1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Дали договорите со Москва пред половина век беа грешка?

А.Шубиќ / агенции
17 мај 2022

Пред 50 години Бундестагот ги усвои т.н. „Источни договори“ со кои тогашниот социјалдемократски канцелар Вили Брант тргна кон помирување со Москва. Денес, германските социјалдемократи ги критикуваат поради тој договор.

https://p.dw.com/p/4BPmC
Ратификација на таканаречените „Источни договори“ во 1972 година
Ратификација на таканаречените „Источни договори“ во 1972 годинаФотографија: Deutscher Bundestag

Сѐ до крајот на 60-тите години од минатиот век владата на Западна Германија, чие седиште беше во Бон, не сакаше ни да слуше за постоењето на Источна, социјалистичка Германија. Канцеларот Курт-Георг Кизингер (1966-1969) дури не сакаше ни да ја нарече држава, туку го користеше изразот „феномен на истокот“.

Уште поголем проблем беше границата на исток. Територијата на Полска, по Втората светска војна, длабоко завлезе во областа на некогашниот Рајх. Од таа страна на границата останаа некогашните куќи на стотици илјади германски бегалци. Тоа спречуваше да се воспостават дипломатски односи со Варшава. 

Социјалдемократот Вили Брант, уште како градоначалник на (Западен) Берлин беше сведок на подигањето на Берлинскиот ѕид. Веќе тогаш започна „политика на мали чекори“ и приближување, и голем успех беше и договорот за дозвола на посети или транзит низ советската зона. 

Вили Брант ( втор од лево) на Црвениот плоштад во Москва заедно со Егон Бар и Валтер Шел
Вили Брант (втор од лево) на Црвениот плоштад во Москва заедно со Егон Бар и Валтер Шел Фотографија: Sven Simon/IMAGO

Од конфронтација до соработка 

Брант таквата политика ја продолжи и како министер за надворешни работи во владата на Кизингер, а кога и самиот застана на чело на германската влада, политиката на помирување со Истокот стана централна точка во неговата политика. Неговиот министер за надворешни работи и член на Либералите, Валтер Шел, тоа го сумираше вака: „Станува збор за обид да се премине од конфронтација во соработка“.

На крајот само така на Истокот и можеше нешто да се стори: „промена низ приближување“, беше мотото на Егон Бар, советникот на Брант и сива еминенција на оваа политика на помирување.

„Новата политика кон Истокот на коалицијата меѓу социјалдемократите и либералите под канцеларот Брант ја запре тишината која владееше меѓу Бон и Москва, а воедно стави и крај на опстојувањето на барањата кон Истокот“, резимираше неодамна починатиот историчар Манфред Вилке. 

Повеќе: СПД и политичарите кои имат разбирање за Путин

Од друга стана, и Истокот сакаше да разговара. Затоа дојде до договор зачудувачки брзо: уште на 12 август 1970 година е потпишан Варшавскиот договор со Полска, а на 7 декември во Москва и договорот со Советскиот Сојуз. 

Трите докомента се зачудувачки куси: во само неколку члена тука се основните позиции, како што е одрекување од насилни решенија, почитување на постоечките граници во Европа и одрекување од какви било територијални претензии. Тоа значеше и дека Западна Германија ги признава „новите“ граници кон Полска.

Стотици илјади Германци мораа да ја напуштат областа која стана дел од Полска и дел од СССР по Втората светска војна.
Стотици илјади Германци мораа да ја напуштат областа која стана дел од Полска и дел од СССР по Втората светска војнаФотографија: picture-alliance / akg-images

Невидена кавга во Бундестагот 

Тие договори на Брант му донесоа Нобелова награда за мир, а веќе во 1970 година весникот „Тајм“ го прогласи за „личност на годината“. Но, не сите во неговата Германија се согласуваа со тие договори. Беше потребно повеќе од една година додека тие се најдоа на дневен ред во Бундестагот, а жестоката, жолчна и долготрајна расправа во парламентот траеше 22 часа и влезе во историјата на Германија. 

„Никогаш некое прашање толку не ги возбудило духовите кај нашиот народ, никогаш ставовите не биле толку огорчено спротивставени“, констатираше подоцна министерот за надворешни работи Шел. 

