1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Нема одложување, попис во септември ќе има

ДТЗ
18 август 2021

Попишувачите за 25 дена анкетирање ќе можат да земат од 25 000 до 45 000 денари, но сепак постои слаб одзив кај граѓаните.

https://p.dw.com/p/3z8LH
Nord-Mazedonien Der Ministerpräsident der Regierung in Nord-Mazedonien, Zoran Zaev
Фотографија: Government of North Macedonia

Владата не размислува за ново одложување на пописот на населението, домаќинствата и становите. Обемната статистичка операција треба да започне на 5 септември и да трае до крајот на месецот.  По првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски и премиерот Зоран Заев денеска потврди дека попис во септември ќе има. 

„Пописот е веќе договорен, по барање на сериозен учесник во нашето општество, а тоа е најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Толеранцијата е доблест на владејачките партии, на чело со СДСМ, кои тоа го прифатија и еднаш го одложивме пописот што сега ќе се спроведе од 5 септември“, изјави  премиерот.  Според него, спроведувањето на пописот е обврска и не смее повторно да се размислува за одложување на операцијата.

-повеќе на темата: Заев и Мицкоски согласни: прво имунизација, попис во септември

„Не само што не смееме да размислуваме за одложување на пописот, туку тоа е наша обврска и должност. Сите сме заедно во оваа работа. Да спроведеме попис, затоа што тоа е статистичка операција која е насушно потребна за сите наши економски планови и предвизвици кои ги имаме пред нас. И конечно по 20 години да ја спроведеме како статистичка операција“, изјави Заев.

Попишувачите за 25 дена анкетирање ќе можат да земат од 25 000 до 45 000 денари, но сепак постои слаб одзив кај граѓаните. Надлежните апелираат граѓаните да се пријават како попишувачи, посебно во реоните каде што има дефицит. Најголем недостиг на попишувачи има во скопските општини како и во општините со мнозинско албанско население. Рокот за пријавување е продолжен, а претпоставките на надлежните се дека слабиот интерес е поради годишните одмори.

-повеќе на темата: Симовски: Не постои опција за повторно одложување на пописот

Првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски за ДВ деновиве изјави дека ќе се обезбедат сите услови за непречено одвивање на пописот. И тој е дециден дека засега не постои опција за повторно одложување на пописот, кој поради пандемијата не се одржа во април.

Првата фаза од пописот на населението, домаќинствата и становите почнa на 1 март со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Македонските државјани кои повеќе од една година живеат надвор од земјава од 1 март се попишуваат преку онлајн апликација. Досега се попишале 190.387 граѓани од дијаспората, а најголем интерес има во Европа, односно во Швајцарија и во Германија. Послаб е интересот за онлајн попишување на македонските иселеници во САД, Канада и Австралија, поради што се најавува позасилена кампања.