1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Келнската новогодишна ноќ која ја промени Германија

Ралф Бозен
31 декември 2020

Пред пет години дочекот на Нова година пред познатата келнска катедрала стана светска вест - по немил настан. Толпа мигранти сексуално малтретираше жени и ограбуваше луѓе. Таа ноќ остави длабоки траги во Германија.

https://p.dw.com/p/3nPvp
Köln Übergriffe in der Silvesternacht
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Boehm

Испраќањето на 2015 година почна наизглед безопасно, но ноќта на преминот во 2016 година ја промени Германија. Како и претходните години, мноштво луѓе беа собрани на платото пред главната железничка станица во Келн. Веднаш отспротива се наоѓа градскиот симбол – познатата готска катедрала.

Но, овојпат таму беше собрана група од околу илјада млади мажи, претежно од арапските земји на северна Африка. Расположението им беше раскалашено и агресивно. Испалуваа ракети и петарди во луѓето, малтретираа минувачи, крадејќи им телефони и паричници. Полицијата реагираше изненадено, на локацијата имаше премалку полицајци и –ситуацијата ескалираше.

Имаше посебно „одвратни" сцени, како што рече подоцна канцеларката Ангела Меркел. Чопори мажи тргнаа во лов на жени. Следеа сексуални напади и силувања. Тогашниот шеф на келнската полиција Волфганг Алберс подоцна изјави дека се тоа „кривични дела со целосно нова димензија".

„Културата на добредојде" под притисок

Во текот на наредните денови се поднесени вкупно 1210 кривични пријави, од кои 511 за сексуални напади. Имало 28 случаи на силување или обид за силување. И во други германски градови како Хамбург, Франкфурт и Хановер имало слични случаи, иако не толку драстични сцени.

Франко Клеменс, директор на бегалски дом во Келн, е шокиран од она што им е направено на младите жени и девојки во Келн. За него и неговите соработници тоа е „шок кој му го извлекол тлото од под нозете".

Тој вели дека со тоа е доведена на раб на пропаст културата на добредојде кон бегалците, промовирана од Ангела Меркел. Легендарната реченица на канцеларката: „Ќе успееме!", која ја изговори во 2015 година мислејќи на интеграција на стотици илјади бегалци дојдени преку Балканската рута, за многумина Германци доби горчлив вкус по новогодишната ноќ во Келн.

Келн половина година по нападите пред Дом

Таа ноќ доведе до промена на парадигмата во општеството, вели Клеменс. „Културата на добредојде е урнисана со ненадеен страв кај многу луѓе", истакнува тој, со тоа е загубена големата поддршка од народот која достигаше до самите бегалски домови „каде луѓето доаѓаа и ни помагаа во социјалната работа и интеграција."

Предупредувањата од Трамп

Новогодишната ноќ во Келн имаше огромен медиумски одек – низ цел свет. Доналд Трамп во текот на предизборната претседателска кампања нападите во Келн ги нарече пример за неуспешна бегалска политика. И потоа немилосрдно ги користеше во своите настапи.

И во Германија се распламте дебата. Граѓаните кои дотогаш живееја безгрижно, почувствуваа невидена потреба за сигурност. Порасна продажбата на лажни пиштоли, електро-шокери и спрејови со бибер.

Од ваквата ситуација една сила извлече политички профит: десничарската Алтернатива за Германија, АфД. Таа успеа да го канализира  стравот и бесот во своја корист и да придобие бирачи. Наскоро стана најголема опозициска партија во Бундестагот.

Построги закони

По нападите во Келн, германската влада и Бундестагот во 2016 година го заострија Законот за азил. Тој олеснува депортација на престапници во земјите на нивно потекло, реформиран е и кривичниот закон за сексуални деликти.

„Сексуалното вознемирување дотогаш не беше посебно кривично дело", вели Бехшид Најафи од Советувалиштето за жени „Агисра" во Келн.  Се почна и со принципот „не" значи „не": за казнив сексуален чин се смета и силување каде жртвата не се брани активно. Ако пак сексуално дело изврши група мажи, сите мораат кривично да одговараат.

Поуки извлекоа и медиумите. И тие, како и полицијата, беа обвинети за преголемо колебање да пренесат инфрмации за идентитетот и странското потекло и државјанство на осомничените.

Советот за следење на медиумите ги смени своите смерници околу именување на извршителите. Претходно, новинарскит кодекс налагаше новинарите да избегнуваат изнесување податоци за потекло на криминалците. Од крајот на 2016 година тоа може да се прави „доколку постои оправдан јавен интерес".

Наводи за расизам во полицијата

Полицијата во Келн формираше работна група „АГ Нова година", составена од експерти. За дочекот на 2017 година на улици испрати многу повеќе полицајци.

Зајакнати безбедносни мерки за Нова Година

Но, кога полициски службеници на Твитер во информациите извршителите ги означуваа со кратенката  „Нафрис", ги обвинија за расно профилирање. „Зголемувањето на престапи од страна на мигранти од северна Африка е непорекливо", се правдаше полицијата. Со напомена дека секако мнозинството луѓе од северна Африка кое живее во Германија не се криминалци.

Повторно е ревидиран безбедносниот концепт на поли цијата и обуката е прилагодена на реалните барања. Но, што е со барањето на Меркел „виновниците да се пронајдат и казнат што побрзо, без оглед на потеклото?"

Недоволно докази

„Адекватен" одоговор на државата, судејќи според бројките – изостана. Државното обвинителство во Келн подигна 46 обвиненија, а осудени се 36 сторители. Главно за кражби и слични деликти.

Само двајца мажи се осудени за сексуална принуда и вознемирување, како и помош во сексуален напад. Тоа беа еден Алжирец (26 години) и еден Ирачанец (21) кои добија по една година условна казна. Трета пресуда е изречена за навреда врз сексуална основа. 

Бившиот шеф на работната група „АГ Нова година", полицаецот Клаус Цимерман, е фрустриран од толку малиот број пресуди. „Ние како истражна полиција доаѓаме до заклучок за постоење сомнеж за голем број кривични дела, ги проследуваме до обвинителите и на крајот констатираме – казнети се само мал број извршители".

Додуша, во случајот на бурните настани во Келн беше тешко да се најдат виновниците. Иако, вели Цимерман, „беа исцрпени сите средства -  воспоставување радио-врски, ангажирани експерти за проценка на видео материјаал со цел идентификување на извршителите."

Па сепак, реформираниот безбедносен концепт на келнската полиција обезбеди во минатите години мирни дочеци на Нова година. Оваа година, поради коронавирусот, Келн очекува најмирен дочек во историјата.