1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Сценарио за Холокаустот: 80 години од состанокот во Ванзе

Фолкер Вагенер
20 јануари 2022

На 20 јануари 1942 година, во елегантна вила кај Берлин, се разговарало за геноцидот на европските Евреи. Протоколот од конференцијата во Ванзе и 80 години потоа предизвикува морници.

https://p.dw.com/p/45nA4
Haus der Wannsee-Konferenz in Berlin
Вилата во која што е одржана конференцијата во ВанзеФотографија: picture-alliance/dpa

Понекогаш помошта доаѓа случајно. Во март 1947 година, кога пред Нирнбершкиот воен трибунал се најдоа службеници од Министерството за надворешни работи, Роберт Кемпнер дојде до значајно откритие.

Меѓу купиштата пишани документи од нацистите, една папка ја буди љубопитноста на заменикот обвинител. На печатот со црвена боја јасно може да се прочита: „Таен документ на Рајхот“. Тоа се 15 страници со безопасен наслов „Протокол од состанокот“. Тоа е доказ за систематското уништување на европските Евреи, „снимка“ на т.н. Ванзе-конференција, одржана на 20 јануари 1942 година. Се работи за 16. копија од Протоколот. И, тоа е и единствената зачувана од вкупно 30 примероци.

Млади, образовани, амбициозни

На 20 јануари, околу пладне, на покана на Рајнхард Хејдрих, шеф на страшниот Главен уред за безбедност на Рајхот (РСХА), 15 мажи се собираат во елегантна вила во Ванзе, шик предградие на Берлин. Надворешната температура - минус 12 степени, а она за што се разговара во вилата до денес ја смрзнува крвта во жилите. Доаѓаат Ес-Ес офицери, државни секретари и раководители од нацистичката администрација. Тоа не се познати имиња, но речиси сите се млади и образовани. Секој втор е доктор на науки. Пред сѐ, меѓутоа, сите се амбициозни.

За оние кои немаат многу интерес за историјата, конференцијата во Ванзе важи за „тело за заклучоци“ во врска со Холокаустот. Тоа е двојно погрешно. Прво, на тој ден не се носат никакви заклучоци. Тогаш само се „информира“. И, второ, геноцидот на Евреите е веќе започнат.

Judentransporte Auschwitz
Транспорт на Евреи за Аушвиц, 1941 годинаФотографија: picture-alliance/Zuma/Keystone

Хејдрих на маса ги има претставниците на сите релевантни институции, како Министерството за надворешни работи и Министерството за сообраќај. Станува збор за координација на планираните депортации и масовни убиства. И, станува збор за тоа сите ресори кои се вклучени во тоа, да се стават под раководство на Хејдрих. Правата реченица од Протоколот е доказ за тоа. „Именување за ополномоштеник за подготовка на конечното решение на европското еврејско прашање“ - скок во кариерата за Хејдрих.

Пред Ванзе-конференцијата веќе имало половина милион еврејски жртви

20 јануари 1942 година, наспроти поинаквите тврдења кои често се слушаат, не е почеток на организирани масовни убиства на Евреи. Месеци пред таканареченото „конечно решение на еврејското прашање“ има стотици илјади жртви. Така е особено на подрачјата на Советскиот Сојуз, кои се под германска окупација од летото 1941 година. Германците уште пред Ванзе-конференцијата имаат убиено 500.000 Евреи, меѓу кои и деца и жени. Најголемиот дел од нив се стрелани.

Prof. Dr. Michael Wildt
Проф. д-р Михаел ВилтФотографија: Michael Wildt

Индиции за намерите за уништување на Евреите има долго пред тоа. Хитлер уште на 30 јануари 1939 година има јасен вокабулар кога, во случај на војна, му предвидува уништување на, според жаргонот на нацистите, „интернационалното Еврејство“. Кога почнува војната против Советскиот Сојуз („Операција Барбароса“), на 22 јуни 1941 година, и голема територија е прегазена, под нацистичко владеење за само неколку месеци се наоѓаат милиони негермански Евреи.

Историчарот и експерт за Холокаустот, Михаел Вилт, во тоа гледа пресврт во политиката на прогон на Евреите. Протерување и принуда за иселување - тоа за повеќе од 11 милиони Евреи, опфатени со Протоколот од Ванзе, веќе не е можно „За да се ослободат од Евреите, плановите стануваат помонструозни, погигантски“, вели Вилт.

Ајхман, клучниот сведок

Протоколот од 15 страници не е навистина конкретен за начинот на ослободување од Евреите. „Евакуација на Исток“ е нешто што е јасно, а сепак покажува што притоа се мисли - уништување. Адолф Ајхман,главен соработник на Хејдрих и учесник на конференцијата во Ванзе, години подоцна, незаобиколувајќи, го признава тоа. По неговото спектакуларно киднапирање од Аргентина од страна на израелската тајна служба, тој во текот на процесот во Ерусалим, во 1961 година, на прашањето што се разговарало во вилата, одговара: „Се разговараше за различни начини на убивање.“

Kriegsverbrecherprozess Adolf Eichmann Jerusalem
Адолф Ајхман (во средина) пред судот во Ерусалим (12.04.1961)Фотографија: IMAGNO/Votava/picture alliance

Иако во единствениот зачуван примерок од Протоколот се употребуваат формулации за прикривање како „соодветен третман“, документот претставува исклучок во однос на јасноста на намерите. Во тоа е сигурен историчарот Петер Лонгерих. Зашто, како што објаснува тој, на конференцијата за злосторството на векот учествуваат сите - од Ес-Ес, преку министерствата за правда, за внатрешни и надворешни работи, индустријата за оружје, сѐ до партијата. Па, сепак, нацисти на водечки позиции, како маршалот Херман Геринг или еден од главните нацистички идеолози и министер за источните окупирани територии, Алфред Розенберг, по 1945 година безобразно тврдат дека не знаеле ништо за сето тоа.

Рајнхард Хејдрих, кој е убиен во атентат само неколку месеци по конференцијата, покрај убивањето на европските Евреи, работи и на друг план. Врвниот нацист планирал, по победа врз Советскиот Сојуз, да ги ангажира Евреите како улични работници на Исток. „При што, без сомневање, голем дел од нив ќе отпаднат поради природно намалување“, стои напишано на бирократски јазик на седмата страница од Протоколот. „Остатокот“ мора да се „третира соодветно“, стои во Протоколот од конференцијата во Ванзе.