1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Жртвите во нападот во Египет се виетнамски туристи

ЕМФ /агенции
29 декември 2018

Не е јасно кој стои зад нападот врз патничкиот автобус во близина на Гиза, во Египет. Во нападот загинаа четири лица, а повредени се единаесетмина. „Нема земја во која нема напади“, изјави египетскиот премиер Мадбули

https://p.dw.com/p/3Akza
Ägypten Zwei Tote bei Anschlag auf Touristenbus nahe Pyramiden von Gizeh
Фотографија: Reuters/A. Abdallah Dalsh

Во експлозијата во Египет, според официјално наводи, загинале тројца виетнамски туристи и возачот на автобусот, кој бил Египќанец. Автобусот се наоѓал во близина на пирамидите од Гиза, кога експлодирала бомба скриена во еден ѕид, соопштија египетските власти.

Во нападот има и единаесетмина повредени патници во автобусот, а повреден е и египетскиот туристички водич. Според податоците на надлежните во Египет, во автобусот имало 14 виентамски туристи. Безбедносните служби покренаа истрага, а местото на нападот е блокирано.

Египетскиот премиер Мустафа Мадбули по посетата на повредените во болницата Ал-Харам заедно со министрите за здравство и за туризам, изрази жалење поради нападот. Прашан од новинарите за можните штети по туризмот во земјата од нападот, Мадбули одговори дека „нема ниту една единствена земја во која нема напади“. Такви насилнички акти може да се повторат и во иднина, оцени тој и додаде дека „ниту една земја на светот не може да понуди стопроцентна безбедност“.

Ägypten Zwei Tote bei Anschlag auf Touristenbus nahe Pyramiden von Gizeh
Фотографија: Reuters/A. Abdallah Dalsh

Во Египет има постојано напади врз туристи или терористички напади. Штетите за туризмот поради тоа се огромни. Бројот на туристите по т.н. Арапска пролет во 2011 година е намален значително. Во последниот период е забележано мало зголемување на бројот на туристички посети. Министерството за надворешни работи на Египет предупредува од зголемен ризик од терористички напади. Инциденти особено често се случуваат на полуостровот Синај, но напади има и во Каиро и други делови на земјата. Во последниот напад врз коптски верници, во ноември годинава, загинаа седум лица. Нападот врз автобусот кај пирамидите од Гиза е прв напад врз туристи по речиси две години.