1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски во затвор на 8 ноември

БГ
26 октомври 2018

Експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски треба да се јави на издржување на двегодишната затворска казна за неполни две недели. Последна шанса за одложување на издржување на казната му е Врховниот суд

https://p.dw.com/p/37FlW
Mazedonien Proteste in Skopje VMRO DPMNE Nikola Gruevski
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Груевски е осуден за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство кое го гонеше за незаконито влијание при набавката на луксузен мерцедес по цена од над 600 илјади евра во 2011 година. Првостепената пресуда која ја донесе Основниот суд во Скопје во мај годинава, беше потврдена и од Апелацискиот суд на 5 октомври.

Упатот за пријавување во затворот во Шутка на Груевски денеска му го врачил судски службеник во ходникот на судот, каде експремиерот очекуваше почеток на рочиштето за случајот „Траекторија“.

Покрај Груевски, за случајот „Тенк“ неправосилно е осудена и тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Доколку и биде потврдена правосилно казната, таа ќе мора во затвор 6 години. Поранешниот помошник-министер Ѓоко Поповски за истото дел доби затворска казна од 4,5 години и веќе е на издржување.

Сепак, за Груевски не се исцрпени сите правни лекови во случајот. Тој може да го одложи одењето во затвор доколку Врховниот суд му го прифати барањето за вонредно преиспитување на казната. Такво барање одбраната на Груевски веќе испратила до Врховниот суд. Овој суд, на чие чело е Јово Вангеловски, може да одлучи да му го одложи издржувањето на казната на Груевски. Врховниот суд веќе слично постапи и во случајот на експремиерот Владо Бучковски. Претходникот на Груевски на премиерската функција беше правосилно осуден на казна затвор од две години во случајот „Тенковски делови“.

Но, Бучковски никогаш не замина на издржување на казната откако Врховниот суд ја прифати неговата жалба и го врати случајот на повторно одлучување во пониските судови. Судењето на Бучковски, во меѓувреме, се уште трае.

Во законот за извршување санкции се наведени уште осум можности кои можат да се искористат за одложување на извршувањето на казната. Единствената шанса за Груевски во тој случај е доколку се повика на потребата да се грижи за воспитување и чување на децата, доколку таквата потреба ја утврдат органите за социјална заштита во неговата општина.