Зошто токму сега оди Меркел во Атина?
8 октомври 2012За весникот „Ди велт“ посетата на Ангела Меркел на Атина е доказ за смелост. За ситуацијата во Грција оценува:
„По првите, досега без преседан, акции за помош од земјите на еврото, одвај нешто да е променето на подобро. Реалистите никогаш ниту не претпоставуваа такво нешто, оти една земја со навистина убав пејзаж, но економски непродуктивна и крајно корумпирана, не може да се преобрази во функционална економија - посебно не со притисок однадвор. (...) Канцеларот досега уверуваше дека сака да ја задржи Грција во еврозоната. Веројатно таа и не можеше - досега - поинаку да каже. Истовремено во Европа првенствено Берлин инсистира на придржувањето кон условите поврзани со пакетите за помош на Атина. Тоа звучи добро, но не ќе може да донесе некакви конкретни консеквенции, оти Атина како прво, секогаш игра на факторот време, и второ, уште одамна заслужи златен медал во политичкиот покер“, коментира „Ди велт“.
„Зиддојче цајтунг“ пренесува две спротивставени претпоставки од германската јавност за целта на посетата на Меркел на Грција:
„Во Германија Меркел во меѓувреме е под сомнение од две спротивставени причини: едни претпоставуваат дека канцеларот секако смета со излегување на Грција (од еврозоната, н.з.) и се покажува посебно солидарна, за потоа да не остави да и’ се префрлува дека не се ангажирала за Атина. Едно друго мислење претпоставува дека Меркел толку сериозно смета на останувањето на Грција во еврото,што дури би била подготвена извештајот на тројката така политички да го фризира, што би било можно продолжување со помошта“.
За „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ „останува тајна на госпоѓа Меркел, зошто токму сега се осмелува да оди во земјата-мајка на кризата на еврото, што таа предолго ја избегнуваше и во која тешко дека ќе слушне добри вести. Пакет мерки за штедење веројатно нема да и’ биде сервиран. Но, ако госпоѓа Меркел сака на Грците да им одржи проповед за ’крв и солзи‘ (за крв, благодарение на Европа, не станува збор), тогаш таа може да го стори тоа само нескриено, како најмоќен, оти е и платежно најспособен, шеф на влада во ЕУ. Но, ќе ја слушнат ли?“, се прашува ФАЦ.
Балканските војни
Истиот весник денеска се задржува и на стогодишнината од крајот на османлиското владеење на Балканот.
„Последиците од походот на Црна Гора, Србија, Бугарија и Грција против османлиското царство, кој започна на денешен ден (08 октомври, н.з.) пред еден век кога Црна Гора и’ објави војна на Високата порта, се’ уште му даваат белег на Балканот. Во Југоисточна Европа тогаш дојде до протерувања и масовни бегства, кои до денес се значајни за составот на населението на балканските држави, но и за самата Турција. Стотици илјади муслимани побегнаа од завојуваните подрачја на југот на Балканот. Области во кои со векови живееле муслимани, за неколку дена го променија ликот. Десетици илјади муслимани беа убиени. Со загубата на подрачја во Европа претежно населени со христијани и со приливот на муслимански бегалци, османлиското царство потоа доби посилен исламски белег“, пишува, покрај другото, ФАЦ.