1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како и јас станав #Протестирам

Кристина Озимец2 мај 2016

Граѓанската активистка Биљана Гинова протестира од 2011. Од протестите против полициската бруталност за убиството на Мартин Нешковски, преку движењето „Протестирам“ до „Шарената револуција“, ова е нејзината приказна.

https://p.dw.com/p/1Ig5I
Фотографија: Kristina Ozimec

Иако на прв поглед „Шарената револуција“ која повеќе од две недели се одвива на улиците низ Македонија личи на ново граѓанско будење, тоа не е целосно точно. Почетоците на граѓанското движење „Протестирам“ и на „револуцијата“ може да се бараат многу години порано, кога студентите кои повикаа на протести против изградбата на црква на плоштад беа нападнати од контра-демонстранти, како и кај движењето против полициска бруталност по убиството на Мартин Нешковски.

Билјана Гинова е граѓанска активистка која често можете да ја видите на антивладините протести или уште популарно наречени „Шарена револуција“. Со неа разговаравме за еволуцијата на граѓанското движење во Македонија. Нејзиниот активизам, исто како и на многу други демонстранти кои секојдневно ги гледаме на улиците на Скопје, започна многу порано - во движењето против полициска бруталност, по убиството на Мартин Нешкоски, дента по изборите во 2011 година. Тогаш дел од сведоците на убиството почнаа да твитаат „Убија дете!“, и преку Твитер била договорена првата средба за протест, пред фонтаната во Градски Парк.

Убија дете!

„Знаевме само дека околу триесетина луѓе виделе како дете било претепано (убиено) на градскиот плоштад, а за тоа никој не зборува и тоа го нема во полицискиот билтен од тој ден. Некој кажа дека убиеното дете се вика Даниел, па сите ние, 150-200 луѓе цела вечер баравме правда за Даниел. Дури следниот ден го дознавме вистинскиот идентитет на убиеното дете, кога и МВР првпат се огласи со штури информации, кои повторно беа лажни. Се договоривме следниот ден подоцна да почнеме, наместо во 16 во 18 часот, да можат да се приклучат луѓе кои работат до 17 часот. Тој ден бевме над 2.000 пред куќата на Мајка Тереза. Бројките секако варираа за време на протестите, но страста за правда не. Бевме гневни, револтирани и гласни. Блокиравме улици, гушкавме Собрание и директно во лице им кажувавме на политичарите дека дете е убиено, а тие помагаат тоа да се прикрие “, раскажува Гинова.

Многумина се сеќаваат дека во тоа време, спонтан собир на две, три илјади луѓе на улица не беше воопшто мала работа. Во 2011 година се уште траеа „златните времиња“ за власта на Груевски и стравот и апатијата кај граѓаните кои плашејќи се од етикети и стигматизација како „предавници“ или „соросоиди“, тешко решаваа да го изразат својот револт на протест.

Барањата на протестите беа доста амбициозни и прецизно поставени од нивниот правно –политички тим: од расчистување на целиот случај и сносење соодветна одговорност на сите кои учествуваа во прикривање на делото, преку оставка на тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска до формирање на независно тело кое ќе ја надгледува работата на полицијата.

Организација преку социјалните мрежи

Гинова вели дека социјалните мрежи тогаш беа главните канали на комуницирање со поширокото граѓанство, но целокупното делување се обликуваше исклучиво на улица.

„Од 17 часот се наоѓавме на скалите кај Мајка Тереза, поделени во разни мали работни тимови за подготовка на протестот. Кога во 18 часот ќе се приклучеа поголемиот број граѓани, најпрво правниот тим ги презентираше барањата, или дотаму до каде стигнале да ги подготват, па сите учествувавме во дискутирање на истите. Замислете, две-три илјади граѓани, со жар и решителност за правда и корегирање на тогаш веќе затруленото општество, како дискутираат барање по барање. Па некој ќе го земеше мегафонот и ќе зборуваше за сиромаштијата, не се лутевме, тоа беше единственото место каде граѓаните можеа слободно да зборуваат. Се сеќавам еден ден, после неколку говори за тоа што треба да правиме, како да изгледаат протестите, една девојка го грабна мегафонот и колку што ја држеше глас, со цела лутина заради цела неправда извика: „Луѓе бре, убија дете, ќе зборуваме ли или ќе протестираме“, цела маса од можеби 3.000 луѓе ја дигна на нозе и го поведе протестот. Магијата на протестите против полициска бруталност беше во тоа што беа на сите нас. Секој го обликуваше протестот на свој начин, така како што веруваше дека е најдобро“, додава Гинова.

Proteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

„Протестирам“ почна многу одамна

На 5 мај минатата година, кога беа објавени прислушкуваните материјали од лидерот на СДСМ, Зоран Заев поврзани со убиството на Мартин Нешкоски, на некој начин оживеаја протестите против полициската бруталност.

„Слушнавме се’ во што се сомневавме и за што обвинувавме за време на протестите во 2011 година. Тие снимки го разбудија гневот во нас и повторно излеговме на улиците борејќи се за правда. Од 2011, до 2015, се насобраа многу протести, многу борби, од различни причини. На пленум во градскиот парк, сите тие борби се здружија во #Протестирам. На пленум, слично како во 2011 се договорија барањата на Протестирам и така движењето на некој начин го продолжи наследството на Стоп на полициската бруталност“, вели Гинова.

Таа потсетува дека независното граѓанското движење започна уште во 2009 година, кога студентите од Архитектонски факултет повикаа на протести против изградбата на црква на плоштад.

„Тој протест е од голема важност за целото движење во земјава, затоа што тој ден полицијата дозволи стотина демонстранти да бидат претепани од илјадници религиозни фанатици, пратеници од тогаш режимот во зародиш. На тоа движење се надоградија протестите по убиството на Мартин Нешкоски, па потоа протестите на стечајците, новинарите, студентите, па стигнавме до „Протестирам“. Секое движење си е автентично, но и се надоградува на искуствата од претходното. Додека во 2011 викавме „ние не сме партија“, студентите во 2015 отворено со писмо ги поканија партиските подмладоци да им се приклучат, за денес да протестираме рамо до рамо со видни претставници од политички партии“, вели Гинова.

За неа „Шарената револуција“ денеска ја претставува разноликоста во политичките идеологии, ставови и насоки на делување внатре во отпорот, кои можеби за првпат се здружени во борба против автократскиот и корумпиран режим. „Анархисти, левичарки и либерали, феминистки и активисти, пред сѐ, граѓанки и граѓани со најразлични идентитети, секој ден во 18 часот се заедно во здружени протести против неправдата и во борба за слобода. За мене тоа е шаренилото, тоа е #Протестирам“, додава таа.