1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дизел - самит на иднината или самит на трикови?

Инза Вреде
2 август 2017

Колку по „дизелгејт“ е навистина разнишана германската автоиндустрија? На т.н. дизел-самит денеска автоконцерните и сојузната и покраинските влади ќе бараат излез од кризата. Ако треба и на товар на даночните обврзници.

https://p.dw.com/p/2hVlw
Symbolbild Dieselskandal
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. May

Официјалното име на средбата во Берлин е „Национален Форум Дизел“. Треба да се договорат мерки за намалување на емисиите на штетни материи од дизел возилата со цел да се редуцира концентрацијата на азотни оксиди.

На самитот може да биде непријатно за автопроизводителите. Тие веќе две години се на мета. Реномето на оваа - за германската економија екстремно важна - гранка, е прилично намалено. Тоа е проблем и за политиката, со оглед на тоа што автобраншата вработува речиси 800.000 луѓе во Германија и е одговорна за речиси една петтина од вкупниот извоз.

Сѐ почна со манипулациите од страна на Фолксваген кои беа обелоденети есента 2015 година. Оттогаш сѐ повеќе автопроизводители запаѓаат во проблеми. И згора на сѐ, минатата недела автоконцерните беа уште соочени со сомневањето дека илегално се договарале. Според извештај на „Шпигел“, Фолскваген со своите ќерки Ауди и Порше, како и Дајмлер и БМВ уште од 1990-тите имале тајни работни групи во рамките на кои се договарале за своите возила, трошоците, доставувачите и пристапот кон темата дизел-издувни гасови. Ако овие обвинувања се покажат како точни, тоа ќе биде еден од најголемите картели во историјата на германската економија. Експертите во таков случај сметаат со казни од милијарди евра и стравуваат од долгорочни штети по имиџот на германската автоиндустрија.

Kombi Logos BMW Daimler Audi
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Weigel/U. Deck/S. Puchner

„Работите изгледаат како германската автоиндустрија во моментов да се растргнува самата себеси“, оценува автомобилскиот експерт Фердинанд Дуденхефер за ДВ. „Две години речиси секоја недела пристигнуваат негативни вести: рации на обвинителството во Порше, Мерцедес, Ауди, Фолксваген.“ Законите се направени со „дупки“, се прават трикови. „Работите изгледаат многу лошо“, оценува Дуденхефер.

Германската министерка за екологија Барбара Хендрикс за време на викендот предупреди дека самитот нема да биде само „кафе муабет“. Министерот за сообраќај Александер Добринт за „Билд ам Зонтаг“ рече дека автопроизводителите имаат „проклето голема одговорност за повторно воспоставување на довербата и за отстранување на сторените грешки“. Тој очекува „возилата да бидат оптимирани на сметка на производителите и тоа најбрзо што е можно“.

Политиката и автоиндустријата - прилично добри пријатели

Меѓутоа, во минатото соработниците на Добринт не постапуваа којзнае колку остро со автоиндустријата. Сојузната служба за сообраќај (КБА), која е под надлежност на Министерството за сообраќај и дигитална инфраструктура, според меидумски извештаи, под притисок на автоиндустријата ги „разубавувала“ извештаите од истрагата за скандалот со издувни гасови. Тоа го јави весникот „Билд“ повикувајќи се на преписка на КБА и автопроизводителите.

Volkswagen Abgas-Skandal Symbolbild Abgasuntersuchung
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Критичарите одамна обвинуваат за сплеткарење на автоиндустријата и политиката. Дури и министерката за екологија Хендрикс оцени дека браншата можеби се чувствува „премногу сигурна“. „Државата во минатото пречесто не ја задржуваше неопходната дистанца од автомобилската индустрија“, вели министерката Хендрикс.

Експертите се единствени во ставот дека германските автопроизводители мора брзо да направат промени ако не сакаат да претрпат големи згауби на пазарот. Дуденхефер меѓутоа стравува дека самитот во Берлин ќе се покаже како самит на поправки, на кој ќе има и употреба на трикови. Автоиндустријата ќе се обиде да спречи забрани за возење дизел во градовите, со тоа што ќе се нафати на мали поправки на софтверот на возилата. „Канцеларката сама мирни избори за Бундестагот, тоа е главна цел на самитот“, потенцира експертот.

Infografik Stickstoffoxid-Emissionen in Deutschland 1990-2015 ENG

Вклучување на даночните обврзници во игра?

На самитот може да стане збор и за тоа колку политиката може финансиски да помогне за решавање на проблемите на автоиндустријата. Од покраините каде има фабрики за автомобили се слушаат предлози за решавање на дизел-кризата со буџетски средства. „Мора да се создаде поттик за премин од старите дизел на Евро 6 возила и електромобили“, смета премиерот на покраината Долна Саксонија, Штефан Вајл, кој во игра ја става можноста за „даночни поттици или еден вид клима-премија која ќе биде понудена од индустријата и државата“.

Нови фондови и поттик за купување почисти автомобили: за даночните обврзници тоа не би бил задоволителен пресврт, затоа што тие страдаат од автомобилската криза - при вдишувањето издувни гасови, при купувањето измамнички дизел и на крајот - при решавањето на проблемите.