1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Златна зора: Повеќе криминално здружение отколку партија

Томас Борман (ард)/ дпа/ Александра Трајковска28 септември 2013

Убиства, телесни повреди и уцени - десноекстремната Златна зора била повеќе криминално здружение отколку партија. Уапсениот шеф на партијата Михалолиакос ги отфрла обвинувањата од грчкото правосудство.

https://p.dw.com/p/19pxv
Фотографија: imago/fosphotos

Антитерористичките единици на грчката полиција утрово ги уапсија најважните функционери на десноекстремната партија Златна зора. Обвинувањето е дека Златна зора била помалку партија, а многу повеќе криминално здружение. Правосудните органи водат истрага против партиското раководство поради убиства, телесни повреди, уцени, напади со експлозивни материи и перење на пари. Четири убиства и 400 повредени избројаа грчките власти во изминатите две години. Правосудните органи доволно долго беспомошно гледаа, но сега удрија со сета сила. „Тие ќе имаат праведен процес“, увери министерот за правда Хараламбос Атанасиу по средбата со грчкиот премиер Андонис Самарас.

Оружје во канцелариите на партијата

Пред една недела шефот на партијата Никос Михалолиакос ги отфрли сите обвинувања: „Секој зборува за нас, но никој не нѐ прашува. Тие не‘ валкаат во кал од утро до вечер - но овие демократи не ни даваат ниту најмала шанса да им противречиме на овие неосновани обвинувања“, рече шефот на десноекстемната партија.

Но при рациите во канцелариите на партијата полицијата најде оружје и голем број укажувања за кривични дела. Затоа е сега уапсен шефот на партијата, заедно со портпаролот на партијата Илиас Касидириас, како и тројца други пратеници и повеќемина функционери.

„Да се уништи духот на фашизмот“

Акцијата на владата и полицијата против Златна зора ја предизвика неодамнешното убиство на раперот Павлос Фисас. Еден приврзаник на десно екстремната партија призна дека го избодел музичарот од левичарската сцена. Десетици илјади Грци потоа излегоа на улиците и побараа конечно да се забрани неонацистичката партија. Еден учесник во демонстрациите рече: „Овој дух на фашизмот мораме да го уништиме“.

Златна зора е екстремно националистичка партија. Таа го негира холокаустот на Евреите, нејзините членови се поздравуваат со поздравот на Хитлер. Тепачите приврзаници на партијата се озлогласени за напади врз бегалците и доселениците.

Griechenland Protest gegen Verhaftung von Nikolaos Michaloliakos
Протест против апсењето на МихалолиакосФотографија: Reuters

Малит Абдул Мазит од Здружението на Пакистанците во Грција рече дека многу негови сонародници веќе долго страдаат од насилството на овие неонацисти. „Сите канцеларии на Златна зора мора да бидат затворени“, вели Мазит. „Тоа се фашисти. Тоа го набљудуваме веќе четири години. Тие напаѓаат доселеници и полицијата дури понекогаш им помага на тепачите“. Имено, утрово беа уапсени и двајца полицајци, под сомневање дека биле вплеткани во криминални делување на Златна зора.

Десноекстремната партија Златна зора има вкупно 18 пратеници во грчкиот парламент. Од почетокот на кризата во Грција партијата доби поголема поддршка, но по убиството на музичарот пред единесет денови, според анкетите паѓа подршката за Златна зора. Шефот на партијата Михалолиакос во изминатите денови се закани дека сите 18 пратеници на неговата партија би можеле да поднесат оставка, за да ја спасат својата чест.

Дополнителни избори би можеле да ја соборат владата

Доколку дојде до вакви оставки, ќе значи дека во голем број региони во Грција ќе треба да се одржат дополнителни избори, за да се пополнат 18-те пратенички места. Златна зора во таков случај може воопшто да не биде застапена во парламентот. Дополнителни избори би можеле одново да ги измешаат картите на грчката политичка сцена и да го загрозат мнозинството на премиерот Самарас.