1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Хургада убиени две Германки

ЖА
15 јули 2017

Германското министерство за надворешни работи потврди дека двете убиени жени во египетското летувалиште Хургада се Германки. Убиецот, 28-годишен студент, е притворен, наводно имал контакти со Исламска држава.

https://p.dw.com/p/2gaeV
Ägypten Messerattacke in Hurghada
Фотографија: Reuters/M. Aly

Уапсениот напаѓач потекнува од делтата на Нил, во северниот дел од земјата, известува египетскиот весник „Ал-Масри ал-Јум“, повикувајќи се на безбедносни извори. Абдел Раман С. во своето родно место уживал добар углед. Тој не поседува криминално досие. Како што јавува ДПА, тој припаѓал кон Исламска држава, со екстремистите одржувал контакт преку интернет. Нема официјална потврда за овие информации. 

Претходно, портпарол на германското Министерство за надворешни работи утрово во Берлин потврди дека во египетското летувалиште Хургада се убиени две германски туристки. Министерството смета дека станува збор  за смислен напад врз туристи: „Според она што досега ни е познато, нападот бил насочен кон странски туристи, ова е посебно подмолен и злосторнички акт, кој длабоко нѐ погоди и нѐ револтира.“

Ägypten Messerattacke in Hurghada
Напаѓачот бил совладан од хотелското обезбедувањеФотографија: Reuters

Поранешниот германски почесен конзул во Хургада, Петер-Јирген Ели за агенцијата ДПА изјави дека ги познавал двете жени, тие биле постојано населени во летувалиштето.

Во прв момент имаше нејаснотии и околу потеклото на жртвите, агипетските медиуми пишуваа за убиство на две Украинки. Во нападот се повредени уште четири лица, чиј идентитет не е потврден.

Според информациите од египетското Министерство за надворешни работи, напаѓачот допливал од јавната до хотелската плажа и потоа со нож нападнал повеќемина туристи. Египетската новинска агенција го цитира директорот на хотелот „Ел Паласио“, според кого атентаторот прво нападнал луѓе во соседната хотелска плажа, а потоа допливал до онаа на „Ел Паласио“, каде бил совладан од обезбедувањето и гостите.

Ägypten Strand in Hurghada
Плажа во ХургадаФотографија: picture-alliance/dpa/B. Schwinghammer

Полицијата го има блокирано местото на нападот. Додека локалните службеници во првите реакции ја претпочитаа варијантата дека станува збор за психички лабилен човек, германскиот поранешен почесен конзул Петер-Јирген Ели повеќе верува во дело со терористичка заднина. Египетската Државна служба за информации, СИС, во издаденото соопштение истакна дека сѐ укажува на индивидуален напад, при кој атентаторот не дејствувал по налог на некоја организација.

Египет инаку има сериозни проблеми со екстремисти. Од декември досега во повеќе самоубиствени напади и атентати врз христијанското население во земјата се убиени преку 100 лица. Најтешкиот напад насочен против туристи во Египет беше бомбашкиот атентат врз руски патнички авион есента во 2015 година, кратко по полетувањето од Шарм ел Шеик, кога загинаа сите 224 патници. Одговорноста најчесто ја презема крило на терористичката милиција Исламска држава.