До здравје со „супер храна“
Етикетата „супер храна“ која ја носат киноа и чиа семките, како и акаи и гоџи бобинките, им донесе голема популарност. Но, слично дејство имаат и некои „вообичаени“ сорти овошје и зеленчук.
Зелена зелка
Зелената зелка во Германија назима е класика. Се јаде традиционално со колбаси, особено во северниот дел на земјата. Но, и без колбаси е особено корисна. Содржи антиоксиданси, како витамин Ц, Е и К, како и фолна киселина, калиум, калциум и магнезиум.
Цвекло
Цвеклото е исто така германска зимска класика. Се бере наесен и може да се чува со месеци. Во студените и темни месеци тоа дава боја и витамини. Традиционално се вели дека цвеклото ги зајакнува слабите, ги охрабрува срамежливите и ги усреќува тажните. Некои истражувања дури тврдат дека ја поттикнува и желбата за секс.
Коприва
Копривата пече, се шири многу бргу и во повеќето градини се корне како плевелот. Но, таа има толку многу хранливи состојки, што кога ја испитале детално, научниците не можеле да веруваат во она што го виделе. Таа содржи двапати до четирипати повеќе железо од спанаќот, повеќе калциум од млекото и тони витамин А, Ц и Е. А, и кога ќе се попари, веќе не е „опасна“ и не пече.
Цреши
Црешите се еден од најважните видови овошје во Германија. Тие помагаат во спречување на мускулни заболувања и проблеми со крвотокот, го зајакнуваат имунолошкиот систем и ја подобруваат функцијата на мозокот. Студиите покажуваат дека црешата има и мелатонин, хормон кој го регулира циклусот на будност и спиење, поради што е добра против несоница.
Боровинки
Боровинките се вбројуваат во овошјето со највисок процент на антиоксиданси и други хранливи материи, поради што се во врвот на листата на супер храна. Во еден германски град боровинките се посебно во фокусот - во Егезин, во покраината Мекленбург Предна Померанија, кој се нарекува и „град на боровинките“, секоја година се одржува „фестивал на боровинките“ и се избира „кралица на боровинките“.
Волчји трн
Бобинките на волчјиот трн (некаде познат и како кучешки трн) содржат повеќе витамин Ц од портокалите или лимоните. За веганците овие плодови се интересни поради високиот процент на витаминот Б12, каков што инаку може да се најде само уште во производите од животинско потекло. Волчјиот трн во Германија важи за типичен специјалитет во регионот на Балтичкото Море.
Црни рибизли
Како извонредна супер храна постојано се нагласуваат гоџи-бобинките, но во Европа и Азија црните рибизли се овошје кое има исто толку витамини и други состојки важни за здравјето. Притоа, во споредба со гоџи-бобинките, црните рибизли имаат само една седмина од калориите, се разбира само под услов да не се конзумираат во облик на мармалад или ликер.
Јаболка
Дека јаболката се здрави знае секој во Германија. Тие тука се најважното овошје. Секој германски граѓанин во просек јаде по 17 килограми годишно. Јаболката се грицкаат помеѓу оброците зашто имаат малку калории, а полни се со антиоксиданси кои им годат на мозокот, срцето, кожата и коските. Јаболката го намалуваат ризикот од дијабетес тип 2.
Семки од тиква
Тиквите првично се одгледувале во северна и јужна Америка, но во меѓувреме се распространети во целиот свет и добро успеваат и во Германија. Семките од тиква се извонреден извор на протеини, есенцијални Омега 3 заситени масти и баластни материи, а имаат и голема концентрација на минерали, како магнезиум и цинк.
Ленено семе
Лененото семе е богато со хранливи состојки, има многу протеини, баластни материи, витамин Б и минерали. Традиционално германско јадење се компири со урда и ленено масло. Но лененото семе е вкусно и кога ќе се стави во леб или житарки.
Прокељ
Многу луѓе не го сакаат прокељот поради малку горчливиот вкус. Но, желбата за негово конзумирање можеби ќе се зголеми ако се знае дека тој е вистинска хранлива бомба. Само 100 грама прокељ ја покриваат дневната потреба од витамин Ц и К. Зеленчукот е и извонреден извор на железо, содржи фолна киселина и калциум, а наводно помага и за регулација на хормоналниот статус.
Шипинки
Шипинките во Германија ги има на крајот на есента и назима. Тие се полни со витамин Ц и каротиноиди. Чајот од шипинки или мармаладот се многу популарни, но трговците продаваат главно производи од плодови кои се увезени. Во покраината Баден Виртемберг меѓутоа има дури и био-фарма на која се садат шипинки.