Група Авганистанци го напуштија Скопје
14 октомври 2021Десетина граѓани од Авганистан кои привремено беа згрижени во Северна Македонија, синоќа од скопскиот аеродром заминаа за Франција. Владата информираше дека Француската Република ќе им обезбеди прибежиште додека чекаат да им се признае правото на азил. Станува збор за дел од операцијата за помош на граѓани кои работеле за демократските институции и меѓународни организации во Авганистан, а се под закана на новиот талибански режим во земјата.
Северна Македонија учествува во меѓународната хуманитарна мисија со тоа што досега обезбеди привремен престој за 484 граѓани од Авганистан, вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, преведувачи, студенти и стипендисти.
За периодот на престој во земјава им се обезбедува сместување во објекти во Скопје, здравствена заштита и психосоцијална поддршка додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација. Трошоците во целост се покриени од меѓународните организации.