1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затегнувањето на монетарната политика ќе влијае на кредитите

ДТЗ
13 април 2022

Народната банка ја зголеми каматната стапка на благајничките записи, како превентивен одговор на сѐ повисоките инфлациски очекувања. Што ќе значи тоа за граѓаните?

https://p.dw.com/p/49twF
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Народната банка на Северна Македонија ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени, како превентивен одговор на сѐ повисоките инфлациски очекувања. При донесувањето на ваквата одлука, во центарот на вниманието биле најновите движења кај инфлацијата и инфлациските очекувања. Инаку, износот на понудата на благајнички записи на денешната аукција е непроменет, односно 10 милијарди денари. Ваквата монетарна реакција на Народната банка ги подгреа стравувањата дека ќе поскапат кредитите. Универзитетскиот професор Марјан Петрески за Дојче веле објаснува што ќе значи оваа мерка на Народната банка за државата, но пред сѐ за граѓаните.

Очекуван потег

Според професорот, монетарната реакција на пораст на основната каматна стапка е очекуван потег, кој го презедоа и други централни банки ширум светот.

„Принципиелно, нашата економија сѐ уште не е на нивото од пред пандемијата, односно немаме притисоци од страната на побарувачката кои би сугерирале некакво прегревање, туку напротив во тој сегмент движењата се обратни, а во контекст на растечката неизвесност предизвикана од воените случувања во Украина“, вели Петрески.

Но, реакцијата на каматната стапка има сигнална цел, главно да влијае врз инфлациските очекувања кои забележуваат позначаен пораст, како резултат на актуелниот пораст на цените на клучни производи кои граѓаните и фирмите го искусуваат периодов, како и од неизвесната ситуација глобално. „Според тоа, ваквата монетарна реакција очекувам дека ќе влијае врз инфлациските очекувања“, објаснува професорот.

Зголемувањето на основната каматна стапка, анализира Петрески, е релативно мало, само 25 базични поени и тој не очекува дека ќе следува брза и нагла реакција кај останатите каматни стапки.

-повеќе на темата: На Германија ѝ се заканува највисока инфлација во последните 40 години

„Меѓутоа, основната каматна стапка е ориентир за останатите каматни стапки во системот, некои од нив се и директно врзани со неа, така што продолжената неизвесност, продолжените притисоци врз цените на клучни производи, и евентуална појава на притисоци од страната на побарувачката, генерирани од домашните политики, ќе значат дека и поставеноста на монетарната политика ќе треба да се преиспитува. Оттука, при понатамошно затегање на монетарната политика, секако дека нагорни ефекти ќе видиме и врз каматните стапки на банките.“

Mazedonien Land und Leute
Mонетарната реакција на Народната банка ги подгреа стравувањата дека ќе поскапат кредититеФотографија: DW/Medana Weident

Нема да има драстична промена

Зголемувањето на референтната каматна стапка за 0,25 процентни поени што го направи Народната банка е сигнално и добро одмерено со цел да се заштити економската активност и монетарната стабилност, оценува професорот Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје во изјава за МИА.

Тој не очекува дека најновата одлука на Народната банка ќе се одрази значајно врз зголемувањето на каматите на кредитите што ги даваат банките, особено не врз кредитите кои веќе се дадени. „Тие кредити се даваат под одредени услови, некои од нив се со фиксна каматна стапка, така банките не прават промени во таа насока – само во екстремни пореметувања на пазарот, банките ги менуваат условите. Јас не очекувам драстична промена“, вели Треновски. 

Инфлациски очекувања 

Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата и натаму забрзува и во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8%. Главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради сѐ повисоките увозни цени. На нив отпаѓаат повеќе од три четвртини од растот. Сепак, имајќи предвид дека тие се влезна компонента кај повеќе други производи и услуги, а поради застојот кај синџирите за производство, поскапуваат и другите увозни производи. Најновите податоци покажуваат дека растот на цените станува пошироко распространет.

Според НБМ, ова, заедно со подолготрајниот ценовен притисок, придонесува и за нагорни поместувања на инфлациските очекувања. Поизразени притисоци од побарувачката врз цените засега не се забележуваат, а воениот конфликт во Украина ги нагласува надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период.

-повеќе на темата: Економијата и војната во Украина: Пред да биде подобро, ќе биде уште поскапо

Народната банка соопшти дека ќе продолжи со реоценување на поставеноста на монетарната политика на редовна основа, имајќи ги предвид најновите информации од надворешното окружување и домашната економија. Во тек е изработката на новиот циклус на макроекономски проекции во чии рамки ќе се направи сеопфатно реоценување на макроекономската слика и на поставеноста на монетарната политика. „Доколку се оцени дека е потребно, централната банка ќе реагира со целиот свој расположлив инструментариум за задржување на ценовната и макроекономската стабилност“, наведуваат од НБМ.

Страв од рекордната инфлација - Германците складираат храна