1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчката влада се обидува да избегне државен банкрот

19 септември 2011

Грција уште еднаш упати уверување дека нема да попушти во напорите за надминување на должничката криза.

https://p.dw.com/p/12bjo
Министерот за финансии, Евангелос ВенизелосФотографија: dapd

Министерот за финансии Евангелос Венизелос, пред телефонската конференција со инспекторите на ЕУ и ММФ, изјави дека владата ги скицирала неопходните чекори за штедење. Венизелос на почетокот од неделава треба да ги објави предлозите за надминување на финансиските проблеми. ЕУ и ММФ соопштија дека од плановите за штедење на Грција зависи дали земјата ќе ја добие наредната транша финансиска помош.

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу, со оглед на тешката криза во која се наоѓа неговата земја, го откажа планираното патување во САД. Во соопштението на неговиот кабинет се вели дека премиерот ја одложил посетата на САД „поради тоа што оваа недела е од решавачко значење за тоа дали ќе бидат спроведени одлуките од 21 јули во врска со еврозоната“.  Во јули, водечките претставници на еврозоната и на ММФ постгинаа договор за дополнителен пакет мерки за спас за Грција во висина од 109 милијарди евра. Во мај веќе беше договорен пакет од 110 милијарди евра.

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, во интервју за „Билд ам Зонтаг“ ја предупреди Грција да ги земе сериозно предвид заканите дека нема да добие помош доколку не добие позитивна оценка од таканаречената Тројка, составена од претставници на ЕК, ЕЦБ и ММФ.

Автор: ЕМФ/ГЧ/дв/дапд

Редактор: Борис Георгиевски