1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ин мемориам: Каролос Папуљас – мост меѓу Грција и Германија

Панајотис Купаранис
27 декември 2021

Поранешниот грчки претседател Каролос Папуљас доживотно работеше за развој на германско – грчките односи. Еден период беше и соработник на Дојче Веле. Почина на 92 години.

https://p.dw.com/p/44rqT
Griechenland Athen 2015 | Karolos Papoulias, ehemaliger Präsident
Фотографија: ZUMA Press/imago images

Каролос Папуљас десет години беше на чело на грчката држава, од 2005 до 2015 година. Од 1980-те бил член на неколку грчки влади, а два пати и министер за надворешни работи на Грција.

Роден е во 1929 година во село во близина на албанската граница. Татко му бил генерал-мајор. Студирал право во Атина, а потоа бил на студиска размена на Универзитетот во Милано. На Универзитетот во Келн докторирал на темата „Стекнување и губење имот во грчкото и германското право.“

Додека беше во Германија, во Грција владееше воена диктатура. Каролос Папуљас активно учествувал во отпорот. Истовремено работел и како соработник на грчката програма во ДВ, која во тоа време во Грција беше еден од најважните странски независни извори на информации.

По падот на  хунтата,  летото 1974 година, Папуљас се враќа назад во Грција. Во септември истата година е основано Панхеленистичкото социјалистичко движење, ПАСОК а Папуљас е еден од основачите.  Ова движење во следните три децении и половина беше дел од многу влади.

Доживотна поврзаност со Германија

Престојот во Германија не беше само една минлива епизода за Каролос Папуљас од повеќе причини. Неговите врски со Германија датираат од поодамна. Кога германските трупи навлегле во Грција во 1941 година, тој имал само 12 години. Две години подоцна како младо момче се активира во Грчкото национално ослободително движење (ЕАМ) во борба против окупаторот сѐ до 1944 година, додека не ја напуштија земјата.  

Дваесет години подоцна тој доаѓа на студии во Германија, каде што живее со неговата жена, Гркинката Меј, а таму му се родени и трите ќерки. Кога по падот на диктатурата тој се враќа во Грција, тие остануваат во Германија. Длабоко го погодува тоа што тие, а подоцна и неговите внуци, остануваат да живеат во Германија. „Овде дојдов како студент, и кога се вратив во Грција тука оставив еден дел од мене,“ ќе изјави тој во познатиот говор кога во Берлин во 2019 година ја прими наградата од Здружението на германско-грчките општества, ВДГГ. Папуљас е „вистинска среќа за грчко-германските односи“, нагласи претседателот на ВДГГ, Зигфрид Скарпелис – Сперк, додавајќи дека тој многу придонел за развој на односите меѓу двете земји и меѓусебно разбирање.

Griechenland Ligiades 2014 | Joachim Gauck, Bundespräsident | Erinnerung an Massaker im Zweiten Weltkrieg
Поранешниот германски претседател Гаук во Лигијадес се извини за германските злосторства во ГрцијаФотографија: Sakis Mitrolidis/AFP/Getty Images

Гаук во Лингијадес: „Ова е нашата Варшава”

Тоа беше важно пред сѐ за време на кризата со задолжувањето на Грција. Во првата фаза од 2009 година релациите беа одбележани од меѓусебни непријателства, предрасуди и стереотипи. Во Германија на Грците им се префрлаше дека се мрзеливи, во Грција возвраќаа со  барања за репарации и исправање на  неправдите од окупацијата.  Папуљас се обидуваше да ги смири страстите, а негов германски колега во тоа време беше  Јоханес Гаук.  Заеднички го основаа здружението на германско-грчка младина и на 7 март 2014 го посетија селцето Лингијадес во Северна Грција каде германските сили во октомври 1943 убиле и запалиле 82 жени и деца во знак на одмазда. „Со срам и болка ги молам семејствата на убиените во име на Германија за прошка", рече тогаш Гаук. Тоа беше прв пат висок претставник на германската држава да се извини за германските злосторства во Грција. Колку многу го цени таквиот гест, Папуљас тогаш објасни за ДВ: „Ова е нашата Варшава." Со тоа го спореди извинувањето од Гаук со гестот на Вили Брант во 1970 кој падна на колена пред споменикот на убиените Евреи во гетото во Варшава.