1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заедничкиот фонд на СЈО се трошел за разни цели

23 септември 2019

Средствата што ги собиравме во тој фонд не се спорни. Спорно е што во овој момент нема кој да не` одјави од СЈО, велат обвинителите.

https://p.dw.com/p/3Q4hY
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski DW/P. Stojanovski

Ново, непотврдено писмо коешто наводно од притвор го испратила разрешената специјална јавна обвинителка Катица Јанева, со барање да ги добие личните предмети како и користење на средства од „заедничкиот фонд“, го зголеми интересот на јавноста за каков фонд се работи. Од  СЈО до вчера немаа информации дали е пристигнато такво писмо, но повеќе обвинители го потврдуваат постоењето на тој заеднички фонд.

„Тука нема ништо спорно. Од нашите примања месечно сите одвојуваме средства во тој фонд, а парите се користеа за заеднички потреби“, објаснуваат обвинители.

Не можат да се сетат кога точно ја востановиле таа интерна практика, но сигурни се дека функционирал две-три години. Обвинителите поединечно одвојувале по 3.000 денари месечно во фондот, а другите вработени во СЈО по 1.000 денари. Со фондот управувала лично  Јанева.  По примено барање за потреба од средства, таа ги одобрувала, а средствата ги исплаќал благајник. Обвинителите не знат колку пари останале во фондот, бидејќи како се собирале средства, така и тековно се трошеле - за приватни и службени цели.

„Некогаш се одобруваа средства за лекување, но најчесто за потребите на институцијата. На пример, имаше случај кога ни се расипа климатизерот, па за да не мора да се распишува тендер за набавка, го купивме од тие заеднички пари. Истото важеше и за набавка на хард дискови, за одредени поправки и други итни потреби“, објаснуваат обвинителите.

Не можеме да се одјавиме од СЈО

Во моментов користењето на тој фонд е блокирано, со оглед дека Јанева ги одобрувала средствата. Обвинителите сметаат дека по истиот принцип по кој се собрани, парите сега треба да им се распределат на сите вработени, вклучително и на поранешната шефица, без разлика дали навистина ги бара и за каква потреба.

Но, велат дека заедничкиот фонд сега е најмалиот проблем. Во моментов реален проблем со кој се соочуваат обвинителите во СЈО, е тоа што нивниот раководител е разрешен, па нема кој да ги одјави од институцијата, за да можат да бидат пријавени на работните места каде што сега се вратиле.

Nord-Mazedonien
Со заедничкиот фонд во СЈО управувала лично Катица ЈаневаФотографија: DW/P. Stojanovski

Од ЈО стигнала одлука со која на обвинителите во СЈО се враќаат на претходните работни места, но без потпис од Јанева тие формално не можат да бидат одјавени од СЈО. Се надеваат дека во ваква ситуација, Советот на јавни обвинители ќе најде решение со кое ова би можело да се регулира. Овој проблем го немаат истражителите кои досега платата ја примале од МВР, УЈП или Финансиската полиција каде што биле вработени, а од СЈО добивале само надоместоци.

Најголемиот проблем го имаат другите вработени во СЈО - стручни соработници, советници, ИТ експерти, записничари, архивари, доставувач, хаусмајстор и други, чии договори за работа не се истечени.

„Тие за овој месец не можат да земат плата. Нема кој да потпише. Дури и да сакаат да си заминат, да си дадат отказ, нема кој да им го потпише отказното решение. Се работи за околу 50-тина лица кои навистина се во незавидна ситуација“, објаснуваат нашите соговорници.

Јовановски денес, Јанева утре на распит

Процедурите во СЈО се искомпликуваа откако поранешната специјална обвинителка заврши во притвор и беше разрешена од функцијата. Неодамна притворот и` беше продолжен за нови 30 дена. Таа утре (вторник) повторно ќе се појави на распит во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Кога првпат беше на распит кај обвинителката Русковска на 20-ти август годинава, Јанева се уште не беше осомничена за случајот „Рекет".

„Се надевам дека мојата денешна изјава ќе придонесе за успешно завршување на истраста која е во тек“ изјави тогаш Јанева. Веќе следниот ден, на 21-ви август, по барање на Обвинителството полицијата ја приведе Јанева од нејзиниот дом во населбата Козле.

Денеска на распит во Обвинителсвото треба да дојде осомничениот Бојан Јовановски.