Драматично беше и за време на гласањето на 23 февруари 1972 година. Канцеларот Брант сметаше на парламентарно мнозиниство од својата партија СПД и коалицискиот партнер ФДП. Но, дури и некои од тие пратеници гласаа против. Тоа го наведе тогашниот лидер на демохристијаните, Рајнер Бацело, еден ден подоцна во парламентот да поднесе барање за гласање недоверба на владата. 

Владата на канцеларот Брант го „преживеа“ гласањето, но мистеријата поврзана со ова случување беше решено дури години подоцна. На лидерот на опозицијата, имено, му недостасувале два гласа од неговиот блок. Подоцна беше разјаснето дека своите прсти во тоа ги вмешала Штази, тајната служба на социјалистичка Источна Германија: пратеникот од ЦДУ, Јулиус Штајнер бил потплатен со 50.000 марки, а пратеникот од баварската ЦСУ, Лео Вагнер и онака бил доушник на Штази. Истокот не сакал Брант, а со него и договорите, да пропаднат. 

Жестоката расправа за „Источните договори“ во Бундестагот влезе во историјата на Германија
Жестоката расправа за „Источните договори“ во Бундестагот влезе во историјата на Германија Фотографија: Deutscher Bundestag

Петта колона? 

Дури три недели подоцна, по исцрпни преговори со опозициските демохристијани, се расчистени спорните прашања околу договорите. А тогаш, точно пред половина век, на 17 мај 1972 години, се ратификувани договорите во Бундестагот - со тесно мнозинство, бидејќи пратениците демохристијани биле воздржани. 

Дали истрајувањето на договорот на Вили Брант, како и вмешаноста на Штази, е потврда на тезата дека германските социјалдемократи уште од тогаш „водат рафинирана пропагандна војна“ и покажуваат наклонетост кон Кремљ? Дали зависноста на Германија од руски грас е всушност дело на овој канцелар? Бидејќи, навистина првите гасоводи и договори за набавка се направени уште во негово време. 

Мора да се спомене дека Договорите со Истокот биле основа на надворешна политика и на демохристијанскиот канцелар Хелмут Кол, кој во 1987 година застана на чело на германската влада, а за увоз на (евтин) руски гас сесрдно се залагаше и канцеларката Ангела Меркел, исто така од ЦДУ, сè до спорот околу гасоводот Северен тек 2. 

Оваа војна е дефинитивен крај

„Гледајќи ја тогашната политика кон Истокот, денес по прашањето за војната во Украина нема да стигнеме далеку“, вели историчарот Бернд Ротер, поранешен соработник на фондацијата Вили Брант. До нападот на Русија врз Украина, вели тој, преговорите сè уште биле опција, а нив ги воделе многумина во Москва. „Рускиот напад врз Украина создаде сосема нова ситуација“, вели Ротер.

Нападот на Русија врз Украина ја промени доктрината на германските социјалдемократи
Нападот на Русија врз Украина ја промени доктрината на германските социјалдемократи Фотографија: Daniel Ceng Shou-Yi/ZUMA Press/picture alliance

Денес и позицијата на Германија е сосема поинаква. Во периодот на некогашната Железна завеса, Германија беше на првата линија на можен конфликт, а сега е удобно сместена во центарот на Европа, релативно далеку од границата со Русија. „По 1989 година, во Европа беше воспоставен сосема нов мировен поредок, а во текот на 1990-тите изгледаше прилично добро“, рече Ротер. 

А тоа што Германија продолжува да инсистира на преговори, „не е во прв ред резултат на политиката на Брант“, посочува историчарот. „И не е само Германија, ниту се само германските социјалдемократи кои инсистираа на преговори со Русија“. 

Конечно, уште еднаш: дали германските социјалдемократи упорно му се умилкуваат на Кремљ? Ова е прашањето што го разбеснува актуелниот канцелар Олаф Шолц: „Оваа лажна и навредлива слика за политиката на германските социјалдемократи кон Русија постои од времето на (Конрад) Аденауер. И тоа ме лути“. 

Промената со јасни зборови ја сумираше членот на Претседателството на СПД, Ларс Клингбајл: „Ако партиската програма на СПД вели дека безбедноста во Европа може да се постигне само со Русија, тогаш ние, со оглед на актуелната војна, гледаме дека тоа повеќе не важи“.