Аеродромот Гетвик отворен за сообраќај
21 декември 2018Лондонскиот аеродром Гетвик е отворен за сообраќај откако беше затворен повеќе од 30 часа поради појавување на беспилотни летала над пистата.
Аеродромот соопшти дека пистата „во моментот е достапна“ и оти се планирани полетувања и слетувања на ограничен број авиони, пренесе Би-Би-Си.
Сообраќајот на Гетвик, втор најпрометен аеродром во Велика Британија, е запрен во средата вечер откако се забележани два дрона над пистата, а затворањето на аеродромот погоди десетици илјади патници.
Илјадници патници и натаму се блокирани на аеродромот додека полицијата сѐ уште трага по пилотот на дроновите.
Претставникот на аеродромот Крис Вудруф рече дека вчера 120.000 патници требало да полетат од моментот на затворање на пистата.
По повод појавувањето на беспилотни летала, британската полиција вчера соопшти оти верува дека во прашање е намерен чин, но оти нема знаци на поврзаност со тероризам.