1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците ќе одлучуваат: евро или драхма?

Јанис Пападимитриу/ Ж.А.29 јуни 2015

Откако ЕЦБ ги замрзна кредитите за тековна ликвидност за Грција, грчките банки една недела ќе останат затворени. Што ќе се случува потоа, не знае никој.

https://p.dw.com/p/1FowM
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Деталите уште не се познати, но трансферот на пари во странство од Грција веќе е ограничен. Дури и во внатрешниот промет, претпријатијата можат од сметките да подигаат и да трансферираат поголеми суми само со претходна дозвола. Освен тоа, банките ќе останат затворени најмалку до 6. јули. Според медиумските извештаи, од утре, вторник, ќе бидат дозволени барем подигања пари од банкоматите, иако во ограничена дневна сума од 60 евра. Утре, 30.06. истекува и програмата за финансиска помош на Грција, a засега не се во вид свежи милијарди помош.

Само минатиот месец Грците од своите банкарски сметки подигнале над 3,5 милијарди евра. Во јуни трендот продолжува непроменето. „Oграничувањата беа неизбежни“, изјави Михаел Глезакос, професор за финансиска политика на универзитетот во Пиреја, во интервју за ТВ Скај. Заштедите брзо ќе исчезнеа ако кредитните институти и натаму останеа отворени, смета економистот.

Европската централна банка сепак реши да не ги проширува кредитите за грчките банки за одржување тековна ликвидност, т.н. ЕЛА-кредити. Досега одобрените 90 милијарди се веќе речиси исцрпени. За професорот Глезакос тоа што ЕЦБ воопшто се‘ уште не се откажува од ЕЛА, е добар знак. „Најавата за референдум околу реформската политика во Грција шефот на ЕЦБ Марио Драги можеше да ја протолкува и како крај на тековната програма за помош, со што ќе беше оправдано едноставно затворање на славините за пари за грчките банки“, вели експертот.

Griechenland Schuldenkrise
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Заканувачка атмосфера пред референдумот

На најавеното затворање на банките првично не следеше никаква панична реакција. Но, во текот на попладнето вчера луѓето засилено ги опседнуваа банкоматите во надеж дека ќе повлечат поголеми суми пари пред воведувањето контрола на движењето на капиталот. И пред бензинските станици ноќеска имаше долги редици. За да се спречат кавги и кражби, грчката полиција врши засилени патроли, многумина службеници беа повлечени од користење годишен одмор.

Истовремено, политичарите од владејачката партија Сириза ги обвинуваат ЕУ-актерите и домашните и странските медиуми за иницирање кампања на паника, со цел да се предизвика несигурност кај грчкото население. „Кој ги намами сите овие луѓе на бензиските станици?“, праша пратеникот од Сириза Јоргос Ваременос во ТВ-интервју и самиот си одговори: „Овде е во прашање операција на внесување шок и страв кај грчкиот народ, за да може да го клекнат на колена“. Заговор против левичарско-десничарската влада во Атина? За опозициониот политичар и поранешен министер за стопанство Костис Хаѕидакис ситуацијата изгледа поинаку: „Имаме влада која во вид има резови од 8 милијарди евра, додека во предизборната кампања ветуваше благодети од повеќе милијарди евра“, изјави тој за ТВ Скај.

Промена на валутата „не е воопшто тема“

Во меѓувреме во земјата во преден план се наметнува прашањето дали на 5. јули на референдумот ќе се гласа за најновите предлози на меѓународните кредитори или за излез од еврозоната. Притоа, уште сега се врши поларизација во стилот „ние против сите останати“: во неделата приврзениците на Сироза демонстрираа пред Парламентот, како и пред претставништвото на ЕУ во Грција. За денеска во Атина повторно се закажани протести, а за утре собир на проевропските граѓани.

Никој во Сириза уште не сака да зборува за враќање кон драхмата. „Освен господин Шојбле, засега не гледам никого кој ни става во вид излез од еврозоната“, изјави Никос Филис, портпарол на пратеничката група на владејачката лева партија во ТВ-интервју. Новинарот Јанис Претендерис критички ја оценува ситуацијата: „Никој не верува сериозно в недела да гласаме за прашањето дали данокот на промет ќе изнесува 13 проценти или повеќе“, вели аналитичарот во интервју за ТВ Мега. „Во принцип, ние на референдум одлучуваме со која валута треба да отворат повторно нашите банки.“