќе се направи голема штета на државата:

„Законодавниот дом мора да донесе закон, а не да кажува кој случај каде ќе оди. Ако се затвори СЈО кој имал одреден рок, не може да затвориш сѐ друго што се случувало, тие предмети и обвинителни акти се пред суд и имаат веќе правна сила. Во таков случај не може никој да ги запре, ниту пак да застарат. Како може тоа?“, реагира Новаковски.

Повеќе:

ЈО ќе ги преземе предметите од СЈО

АБЦ – од љубов до секс

Судбината на т.н.бомби“

Дел од правниците спорат и околу судбината на т.н. бомби. Според адвокатот Еленко Миланов, кој е дел од одбраната во неколку процеси кои се водат од страна на СЈО, дилеми околу ова прашање не треба да има, бидејќи бомбите биле наменети исклучиво за Специјалното јавно обвинителство:

„Со згаснувањето на СЈО или преземањето на предметите во редовно јавно обвинителство, ниту еден редовен јавен обвинител ги нема овластувањата согласно законот на СЈО и правно ниту еден од тие нелегално снимени разговори не смее да биде понатаму доказ во постапката. Во сите предмети доколку продолжат во кое било друго јавно обвинителство, овие докази правно треба да бидат издвоени од списите и воопшто да не се користат како докази. Ако престане СЈО да функционира, бидејки и тоа влегува во законот на Специјалното обвинителство, тие докази треба да бидат уништени сега“, изјави Миланов.

Symbolbild Wikileaks Deutsche Firmen werben in Diktaturen für Überwachungssoftware
Со згаснувањето на СЈО или преземањето на предметите во редовно јавно обвинителство, правно ниту еден од нелегално снимените разговори не смее да биде понатаму доказ во постапката, уверен е МилановФотографија: picture-alliance/dpa

Политиката ќе прави проблем?

Но дека политиката ќе прави проблем станува јасно по она што деновиве се слуша како ставови од страна на политичките партии. Како последна, за време на викендот, ДУИ, владиниот коалиционен партнер, кој смета дека законитоста на одлуката на републичкото Јавно обвинителство за преземање на предметите од Специјалното јавно обвинителство е под знак прашалник:

„Законитоста на една одлука донесена во услови кога поднесителот е во притвор, со однапред поднесена оставка и веќе започната постапка за разрешување во Собрание, е под голем знак прашалник и ги споделувам резервите на дел од политичките партии коишто не се дел од преговорите, фелата и јавноста, но секој си сноси одговорност за своите постапки, било тоа да се политичари, обвинители, судии. Мора да постои правна извесност и одлуки коишто се законски, општо прифатливи и влеваат доверба кај граѓаните. СЈО веќе е беспредметно“, изјави пратеникот од ДУИ, Артан Груби. 

Аналитичарот Алберт Муслиу, пак, смета дека власта и опозицијата се блиску до решение за законот.
„Едно од најспорните прашања за опозицијата, субординацијата и вклучувањето на СЈО во рамките на редовното обвинителство, е надминато со новиот предлог на владата. Оптимист сум дека во следните денови ќе се најде решение и за формата како прислушкуваните материјали, исто така да се трансферираат во надлежност на ова обвинителство. Исто така мислам дека и обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска, иако често напаѓана од опозицијата, последниов период, со предметот „Рекет“, со определените притвори, и со динамиката на водење на истрагата, ја оправда довербата“, вели Муслиу за ДВ.

По второто писмо од Јанева до Јовески, од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ нема официјални ставови. Опозициската партија го оспори првиот допис на специјалната обвинителка со кој таа ги овласти обвинителите-помошници да ги предадат случаите во Јавното обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ тогаш предупреди од координирана акција на власта и обвинителството.

За власта пак немало ништо спорно во потегот на Јанева. Сега, велат, остануваат посветени на носењето на законот за Јавно обвинителство без оглед што тоа сега не изгледало така ургентно. Партиските преговори за судбината на СЈО и законското решение продолжуваат веќе утре, за кога не се исклучува и лидерска средба помеѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Во последната изјава премиерот изрази оптимизам дека е можно решение до 15 септември, кога практично и истекува мандатот на Катица Јанева, а со тоа и на целиот нејзин тим во обвинителството.