1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп, пироманот

Михаел Книге Превод: Зоран Јордановски8 декември 2015

Доналд Трамп е расист и демагог. Неговото најново барање, муслимани веќе да не смеат да влезат во САД, претставува стратегија. Крајно време е да биде разобличен, смета Михаел Книге.

https://p.dw.com/p/1HJBE
Фотографија: Reuters/L. Jackson

При сета нужна претпазливост при користењето на изразот подбуцнувач, тој е сосем на место кога се однесува на Доналд Трамп. Тој со месеци го подбуцнува народот во САД, прво целно ги потпалуваше американските избирачи против доселениците од југот, првенствено од Мексико. Но, откако во фокусот се најде религиозно мотивираниот терор на таканаречената Исламска држава (ИД), Трамп ја промени целта на своите напади: наместо против доселениците од Латинска Америка, тој сега првенствено агитира против муслиманите.

Неговото најново барање - веќе да не им се дозволува на муслиманите влез во САД - е апсурдно. Забрана за сите муслимани - и за туристи, доселеници, дури и за Американци со муслиманска вера, е во спротивност со уставот на САД и со сите меѓународни норми. Веќе и само од правни причини тоа не може да се спроведе. Но, многу потешки се општествените штети што ги предизвика Трамп со тоа барање: на тој начин тој прогласи 1,5 милијарда луѓе ширум светот за потенцијални терористи - само затоа што се муслимани. Тоа е расизам и претставува исмевање на правото на религиозна слобода, кое токму во САД има историска традиција.

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Срамно и опасно

Барањето на Трамп не е само срамно, туку е и опасно. Тој натамошно го подгрева кај народот веќе постоечкото ксенофобно и антиисламско расположение и со тоа директно им оди на рака на интересите на исламските екстремисти. Не треба многу фантазија за човек да си претстави дека таквото расположение лесно може да прерасне и во насилство - со оглед на огромниот арсенал од оружје во САД во приватна сопственост. Изјавите на Трамп наидуваат на широк одѕив; конечно, и покрај сите критики, тој и натаму во најголем дел од анкетите е водечки претседателски кандидат на републиканците. Поради тоа, ова е последен момент за медиумите, политичарите и граѓаните да се ослободат од заблудата дека Трамп било како ќе исчезне сам од себе како зол кошмар.

Трамп не е политички анфан терибл (непослушно дете - н.з.), кој повремено претерува, но инаку е безопасен. Трамп е пироман кој располага со потребните пари, но и со радикални приврзаници, за да може трајно да игра важна улога во долгата американска предизборна кампања. Време е конечно да му се придаде сериозно значење и да се разобличи.