1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Големи пропусти на властите пред нападот во Виена

ЕМФ | афп
24 декември 2020

Австриските безбедносни власти направиле големи пропусти пред терористичкиот напад во Виена, извршен на втори ноември, укажува извештај на Истражната комисија на владата во Виена.

https://p.dw.com/p/3nC6d
Österreich Wien nach dem Terroranschlag
Фотографија: Matthias Schrader/AP Photo/picture alliance

Австриските власти пропуштиле повеќе можности да ја препознаат опасноста која произлегува од Кујтим Фејзулаи, кој го изврши терористичкиот напад во Виена, и да реагираат правовремено, се вели во првиот извештај на владината истражна комисија за нападот, од кој, поради безбедносни причини, се објавени само извадоци.

По отпуштањето од затвор на младиот исламист, во декември 2019 година, минале дури 10 месеци додека, во октомври годинава, била направена проценка за опасноста која произлегува од него, се вели во извештајот. Според таа проценка, од 20-годишниот Фејзулаи, кој израснал во Австрија, а има потекло од Северна Македонија, произлегува „висок ризик“.

Атентаторот на почетокот на ноември отвори оган во центарот на Виена и уби четири лица, а повреди 14, пред да биде убиен од страна на полицијата. Џихадистичката милиција Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот.

Фејзулаи претходно бил осуден на затвор поради обид да замине за Сирија со цел да се бори на страната на Исламска држава. Казната од 22 месеци затвор не морал да ја одлежи до крај. На почеткот на декември 2019 година бил отпуштен од затвор, откако, преправајќи се, успеал да ги увери надлежните дека успешно поминал низ програмата за дерадикализација.

Повеќе:

Како терористот од Виена Кујтим Ф. стана радикален исламист

Еден од напаѓачите во Виена има потекло од С. Македонија

Австрија бара податоци за петмина осомничени од Македонија и Косово

Виена- центар на џихадисти од Балканот?

Авторите на извештајот од Истражната комисија на австриската влада критикуваат дека тоа што проценката на ризикот во врска со Фејзулаи траела речиси 10 месеци е „неприфатливо“. Заканата која произлегува од него станала јасна веќе во јули, кога се сретнал со познати германски и швајцарски исламисти. Освен тоа, германските власти исто така и' укажале на Австрија на опасноста што произлегува од Фејзулаи.

Виенската Служба за заштита на Уставот и борба против тероризам (ЛВТ), како што се вели во извештајот, за одолговлекувањето на проценката образлага дека таа се должи на недоволно ресурси и преоптовареност со работа. Соработник на ЛВТ, како што стои во извештајот, се обидел да предупреди дека учеството на Фејзулаи на средбата на исламистите е доказ за постоење „многу опасна терористичка ќелија“, но колегите од Сојузната служба за заштита на Уставот и борба против тероризам (БВТ) му одговориле дека треба да молчи. БВТ ги отфрла ваквите обвинувања.

Друга можност за спречување на атентатот австриските власти пропуштиле во јули, кога биле информирани од страна на словачките власти дека Фејзулаи се обидел да купи муниција, стои во извештајот. Подоцна БВТ добила снимки од надзорни камери од 27 јули годинава, кои на ЛВТ во Виена и' биле проследени дури по еден месец. ЛВТ анализирала дека лицето на снимките е најверoјатно Фејзулаи. Службеникот кој побарал преземање натамошни мерки против исламистот, бил игнориран, наведува Истражната комисија.

Комисијата треба да поднесе подетален извештај на крајот на јануари 2021-ва.