1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција е поделена

Јанис Пападимитриу / Е.М. Фиданоска3 јули 2015

Претстојниот референдум околу политиката на штедење ја подели Грција: овде наводни левичарски лудаци, таму наводни опседнати со Европа.

https://p.dw.com/p/1FrgG
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Dieffembacq

Дебатата се води се‘ пожестоко непосредно пред референдумот, но таа не е нова: како Грција гледа кон остатокот на Европа? Според истражувањата на јавното мислење, Грците од приклучувањето кон тогашната Европска заедница во 1981 година се едни од најсилните застапници за европска интеграција, не само поради солидните финансиски инјекции од Брисел, туку и поради тоа што на Европа традиционално се гледа и таа се цени како сидро на стабилноста во еден немирен регион. Сепак, во кризни времиња се‘ погласни стануваат изолационистите и евроскептиците. Така е и во Грција.

Во понеделникот пред грчкиот парламент се собраа над 20.000 луѓе во знак на поддршка на одговорот „не“ на претстојниот референдум. Од нивен аспект, тоа би било „не“ за „однадвор наметната политика на штедење“, а не став за членството на Грција во еврозоната. Два дена подоцна повторно дојде до спонтани демонстрации против штедењето. Прво оние кои се против предлозите на кредиторите беа во мнозинство, но во меѓувреме анкетите укажуваат дека на референдумот ќе има трка рамо до рамо.

Тоа за Спирос Кореас е причина повеќе да излезе на улица: „Сакаме повторно да си ја земеме земјата во наши раце и да му ставиме крај на осиромашувањето. Затоа пледираме за гордо ’не’ в недела“, вели 50-годишникот во разговор за Дојче веле. Дали се плаши дека набрзина свиканиот референдум и жешката дебата околу иднината на Грција во Европа ќе ги подели луѓето? Спирос Кореас не се збунува и громогласно одговара: „Слобода не значи ништо друго, туку надминување на стравот. Кој се плаши, живее во ропство.“

Борбата на генерацијата на татковците за повеќе демократија

Судирот меѓу застапниците на „да“ и „не“ на референдумот се одвива многу емоционално. Притоа, многу демонстранти предвид ја имаат не само иднината на Грција, туку и нејзиното гордо минато - борбата на генерацијата на татковците за повеќе демократија во една од војни и кризи опустошена земја. Активистката Соња, која е за „не“ на референдумот, се сеќава: „Во јули 1965 година интервенираше палатата и ја собори демократски избраната влада во Грција. Тогаш сите излеговме на улица за да ја браниме демократијата во оваа земја. Никогаш не мислевме дека 50 години подоцна, во јули 2015 година, токму ЕУ, која толку радо се гледа како колевка на демократијата, исто толку остро ќе интервенира.“

Griechenland Referendum Symbolbild
Во понеделникот пред грчкиот парламент се собраа над 20.000 луѓе во знак на поддршка на одговорот „не“ на претстојниот референдумФотографија: Getty Images/AFP/A. Messinis

На улиците на Атина се‘ почесто се слушаат вакви историски споредби и укажувања на „Јулијана“, драматичните настани од јули 1965 година. Тогаш младиот крал Константин ја собори свежо избраната влада на лево-либералниот политичар Јоргос Папандреу, наводно за да спречи комунистичко востание. Следуваа улични борби, долга политичка криза, со влади кои постојано се менуваа, и ужасен воен пуч во 1967 година. „Јулијана“ тогаш го означи крајот на грчката демократија и даде, меѓу другото, основа за митот за основање на династијата Папандреу, која до денес учествува во кроењето на политичкиот живот во Грција. Сака ли левиачрскиот премиер Алексис Ципрас да се надоврзе на тоа, за да влезе во историјата како херој, дури и ако недоброволно би морал да си замине од власт?

„Ние демонстрираме за она што се подразбира само по себе“

Очигледно застапниците на „да“-опцијата, кои во вторникот исто така во голем број излегоа на улица, размислуваат во сосема поинакви категории. „На демонстрации не сум излегла цела вечност, но сега сакав да учествувам по секоја цена“, вели Василики. Таа не може да си престави никаков поинаков пат освен „да“ за Европа. „Овде во игра не е ништо помалку од иднината на нашата земја“, предупредува таа. Како адвокат, оваа мајка на две деца живее во скромна благосостојба. Нејзините деца ги воспитува либерално, повеќејазично и проевропски. Таа е дел од генерацијата која Европа без граници ја сфаќа како нешто што е разбирливо само по себе и тоа не сака во никој случај да го стави на коцка. „Мислам дека е едноставно неверојатно што овде демонстрирам за нешто што се подразбира само по себе и што за тоа морам да се борам“, се лути 44-годишната Василики.

Griechenland Athen Pro Europa Euro Demonstration
Застапниците на „да“-опцијата, кои во вторникот исто така во голем број излегоа на улица, размислуваат во сосема поинаку од противницитеФотографија: Reuters/M. Djurica

Застапниците на „да“-опцијата на референдумот гледаат како на промена на правецот на европската иднина на Грција, додека спротивната страна смета дека тој е само одлука за најновите предлози за штедење на кредиторите. Борбата за значењето на референдумот трае, а премиерот Ципрас сака да даде свој удел во сето тоа: кој ќе се одлучи за „да“, станува соодговорен за продолжување на политиката на штедење, предупреди тој во ТВ-обраќање во средата. Неверојатен потег, оценува писателот Христос Хоменидис: „Досега не се случило еден премиер да ги обвинува избирачите само затоа што не го дели нивното мислење. Тоа го немало ниту во авторитарен режим“, огорчено оцени Хоменидис во интервју за телевизијата Антена.