Две лица уапсени во Гетвик
22 декември 2018Во истрагата за беспилотни летала кои го попречија сообраќајот на лондонскиот аеродром Гетвик се приведени две лица, соопшти синоќа британската полиција.
„Полицијата околу 22 часот приведе две лица во рамки на истрагата за криминална употреба на беспилотни летала кои сериозно ја попречија работата на аеродромот Гетвик“, наведе полицијата. Станува збор за маж и жена кои биле уапсени во близина на аеродромот.
Повеќе:
-Аеродромот Гетвик отворен за сообраќај
-Дронови го парализираа лондонскиот аеродром Гетвик
Лондонскиот аеродромот Гетвик вчера накусо ги суспендираше летовите по информацијата за надлетување на беспилотните летала.
Сообраќајот на Гетвик, втор најпрометен аеродром во Велика Британија, е запрен во средата вечер откако се забележани два дрона над пистата, а затворањето на аеродромот погоди десетици илјади патници.
Лондонскиот аеродром Гетвик беше затворен за сообраќај повеќе од 30 часа.